TpH_Bo_OkO
Трноризец
- Член од
- 18 мај 2005
- Мислења
- 11.537
- Поени од реакции
- 878
поет, есеист, патописец и публицист. Роден е во Ниш, СР Југославија на 23 ноември 1937 година. Студирал право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Живеел и творел во Загреб, Хрватска (1964-1982), во Белград, СР Југославија (1982 - 1985) и од 1985 година е во Скопје. Член е на Сојузите на писатели на Хрватска и на Србија, на Македонскиот ПЕН центар. Член на ДПМ од 1961 година.
Автор е на книгите: Суша, свадба и селидби (поезија, 1961), Корабија (поезија, 1964), Високо пладне (поезија, 1966), Боемија на Природата (1969), Низ проѕирката на мечот (поезија, 1971), Сонце за кое змијата не знае (поезија, 1972), Пир (поезија, 1973), Зрна (поезија, 1975), Молњи (поезија, 1978), Стражи (поезија, 1980), Чума (поезија, 1984), Отклучување на патиштата (патопис, 1986), Клучеви (поезија, 1986), Марена (поезија, 1986), Избрани дела во три тома (1986), Темелник (поезија, 1988), Зрна, Молњи и Клучеви (трилогија, 1989), Бог на утрото (поезија, 1991), Што може поезијата (есеи, 1993), Вселенски деца (поезија за деца, 1993), Демократска џунгла (политички есеи, 1994), Јавач на звукот (поезија, 1995), Порака на поетот до сите поети на светот - Струшки вечери на поезијата (1995), Синот на Сонцето (поезија, 1999). Автор е на манифестите: Епското на гласање(коавтор, 1960) и Манифест на Поетска Република Железна Река (1990).
Добитник е на наградите: „Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Повелба на печалбарите“, „Гоцева повелба“, „Ацо Шопов“, на странските награди: „Младост“, „Златна струна“, „24 Дисова пролет“, „Ристо Ратковиќ“, стихозбирката „Зрна“ е прогласена за најдобра книга од Југословенската радио телевизија (ЈРТ, 1975), ракописот „Пир“ е награден за неговите високи уметнички вредности (Хрватска, 1972). Добитник е на светското признание за животно дело АБН-САД (1998), во Тринаесетата едиција на интернационалното издание „Кој е кој меѓу интелектуалците“ (1999) на Интернационалниот Биографски Центар (Кембриџ, Англија) се објавени детална биографија и библиографија. Посебни поетски книги му се објавени на англиски (две), француски, шведски, руски, чешки, романски, турски (три), српски (десет), словенечки и албански јазик.
Избор од „Стражи“
Елипса
Ме виде на сон
а јас на Север
чув како работат
часовниците на смртта
и ти како се бориш
и како отклучуваш простори
и ја заведуваш големата сенка
да не ти ги покрие очите
за да го видиш сина си
потоа таа голема сенка
од пролетта прави есен
и ги затвора патиштата
пристапот кон тебе да биде тежок
како кон престол на болот
на кој лежиш прикован
а само гранче на прв цут на црешна
трепери врз камен како врз дланка
и зема душа на пролет
од гласот на твојот Дух.
Ангелот е во воздухот,
со една нога на земја.
Прва стража
Меѓу цветовите и камењата
подоцна ќе се јави оган
и модра веда ќе фркне до изворите
Речникот на Природата ќе дојде до збор
да ја изговори својата тајна Сега пред нас
ти татко сè знаеш а замолче Синоќа
префрлавме планини на болот
и штом со очите се видовме
ти ги склопи очите а те осветлија
големи светлини Жалоста наша да биде
строга и затегната како бајрак во бој
Убавината што не испушта од себе
ни меч ни перо ни благост на плод
и ведра нежност на цвет
а за тоа да не дознае светот-твојот лик
за нас да се задржи за вечност
чисто и совршено лице на цонцето
што вчера на пладне го бараше од мрак
зеде од сонцето светлина
и да ја затвори во својата дланка
по чии линии
бродат корабите на твојата душа.
Елипса II
Ние не сме одовде
и ние овде нема да останеме
Ќе останат како ветрови
зборови да лутаат и завиваат
Далечна љубов ќе дојде
по своите деца
и сите ѕвезди едни до други
блиску ќе се
Сè што сонувавме вистина
ќе биде Од атом ослободена
музика место збор
во нас како елегија
за едно минато време ќе пее.
Втора стража
Во април те испуштаат моите раце
Те преземаат како успиено дете,
мудрец и воин – рацете на Природата.
Тука околу нас се сите
часовници на времињата. Работат.
Пролетта работи во цутовите
Не го разбирам гласот на кукавицата
Ластовиците летаат високо
а јас син ти во ова врткалиште
на елементите во наезда, но така спокојно,
ги распоредувам силите мои – твои сили
во една голема песна за целиот свет
да бидат,
и во овој наш дом в планина
место да има за песната. Твојата невиност
и грижа на родител вчера на пладне
печат му удри на сонцето
Ги затегна и покрена планините
како бродови.
Елипса III
Одзад ѕидот вреворат,
тропкаат в место,
слегуваат
и се искачуваат
по скалите на омраза
жителите на злото.
Од зборот отклучувам
радиум
и го озрачувам
тоа седело на стршлени,
Во меѓата се крева
петопрст
и јагне блее.
Јупитер и Сатурн
налактени врз планина
ја мотаат
преѓата на нивниот темен глас.