Армијата јавно го обелодени бункерот предвиден за заштита на државниот врв
Тајниот град во Јасен отворен за новинарите
линк1
линк2
Бункерот во планината Караџица може да издржи нуклеарен, хемиски или биолошки напад
Резерват јасен - Тајниот град во Јасен на планината Караџица, наменет за политичкиот и воен врв на државава во случај на воена опасност, вчера беше отворен за јавноста. Станува збор за бункер сместен во утробата на еден од ридовите на Караџица со површина од речиси еден километар, кој може да издржи нуклеарен, хемиски или биолошки напад.
Долги години се шпекулираше со прашањето што има навистина во Јасен. Додека власта и Армијата нў убедуваа дека освен познатото ловиште и неколку воени објекти, во Јасен нема ништо интересно за јавноста, "познавачите" тврдеа дека таму се наоѓаат цели подземни градови. Прашањето стана актуелно годинава откако жителите на Порече побараа да им се овозможи изградба на пат кој ќе поминува низ ловиштето "Јасен", на што се спротивстави Армијата, а подоцна одлуката ја блокираше и Владата.
Од она што можеа да го видат новинарите за време на посетата организирана од Министерството за одбрана и Армијата, станува збор за класичен бункер, во кој најголемиот дел од просторот е "потрошен" за ходници долги по педесетина, па и стотина метри, а другиот дел е предвиден за дневна работа и спиење.
Бункерот е изграден во годините веднаш по Втората светска војна. Исти или слични се граделе во речиси сите републики на поранешната СФРЈ. Со површина од речиси еден километар во должина и околу петстотини метри во широчина е подготвен да прими педесетина луѓе. Во самото скривалиште и во околните придружни објекти се обезбедени услови за нормално функционирање на државниот и воениот врв во случај на воена опасност. Струја, вода и храна има постојано, во самите објекти, пак, освен спалните и собите за дневен престој, изградени се и мини командни центри, односно сали за состаноци од каде што би се водела државата и би се донесувале стратегиските одлуки. Иако формално е под надлежност на Армијата, објектот 24 часа го обезбедуваат околу 25 вработени во ловиштето "Јасен".
На површина од 39 илјади хектари на планината Караџица, сместени се воени објекти скриени речиси 50 години од очите на јавноста
Тајниот град Јасен е лавиринт од ходници и соби за престој
Стотици метри ходници, десетици простории за престој и уште неколку за командување и раководење со државата, во самата утроба на ридот
Резерват Јасен - Ако од оваа страна на Водно, во градот Скопје, не дај боже, се случи закана од нуклеарно, хемиско или биолошко оружје, чарето е отаде Крстот. Државните и воени функционери ќе можат успешно да ги преземаат стратегиските чекори за одбрана на земјата од непријателот. За успех во работата им се обезбедени струја, вода, леб и по некое диво свинче од недопрените падини на планината Караџица и дел од Јакупица.
На површина од 39 илјади хектари на планината Караџица, сместени се три воени објекти скриени речиси 50 години од очите на јавноста, кои армиските претставници во својот вокабулар ги нарекуваат "објекти од посебно значење за АРМ". Во понеделникот новинарите имаа можност да видат еден од тие објекти, преостанатите два не биле толку интересни, не информираа домаќините од Армијата и од резерватот "Јасен".
Првиот знак дека во овие предели се крие нешто тајно ве очекува на 40-ина минути возење од Скопје по одминувањето на селото Нова Брезница, неколку километри по кривестата угорнина кога ќе ја видите таблата со предупредување: забранет лов, риболов, палење оган. Околу 1.100 метри надморска височина, сместено е ловиштето "Јасен". Железната ограда која се испречува на патот до пред неколку години можела да се помине само по два часа во денот во еден и два часа во спротивниот правец, или со специјална дозвола. Освен три-четири куќички, пет-шест вработени во резерватот и неколку тукушто испилени шарпланинчиња, за кои потоа дознавме дека, всушност, биле мелези, нема ништо интересно.
Од армискиот минибус се префрламе во џипови. Набрзо сфаќаме и зошто. Ќе треба да се вози низ шумско патче. "Патот" широк едвај 2,5 метри, е приказна сам за себе. Од едната страна карпи, планина, од другата бездна, според слободна процена длабока стотина метри. "Мрднеш, губиш" ситуација. Нема место да помине ниту едно возило, а камоли да се разминат две. Со целосна почит спрема Поречани, но останува нејасно како треба да се изгради патот кон Македонски Брод. Уште повеќе ако се знае дека патот е затворен и непрооден речиси шест месеци во годината. При најмал снег, возењето овде би било незамисливо, особено ако се знае дека пределот е непристапен и за возилата-чистачи на снег, бидејќи нивните "виљушки" ја надминуваат широчината на патот.
Стигнуваме до објектот од "особено значење за АРМ". Нў дочекува дрвена колиба која завршува во карпа висока стотина метри. "Ќе ги видиме просториите за сместување и местото каде што во евентуални воени услови би можело да се командува", ни најавува полковникот Чедо Крстевски. На самиот влез, колибата не открива веднаш за какво значајно стратегиско скривалиште станува збор. Во првата просторија, мини-трпезарија со кујниче, а потоа следува една прастара гарнитура за седење. Малку понатаму се собите за спиење. Во првата, два кревета и работно масиче, во следната кревети на спрат. Сў е чисто и скромно уредено. За одржувањето 24 часа дневно се грижат околу 25 луѓе вработени во обезбедувањето на резерватот "Јасен".
Тешка метална врата со скромни димензии во форма на јајце, конечно, го отвора она за што сите сме дојдени: тајниот град на Јасен. Почнува со ходник, кој личи на рударско окно, во некои делови ѕидовите се избетонирани, а во преостанатиот дел ве опкружуваат карпи, како во пештера. Подот е од павер-елементи, но надлежните се убедливи во тврдењето дека ексградоначалникот на Скопје, Ристо Пенов, не вмешал прсти и во овој проект. Велат изграден е во годините по Втората светска војна, паралелно со објекти од ист вид во сите други бивши ЈУ-републики. Откако пропешачивме стотина метри ходници, стигнавме до "срцето на објектот за раководење и команда", како што полковникот Крстевски ја нарекува мини-салата од 20-ина квадрати, на чии ѕидови висат топографски карти на Македонија. Стотина метри ходници понатаму, или поточно 700 метри во должина од едниот до другиот крај, и излеговме на другиот крај од бункерот, но и од другата страна на ридот. И од таа страна дрвена колиба со истиот распоред на соби, и со речиси идентичен изглед однадвор како и објектот од каде што влеговме. Бетонски објект опшиен со дрвени талпи, дополнително "заштитен" со лисја и со маскирни бои од страните и на покривот.
Тоа е тајниот град на Јасен. Сў на сў, стотици метри ходници, десетици простории за престој и уште неколку за командување и раководење со државата, во самата утроба на ридот, во областа што се нарекува Коломот. Домаќините ни откриваат дека уште три слични објекти со помал капацитет има во државава, и тие се од заштитен вид и затворени за јавноста.
На враќање од Коломот ги посетивме и магацинот за воена опрема и пекарницата, неколку километри од објектот. Магацинот зјае празен, додека пекарницата има капацитет за производство на 500 леба дневно. Дополнително, ако затреба, на луѓето сместени во бункерот на располагање им е и ладилник кој има капацитет да собере до 6 тони месо и други производи.
По пат назад кон ловиштето "Јасен", домаќините од АРМ ни објаснуваат дека вакви објекти се од големо значење за државата. "Мирот е променлива категорија на Балканот. Ако има вакви објекти, значи имаме и заштита, тие се богатство за државата", ни ја појаснуваат причината поради која 60 години бункерот се криел од очите на јавноста, но и од потенцијалните непријатели. Во меѓувреме, чукајќи на портите на НАТО, во АРМ немаат намера да се откажат од објектот, ниту од поширокиот реон затворен за јавноста. Планираат да го користат за вежби во мирнодопски услови, а се разбира и понатаму ќе го одржуваат за, не дај боже, да има каде да се сместат оние 50 раководители.