http://www.ekipa.mk/News.aspx?newsId=6814
Несериозноста на проектот наречен СЕХА-лига уште еднаш излегува на површина, откако е неизвесно дали воопшто ќе се одигра македонското дерби во ова регионално натпреварување, во кое што Вардар про треба утре треба да го пречека Металург. Овој датум е закажан уште пред долго време, но барањето на водечките луѓе на лигата за предвремено прекинување на регуларниот дел од сезоната ги подели клубовите.
Првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски, на денешната прес-конференција покажа допис од челниците на СЕХА, во кое што се наведува последната порака од водечките луѓе на ова натпреварување истакнуваат дека иницијативата за предвремен прекин на шампионатот на вродила со плод.
„
По првичниот предлог на СЕХА за прекин на регуларниот дел позитивно се изјасниле само Загреб и Металург. Извиѓач бил неутрален, а сите останати против. Затоа од СЕХА одлучиле да ја почитуваат вољата на мнозинството и испратија допис во кој се вели дека лигата продолжува. Во ред е да се игра, затоа што би биле несериозни пред Европа ако решиме да се прекине регуларниот дел. Така се руши имиџот на лигата. Но од Металург до овој момент писмено немаат потврдено дека не играат, како што можеше да се слушне и вчера и денеска“, изјави Михајло Михајловски.
Од таборот на Металург се уште немаат дефинитивен став околу тоа дали избраниците на Лино Червар ќе излезат на мегдан со „вардарци“. Проблем во сето ова претставува фактот дека СЕХА не би можела поригорозно да го казни македонскиот тим дури и ако реши да не игра, како што впрочем тоа беше случај со Загреб КО по одложувањето на неговото гостување во Скопје, токму против Вардар про. Тогаш „вардарци“ инсиситраа мечот да се одигра што поскоро, но хрватскиот првак го одби тоа барање користејќи го тој период за што подобро подготвување на тимот за пресметките со Металург во ЛШ.
Во незавидна ситуација се наоѓа тренерот на Вардар про, Веселин Вујовиќ, кој што и самиот е зачуден од несериозноста на целиот проект.
„
Неверојатно е колку е ова несериозно. Утре треба да играме натпревар, не знам што да им кажам на ракометарите, дали ќе има дерби-меч со Металург или не. Како можам да создадам атмосфера, да мотивирам некого кога ни самиот не знам дали мечот ќе се одигра“ - истакна кормиларот на „вардарци“.
Според последните информации, РК Металург на состанок на Управниот Одбор попладнево ќе донесе одлука дали да настапи на овој натпревар.