Колку се радувам на веста, ми го разубави денот :
Александар ќе дојава во октомври 2010 година
Општина Центар по две години молк конечно откри дека на плоштадот во Скопје ќе крева споменик на Александар Македонски висок 22 метри, и дека за негова изработка ќе потроши 4,5 милиони евра. Први во Скопје ќе стигнат скулптурите на лавовите, кои во парови ќе стојат од двете страни на мостот Гоце Делчев и ќе бидат високи по пет метри
Споменикот на Александар Македонски качен на коњ со вкупна висина од 22 метри до октомври 2010 година треба да биде поставен на плоштадот Македонија во строгиот центар на Скопје. Општина Центар вчера за прв пат по повеќе од две години откако почна постапката за изработка на споменикот, официјално даде информација дека тој се работи по идејното решение на скулпторката Валентина Стевановска и дека во моментов е на зголемување во Италија.
Владимир Тодоровиќ, градоначалник на Општина Центар, рече дека за изработка на споменикот ќе потрошат 4,5 милиони евра и дека го изработува леарницата "Фердинандо Маринели" од Фиренца.
"Споменикот на Александар со коњот ќе биде висок 12 метри, а ќе биде поставен на постамент од 10 метри. Целиот споменик ќе се постави во средината на фонтана во кружна форма, за чија изградба веќе добивме сообраќајно решение од Градот и наскоро треба да почнеме со градежни активности. Самата фонтана ќе има димензии колку што е сега кругот во центарот на плоштадот", рече Тодоровиќ.
За изградба на фонтаната механизацијата на плоштад Македонија ќе влегува од страната кај паркингот пред Телеком, а како што рече Тодоровиќ околу 30 отсто од површината на плоштадот ќе биде во функција на ова градилиште. Одговарајќи на новинарско прашање како тоа Општина Центар ќе гради на плоштадот, за кој Градот Скопје има концесија на 99 години, градоначалникот на Центар одговори дека Министерството за транспорт ќе му ја одземе концесијата на Градот.
Од 16-те споменици што Општина Центар ќе ги подига во строгиот центар на Градот, први ќе стигнат лавовите, односно на двете страни на мостот Гоце Делчев до крајот на годината треба да се постават по еден пар лавови. Едниот пар е од авторите Дарко и Елена Дуковски, а другиот од скулпторот Константин Јанев и тие се веќе на леење во истата леарница во Фиренца. Тодоровиќ рече дека еден пар лавови Општината ќе ја чини 1,15 милиони евра и тие ќе бидат високи пет метри, а долги од пет до шест метри. Спомениците на Гоце Делчев и Даме Груев качени на коњи, од скулпторот Жарко Башевски што треба да стојат на плоштадот Македонија од двете страни на Камениот мост, Општината ќе ја чинат 850.000 евра. Околу 800.000 евра Центар ќе потроши и за споменикот на Цар Самуил од скулпторот Димитар Филиповски, кој е на леење во леарницата "Галерија Баѕанти" во Фиренца. Скоро исто толку ќе чини и споменикот на Методија Андонов Ченто, чиј автор е исто така Димитар Филиповски. Споменикот на Никола Карев качен на коњ од скулпторот Богоја Ангелкоски што треба да стои пред зградата на Собранието, Тодоровиќ не кажа колку ќе чини, но тој во јуни годинава треба да се однесе на леење во Фиренца.
"Освен споменикот на Александар Македонски, сите останати ќе имаат постамент со височина од три метри, а самите споменици ќе бидат високи до пет метри", рече Тодоровиќ.
Само за изработка на овие споменици Општина Центар ќе потроши над 9 милиони евра, а изработката на останатите за кои не е избран изведувач, како што кажа градоначалникот, ќе биде одложена.
"Изработката на спомениците на свети Кирил и Методиј, свети Климент и Наум Охридски, Цар Јустинијан, гемиџиите, Карпош, основачите на Македонската револуционерна организација, Првото заседание на АСНОМ, бранителите и паднатите херои за Македонија ќе се стави во мирување", рече Тодоровиќ.
Извор:
ВЕСТ