Пеколот како место каде што ѓаволот те вари во некој казан и повремено те замешува со греблото е човечка измислица, како и чистилиштето во Римокатоличката црква, како и митарствата во православните цркви.
„Господ, Бог, му заповеда на човекот, велејќи: „Јади слободно од секое дрво во градината, но да не јадеш од дрвото за познавање на доброто и злото! Во денот кога јадеш од него, навистина ќе умреш!”
(Битие 2:16-17, Библијата)
Бог не му рекол на човекот дека ако направи грев дека ќе биде вечно мачен, туку дека ќе умре. Смртта е нешто спротивно од животот. Ако животот е постоење, смртта е непостоење.
„Заслуженото (платата) за гревот е смрт, а дарот Божји е вечен живот во Исус Христос, нашиот Господ.“ (Римјаните 6:23, Библијата)
„И смртта и Подземјето беа фрлени во огненото езеро. Тоа е втората смрт, огненото езеро. И кој не беше запишан во Книгата на Животот, беше фрлен во огненото езеро.“ (Откровение 20:14-15, Библијата)
„А на плашливците и неверните, на поганите и убијците, на блудниците и магесниците, на идолопоклониците и на сите што лажат, делот им е во езерото, што гори со оган и сулфур; тоа е втората смрт“ (Откровение 21:8, Библијата)
Затоа и Христос кога дошол да ја плати казната за нашиот грев, тој не ја платил со тоа што отишол вечно да гори и вечно да се измачува во некој казан, туку само со смрт (смртта на Голготскиот крст - временски конечно страдање.)
Кога Христос зборувал за пеколот го користел зборот „геена“. Геената била една депонија надвор од градот (Ерусалим) каде што речиси постојано се одржувал запален оган и каде што се фрлало ѓубрето, мршата, алиштата на лепрозните (за да не се заразат) и сл. Се што ќе се фрлело таму се сметало за уништено.
„Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, за секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот. “ (Исус, ев. Јован 3:16, Библијата)
Не вели „да не се мачи вечно“, туку „да не загине“.
„Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат изобилно.” (Исус, ев. Јован 10:10, Библијата)