„Памперс“ со мини-концерт и во Скопје
По карванот низ повеќе македонски градови, каде што „Памперс“ концертно го промовираа албумот „Ох Њхатевер“, вечерва битолскиот состав ќе настапи и во клубот „Ван Гог“.
Албумот „Oh Whatever“ е работен во изминатава година во студиото „Атриум“ во Битола. Мастерингот, т.е. крајната обработка е направена во САД, кај еминентниот светски продуцент Бо Хил, додека една композиција е доработена во „Фабрика 13“ во Словенија. Комплетниот авторски и продукциски производ е дело на Даниел Митревски, Ирена Димовска и Марк Пурпоуз, како и на Александар Буневски и Ален Туцо кои, всушност, се дел од „Памперс“.
Битолчаните велат дека албумот е создаден за луѓето кои се млади во духот, со слободна мисла и напредни погледи.
- Посветен им е на сите оние што се жедни за нешто поинакво од македонскиот мејнстрим, за оние што сакаат музика која бара посветеност и внимание за да ја слушнеш и вистински да ја запознаеш - велат тие.
На албумот се наоѓаат 12 песни, од кои едната е бонус и истовремено најава за развојот на стилот на „Памперс“ што ќе биде присутен на нивниот следен носач на звук.
Пред концертното претставување во Скопје, составот веќе го промовира материјалот во Прилеп, Гевгелија, Охрид, Битола и во Тетово. Почетокот на настапот во „Ван Гог“ е закажан точно на полноќ.
Автор: Б. В. Б.
Извор:
Нова Македонија