Не пратам со интензитет се што се случува пред настанов, како што сум правел изминатите мундијали. Едно поради немање вистинска желба, а друго поради тоа што доаѓа во период кога сум горе долу overwhelmed од фудбал и фактот дека Катар како избор на домаќин е резултат на невиден криминал.
Од она што сум го видел досега, најсимпатични ми изгледаат составите на Бразил, Холандија и Аргентина. Мислам дека наспрема нив, Англија, Португалија, Германија, Белгија, па еве и Шпанија ќе ја ставам тука, имаат некако неизбалансирани состави, а Франција, иако ветува најмногу од европските, кај и да е очекувам дополнително да пострада од комплексот кој си го наби изминативе години со ЕП и Лига на нации.
Некако се ми е чудно околу ова СП, првично дека натпреварувањето ми е синоним за собирање со друштво после плажа, кај тој еден другар кој извадил телевизор во двор и татко му доаѓа со голо меше да пцуе на секои 10 минути и да зборува за златните времиња на Пеле и Марадона. Сега најверојатно ќе гледам спастрен дома, ќе пуштам прочистувач за воздух и ќе се убивам од тага и меланхолија додека чекам да заврши оваа голгота која ме трауматизира уште незапочната.