Пепи Манасков (Велес, 19 август 1964) е поранешен македонски ракометар, член на македонската ракометна репрезентација кој поради своите врвни квалитети и популарност е сметан за легенда на македонскиот ракомет со што е прогласен и за најдобар македонски ракометар на ХХ век.
Роден е во Велес каде што во 1977 година ја започнал својата кариера во РК „Борец. Во текот на својата богата спортска кариера играл во македонските клубови „Пелистер“ (со кого играл во финалето на купот на СФРЈ во 1986 и „Вардар Ватростална“. Имал и богата интернационална кариера во странство во клубовите „Кретеј“ од Франција, „Хамелн“ од Германија, „Филипос“ од Грција и „Пивоварна Лашко“ од Словенија. Настапувал за репрезентацијата на СФРЈ, а со репрезентацијата на Македонија учествувал на ЕП 1998 во Италија и СП 1999 во Египет. За националната репрезентација на Македонија одиграл 84 натпревари во кои постигнал 264 голови.
По завршувањето на својата 29-годишна играчка кариера во 2006 година, тој се обидува како тренер во повеќе наврати во „Борец“ и „Металург“,
а моментално е тренер на РК „Куманово“.