Дали вие сметате дека простувањето е за послабите? Дали ако не простиш - ти си силна личност, цврсто застаната и доследна на своите принципи да не попуштиш? Или обратно - ако простиш си се издигнал повисоко и си ја ослободил душата од напнатост, горчина, мисли што оптеретуваат за одредена ситуација/личност во животот?
Не мислам дека простувањето е за послабите. Има други начини за да се покаже дека си цврста личност, доследна на своите принципи, не со тоа што нема да простиш.
Напротив, простувањето му дава шанса да човекот промени некои работи, да се покаже како личност која знае да го цени тоа што го има, реално да ја согледа ситуацијата и да не дозволи да изгуби некои работи од животот.
Колку е за вас тешко да простите? Дали им простувате на луѓето, барем длабоко во себе? Дали сте доволно силни во очи на некој да му кажете: „Ти простувам, ослободи ја душата“?
Дали простувањето е ослободување на самиот себе си од стегите на некоја болна случка, дали е ослободување на другиот или и на двајцата?
Зависи за што се работи, на која личност треба да и простам, како јас сум ја поминала целата таа работа, зависи од многу работи.
Мислам дека простувањето е една од најдобрите човечки особини и откако ќе се прости на некој начин личноста иако воопшто и не била виновна, се чувствува како да си ја прочистила душата, од грижа на совеста, ако не од ништо друго.
Простувам, но тоа многу тешко ми оди за работи со кои ме повредиле. И кога веќе ќе и простам на таа личност, тоа што ми го направила ми е тешко да го заборавам. Можеби и продолжувам да ги имам контактите со особата, но сепак тоа ми останува како сенка која секогаш ќе ме прати.
Сте имале потреба да ви прости некој? Како сте реагирале во такви моменти кога имате потреба да знаете дека ви простуваат? Молите за прошка, искрено кажувате дека сте згрешиле и сакате да продолжите понатаму со крената глава?
За да побараш од некого прошка, или ако барем ја чувствуваш таа потреба, треба прво да се покаеш?
За да ти простат треба прво да се покаеш во себе, јасно да му дадеш на знаење на тој на кој си му згрешил дека си се покајал и дека сакаш да ти прости. Така и постапувам, иако не правам некои толку големи работи за од некој да барам прошка. Можеби некогаш, ненамерно.
Но, откако ќе ми простат, се чувствувам полесно и како да ми паднал камен од срцето.