In the Land of Blood and Honey
You've come a long way, Angelina. From slutty Lara Croft to movie director. Прво да кажам дека го ценам напорот на холивудска ѕвезда од типот на Анџелина да се проба во нова територија. Ми се допаѓа тоа што се обидува да еволуира како уметник, овојпат од другата страна на камерата. За разлика од повеќето нејзини колешки (на пример, нејзината „вечна ривалка“ Анистон, ха!), Џоли прави напори да излезе од безбедносната зона, и тоа е за почит. Бидејќи ова претставува нејзино режисерско деби, немав којзнае колкави очекувања. Повеќе очекував да видам train-wreck, отколку нешто во стилот на No Man's Land. Можно е да ја потценив.
Друга работа, на филмот му пристапив како обичен филм. Не како документарец. Не ме интересираше колку се точни работите во него, кои се good guys, а кои bad guys. Иако темата на филмот е деликатна, не е мое да судам што е историски и фактуално точно и колку има вистина во работите на платното.
На повеќето веќе им е познато дека во центарот на In the Land of Blood and Honey се наоѓа босанскиот конфликт. Конфликтот го гледаме преку двата главни лика: муслиманката Ајла (Зана Марјановиќ) и Србинот Даниел (Горан Костиќ). Двата лика биле во врска пред почетокот на војната, а потоа завршуваат на двете спротивставени страни од етничкиот конфликт. Во целиот тој хаос, Ајла станува затвореник во воен камп. Таму таа и другите жени се третирани како робови, силувани и тепани. Во исто време, Даниел служи во српската војска, на чие чело се наоѓа неговиот татко, Генерал Вукојевиќ (Раде Шербеџија). Даниел престојува во кампот каде што е и Ајла. Кога сфаќа дека таа е таму, тој е соочен со милион предизвици. Ситуацијата налага да се однесува кон неа како кон секој муслиман, но разумот и срцето го тераат да ја заштити од хаосот. И самата љубов во филмот е соочена со милион прашања. Дали е можно љубов помеѓу двајца „непријатели“? Дали може една жена да сака човек, и покрај тоа што е психички оштетена од каузата на истиот човек?
Изборот на актерите кои го направи Џоли е една од светлите точки во филмот, каде тие прикажуваат цел дијапазон од емоции. Костиќ во една сцена е ладен, во друга емотивен, потоа дури и насилен, со што ја тера публиката да погодува кој е неговиот следен чекор. Исто добра е и Марјановиќ, иако ликот кој го игра повеќето време е молчалив.
Друга работа која ми се допадна во филмот е што врската помеѓу Ајла и Даниел претставува метафора за самиот конфликт, поттикнат од предрасуди, омраза и двојни аршини. Исто така и комплексниот лик на Даниел ја симболизира војната. Тој е учесник во неа, ги задоволува барањата на својот татко, ултра-националист, но истовремено се грижи и има чувства кон својата затвореничка.
Исто ми остави впечаток тоа што In the Land of не е само љубовна приказна. Најчесто не гледам трејлери, па очекував дејството да се одвива во две соби и филмот да се состои исклучиво од психолошко разработување на љубовната врска. Испадна дека филмот е повеќе од тоа. Бруталната војна е третиот главен лик. Значително се разработени и некои споредни улоги, како на пример сестрата на Ајла и Генералот Вукојевиќ.
И покрај тоа што реков дека не ме интересира кој, како, колку Џоли обвинува за она што се случило во Босна, сепак мило ми е што повеќепати упатува критика кон меѓународната заедница и Американците.
Не дека филмот нема маани. Пред се' имав впечаток дека на In the Land of му фали поголема компактност. Имаше многу добри сцени, но поврзаноста помеѓу нив беше некако слаба. Друга маана лежи кај ликот на Даниел. Реков дека Џоли го претставува ликот како емотивен човек, но истовремено и како убиец. Ова второто не е доволно разработено, најверојатно колку да не му замеруваме на ликот за некои негови постапки. На сметка на тоа, прикажани ни се ситуации во кои Даниел избувнува поради Ајла. Со тоа сметам дека Џоли не успева доволно да ја развие „негативноста“ на ликот.
Понекогаш ми беше тешко и да се приврзам со главниот женски лик. Таа бара спас кај човек кој дозволува злоставување секаде, само не во сопствената соба. Поради тоа мотивите на Ајла се малку нејасни. Дали таа се само штити себеси? Дали навистина го сака Даниел? Која е нејзината цел што замижува на злосторствата кои ги прави тој?
Друга маана е што иако глумците беа извонредни, во некои моменти изгледаше дека Џоли не може да го извади максимумот од нив. И дијалозите понекогаш звучеа премногу присилени. Тоа во некои сцени предизвика недостаток од хемија помеѓу актерите, и недостаток од јасност помеѓу ликовите.
Се занесов малку, па да привршувам. The bottom line: Џоли можела и подобро, но можела и полошо. Во некои моменти од филмот имав чувство дека гледам филм направен од аматер, а во некои имав чувство дека гледам филм режиран од искусен режисер. Моја оцена: 6.