Не знам колку сте слушнале за Dyatlov Pass Incident. За оние кои не знаат, се работи за мистериозна смрт на 9 руски студенти, под неразјаснети околности, на 2 февруари 1959, на Урал, додека биле во планинарска експедиција да ја освојат планината Отортен. Телата на планинарите биле пронајдени многу подоцна, некои од нив дури и месеци по нивната смрт, раштркани низ планината, оддалечени еден од друг, а километри далеку од шаторот во кој биле сместени, а кој, за да избегаат, го исекле од внатрешната страна, и избегале оскудно облечени, некои дури и без чевли на нозете. Обдукцијата врз телата покажала дека 6 од планинарите умреле од измрзнување, додека тројца имале фатални физички повреди: еден скршеница на черепот, а двајца (од кои една девојка) сериозни повреди на градите. На девојката, дури, и фалеле и очите и јазикот, а и на уште еден планинар му биле откинати парчиња од лицето.
Од тогаш до денес оваа мистерија го привлекува вниманието на луѓето низ светот. Има многу теории за смртта на планинарите, меѓу кои: дека се жртви на воени тестови на руската армија, дека биле расоблечени и умреле од премрзнување заради наводнен феномен, таканаречен „парадоксално соблекување“, дека биле нападнати и бркани од диви животни, или од Манси племето кое живее во село во непосрена близина на планините, или од Јети, или од НЛО (и од нивна страна, а и од други планинари и Манси племето кое живее во непосредна близина на планините биле забележани портокалови топки на небото деновите пред нивната смрт), дека ги затрупала лавина, дека се испотепале меѓу себе заради наводни љубовни несогласувања... Секоја од овие теории е со низа фалинки, зашто иако секоја објаснува дел од мистеријата, не покрива сѐ...
Јас за мистеријата прв пат слушнав летоска, гледав некој документарец за неа, и видов дека има снимено научно-фантастичен филм во 2013, со наслов: The Dyatlov Pass Incident. Го симнав уште тогаш, но го гледав дури пред некој ден, за да ослободам простор на хард диск. Филмот не е за конкретниот инцидент, туку за група од 5 американски алпинисти кои во 2013 заминуваат во Русија за да го рекреираат настанот со руските планинари. Снимен е со found footage техника, која беше доста популарна тој период, и иако е cheesy, и делува тинејџерски наивно, мене ми го задржа вниманието, и бидејќи ме држеше напнат цело време, дури и високо го оценив. А кога го оценував, на IMDB ми се појави дека во 2020 Русите направиле серија, на англиски преведена како:
Dead Mountain: The Dyatlov Pass Incident. Мини-серија од 8 епизоди од кои 4 се рекреирање на настанот со руските планинари, а 4 за истрагата по нивната смрт, но не подредени хронолошки. Не пропуштив веднаш да ја симнам серијата и ја изгледав. Прекрасна е! Од глума, до секакви техникалии, сценарио, приказна, кинематографија, сценографија... Буквално сѐ е топ! Затоа искрено ви ја препорачувам на сите.
Инаку, некој швајцарски институт или што и да е во јули 2020 излегол со резултати по опсежно истражување на инцидентот. Мислам дека некаде прочитав дека дури и ексхумирале некои од телата на планинарите. Тие потврдуваат дека всушност ја решиле мистеријата за Dyatlov Pass Incident (наречен така по водачот на групата планинари, Игор Дјатлов). Руската серија е идентична со објаснувањето на Швајцарците, што значи, веројатно најблиску до тоа што најверојатно навистина се случило (иако никој никогаш нема да дознае што всушнот навистина се случило). Затоа, ако сакате да ја гледате серијава, а да не знаете што ќе се случи до крај, ве советувам да не читате ништо. ОК, ќе знаете дека сите умреле, ама нема да знаете како.