Најцрниот ден во историјата на Македонија. Мислам дека до пред малку, сè уште не бев свесен (или бев во некој denial) за размерите на овој фатален настан, но додека гледав вести на Сител и ги набројуваа имињата на сите жртви... ми изгледаше како цела вечност. Се голтаат кнедли на големо. И еве, плачам како што го пишувам ова.
Замислете си, како да предаваш во школо и наеднаш да снема 3 паралелки.
Молк. Болка. Тага. Очај. Гнев.
Сигурно и овде, во ова катче на интернетот, има луѓе кои на еден или друг начин се поврзани со жртвите, или најблиските на жртвите. Ви изразувам сочувство. Иако тоа веројатно не ви значи ништо...
Она што сакам да го упатам како еден вид на совет, до сите вие кои треба да останете во контакт со родителите/браќата/сестрите на жртвите. Ве молам, ве преколнувам бидете тука за нив. Иако ќе делува дека нема начин како да ги утешите, ќе мора да трпите. Слушајте, молчете, кажете ако нешто ви се кажува. Колку и да изгледа дека никако не придонесувате, помага. Помага човек да е блиску до нив. Со тек на време, сакале или не сакале, луѓето ќе мора да продолжат со својот нормален живот. Бидете повторно тука за нив.
Душата се лечи кога си меѓу деца. Они сега ги немаат. Пробајте некако да им однесете дечиња во нивна близина, ненаметно. Обидете се да побарате и некоја услуга од нив. Звучи глупаво но, луѓето сакаат кога се потребни за нешто. Ако познавате некој столар, многу љубезно и внимателно замолете го да ви склопи нешто. Ако познавате електричар, викнете го за некој штекер или нешто... нека не ви биде незгодно. Секако, оваа ствар е индивидуална и сепак треба да ја процените состојбата на човекот.
Како луѓе не сакаме да признаеме но за проблемите за кои нема решение, единственото решение е да не мислиме на нив. Да се дефокусираме. Ама сакаме тоа да биде спонтано и ненаметнато. Вие ќе мора да се обидете да го сторите тоа за нив, да им помогнете.
Многу ми е драго за сите префрлени пациенти надвор од државава. Уште во првите неколку саати откако се дозна за трагедијата (упорно сакам да го сменам зборов затоа што не е доволен ама тоа е) на интернет на сите им се вратија флешови од Романија. И повеќето совети беа да не се прави Романската грешка и што повеќе пациенти да се пратат во соседни држави. Добро е што барем тоа го научивме. Искрени пораки за побрзо заздравување на сите повредени.
P.S. Дали сум единствен на кој ПРЕМНОГУ му пречат A.I. фотографиите што се вртат по социјалните мрежи? Како од некоја глупава видео игра, како Walking Dead изгледаат. Одвратно ми е.
P.P.S. Вчера ги чув огнометите, си реков ајде на некој му се родило дете, мада и тоа шо знам... тоа копуци да ти славеле полнолетност. Би ги струпал у затвор, РЕАЛНО.
Не одвоив време да го изразам револтот за корупцијата, за газдата и „иам човек ќе средам“ и тие „човеци“ што средувале... најблаго речено би сакал да умрат доживотен затвор