АМБАСАДОРКАТА НУЛАНД ГИ УВАЖИЛА АРГУМЕНТИТЕ НА ВЛАДАТА
Може и избори и преговори Нуланд била информирана дека останува процедурата - секој нов предлог за име прво да биде разгледан од релевантните политички лидери и да се распише референдум за решението за кое би се согласиле двете страни
Македонија останува во разговорите за името, без разлика дали Собранието деновиве ќе одлучи да се самораспушти. Нема никакви пречки македонскиот преговарач Никола Димитров да ги продолжи разговорите со својот грчки колега Адемантиос Василакис во рамките на процесот што се води под покровителство на Обединетите нации, зашто тој е назначен на таа функција со указ на претседателот на државата и неговиот кредибилитет е неспорен. Ова, дознаваме од дипломатски извори, бил ставот што македонската Влада и' го соопштила на американската амбасадорка Викторија Нуланд. Амбасадорката била известена дека останува досегашната процедура - секој нов предлог за име прво да биде разгледан од релевантните политички лидери, а Владата соопштила и дека останува на ставот да се распише референдум за решението за кое би се согласиле двете страни.Според истите извори, Нуланд ги прифатила овие објаснувања, велејќи дека предвремените избори се внатрешна работа на Македонија. Официјалниот став на Владата вчера го соопшти министерот за надворешни работи Антонио Милошоски. Тој оцени дека изборите не го исклучуваат процесот што го води господинот Нимиц. - Разговаравме со повеќе меѓународни чинители во и надвор од земјава. Домашната политика е прашање на домашна процена. Сметам дека Македонија и македонското собрание, како и политичките партии во соработка со ОБСЕ, се зрели и имаат силен капацитет да донесат одлука за предвремени избори и успешно да ги спроведат. Особено што оваа иницијатива доаѓа од една релевантна опозициска партија и заслужува посебно внимание. Со досегашната неефикасност, Македонија ќе постигне помалку отколку да имаме предвремени избори - рече вчера Милошоски.Владини извори велат дека досега неколкупати биле регистрирани моменти кога преговорите за името се воделе, иако биле спроведувани парламентарни избори. Бруталното прекршување на Привремената спогодба од страна на нашиот јужен сосед во Букурешт наметнува нова ситуација и нов факт, кои имаат реперкусија и внатре во македонската политика и затоа е потребно да се прибереме и со нов мандат да одиме понатаму. Имаме нова и тешка ситуација и е битно да ги слушнеме сите. Не станува збор за одлука што треба да биде донесена зад затворени врати, туку за крупно национално прашање, кое не е врзано со ритамот на дневната политика. Најлоша одлука е избрзана одлука. Процесот на консултации мора да го завршиме темелно, и тоа нема да значи месеци или векови. Но, истовремено тоа апсолутно не значи дека жешкиот костен во меѓупериодот ќе му биде префрлен на шефот на државата - вели висок владин извор.
Нуланд знае кој ќе победи?!
Според извори од учесниците на средбата што Нуланд ја имаше со македонскиот државен врв, таа коментирајќи ја идејата за предвремени избори,
рекла дека тие не ги менуваат многу работите, зашто и со нив и без нив играчите од македонска страна остануваат исти. На ова
реагирал претседателот
Бранко Црвенковски со прашање до Нуланд дали таа однапред го знае исходот на изборите, на што амбасадорката одговорила дека не го знаат исходот, но знае каков е распоредот на силите на македонските партии.
Сашо Кокаланов
фото:Слободан Ѓуриќ
www.dnevnik.com.mk