https://www.mkd.mk/svet/analizi/koga-gledate-kako-edna-zemja-pravi-budala-od-sebe
Кога гледате како една земја прави будала од себе
Ниту една земја во светот не ја негуваше ароганцијата така како Британија. Но тажната вистина е: поранешната светска сила сега не може ни да стигне до вратата без да се сопне од сопствените нозе.
Во својата книга „Ние Германците“, новинарот Матијас Матушек пишува за една вечер помината во германската амбасада во Лондон. Амбасадорот ѝ бил домаќин на писателката Антонија С. Бајат, како почесен гостин, а на Матушек му паднало да ѝ наздрави на авторката. Како одговор, таа го изненадила со прашањето што мисли за идејата за европски устав. Матушек одговорил дека тоа веројатно не е толку лоша идеја ако европската заедница на нации се согласи за неколку основни принципи, вели уредникот на
Шпигл Иан Флајшхауер.
Леди Бајат потоа рекла: „Знаете, на нас Британците не ни треба устав. Ние сме најстарата демократија во светот“. Таа накратко паузирала пред да продолжи: „За младите земји како вас Германците, уставите може многу да бидат корисни“. Би било речиси невозможно, пишува Матушек, да се преувеличат горделивоста и презривоста со кои бликаше нејзиниот глас. „Во суштина, таа велеше“, пишува тој, „вие сте варвари, пред само кратко време ги оставивте стаповите. Вам ви треба поводник“.
Такви се Британците, и ние ги сакаме поради тоа. Тие никогаш не останале без одговор и постојано се подготвени да искараат некого. Проблемот, сепак, е дека ако се однесувате како да сте центар на светот, вие всушност треба да бидете центар, или нешто слично на тоа. Какви што се условите во моментов, Британците наскоро нема да бидат ни на растојание за довикување од центарот на Европа.
Обединетото Кралство во моментов покажува како една земја може да направи будала од себе пред очите на целиот свет. Она што некогаш беше најмоќната империја на Земјината топка, сега е држава што дури не може ни да го најде патот до вратата без да се сопне од сопствените нозе.