Левица да немаше пратеници во Собранието, кои туркаат интензивна националистичка пропаганда, чисто се сомневам дека Дпмне ќе преземеше било каква иницијатива за сузбивање на правната сила на Францускиот предлог.
Ќе одеа со класичната пропаганда "продадовте сѐ" и без да мрднат со прст ќе добијеа политички поени. Во тој конкретен случај, со својата пасивност, ќе беа коизвршители. Баш поради таа националистичка пропаганда на Левица, имаат конкурентност за борба за слично гласачко тело, тело кое го гледаше недостатокот од интерес за политичка борба и зачувување на националниот идеал кај Дпмне со постојниов политички врв.
Таа политичка пасивност може да резултира со губење на дел од постојното гласачко тело, што преку прелевање кон друга поактивна политичка структура, што преку губење интерес за гласање. Истата се пресликува од избори кон избори каде се помалку и помалку граѓани излегуваат на гласање.
Секоја голема, а воедно и штетна, политичка одлука ја дадоа без борба. Од Преспанскиот договор (за кој обезбедија и пратеници), законот за јазиците, законот за државјанство (за кој обезбедија и кворум), методологијата на пописот, дури и за Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија и последователните комисии и тела кои беа во причинско-последична врска со тој договор.
Молчеа и пред сквернавењето на образованието со "Мила Царовска програмските политики" чија ретардираност отиде дотаму да забранува учебници во училиштата и зборови во нашите речници!
Молчеа и пред сегрегацијата на народот по здравствениот (вакциналниот) статус, апсолутно никаде ги немаше. Имаа пенал по пожарот во Тетово. Го промашија. Од нивното европско здравство починаа 9.000 граѓани. Целиот здравствен систем колабираше, а тој Клинички центар сеуште е само една обична скица која фаќа прашина повеќе од 10 години.
Тука се и енергетската криза зачинета со огромна инфлација. Дури и целата Влада падна. Што повеќе им треба?
Добија и лотарија на локалните избори кога и дел од партиското раководство на Сдссм одлучи да се кандидира независно, а дел се врати кон својата политичка матрица (албанската, па и дел назад во Дпмне) и направија чистка на политичката мапа. И испливаа на површина, сега имаат и техничка логистика и финансиска инекција од локалните самоуправи. Можат да ја блокираат речиси целата држава. Да организираат протести во секој поголем град. Згора на сѐ, на чело на Сдссм е тотален политички анонимус, човек кој не ужива голема доверба во самата партија, човек кој во овој момент заостанува зад Мицкоски на сите излезни анкети.
Дали треба референдум? Апсолутно да. 3/4 од граѓаните не го поддржуваат овој Предлог кој сеуште го кријат од очите на јавноста, а чисто се сомневам дека албанското гласачко тело ќе биде мотивирано да излезе на гласање. До собранието доставија само Информација, потпишана од Ковачевски, за преговарачката рамка, во која немаше апсолутно никаква информација за содржината од тој Предлог, па и од Спогодбата која ја потпишаа денес со Бугарија. Одма ЕУ се произнесе дека јазикот не е признат и одма став на бугарската дипломатија која не го признава македонскиот јазик! А и која е ЕУ да ни признава јазик, која македонскиот јазик е признаен во ООН од 93-та!
Убаво е сите прашања да се решат билатерално, но тука сме во подредена улога. Ако нешто не прифатиме, одредена формулација или бугарски научен факт, може да добиеме ново вето. Тешко дека Бугарија ќе отстапи од сите точки и барања и ќе дозволи почеток на преговорите на Македонија со отворени билатерални прашања, само да се смени Уставот на Македонија! Дури и последново е само обичен морков, најголемата политичка пречка на владиното мнозинство затоа што нема доволно пратеници за промена на Уставот, а притоа немаат ни внатрепартиска политичка сигурност за задржување на власта по наредните парламентарни избори.
Ако дојде до референдумско изјаснување, ќе излезам и ќе гласам Против овој предлог. Доволно беа уцени и закани, барања и сопки. Згора на се, ако и утре го добиеме тој датум, и да ги имплементираме сите реформи, полноправна членка нема да станеме ни во наредните 2 децении.