Во вторник доаѓа крајот на светот. Посредникот во спорот за името Метју Нимиц ќе донесе нов предлог. И Македонија не смее да го одбие ако сака да влезе во НАТО.
Глупости.
Ете како Грција успеа сопствената хистерија да ја пренесе и кај нас.
Луѓе мои, имате ли вие проблем со вашето име? Немате. Проблем има Грција. Зошто тогаш ние да решаваме туѓи проблеми? Зар немаме доволно свои?
Грција бара баш сега, пред да добиеме покана за НАТО, да си го смениме името. Членка е на НАТО, моќна е, поголема е и, што е најважно, и се може. Ама тоа што го бара сега, го прави веќе 17 години.
САД во 2004 година го признаа уставното име Република Македонија. Значи дека немаат проблем со името Македонија. Велат и дека името не е критериум за НАТО. Ама Грција се заканува дека ќе стави вето. Значи Грција успеа името да го направи проблем и за САД и за НАТО.
Затоа сега вршат притисок и Вашингтон и Атина. И јас да сум на нивно место, би притискал. Имаат проблем и сакаат да си го решат. Ама упорно се трудам да најдам причина зошто баш ние би го решавале проблемот на Грција и на НАТО.
Кога вршат притисок, ни го поставуваат прашањето: Дали Македонија може да си дозволи да не влезе во НАТО?
Зошто никој не го поставува прашањето: Дали НАТО може да си дозволи грчко вето поради глупост?
Ќе менувам национален идентитет оти НАТО имал проблем со Грција? Е па не менувам. Да видиме баш дали ќе биде крај на светот.
Слатко се изнасмеав на планот на Владата за контрамерки во случај на вето. Верувам дека оваа влада има капацитет да води инает. Тоа неколку пати го има докажано. Верувам дека ја бива и за популистички мерки од типот враќање на старото знаме и преименување на стотина улици. Ама не можев да поверувам дека дури и на аеродромот во Штип, кој е само во соништата на Никола Груевски, му дадоа име Филип Втори. Па уште владината црква на Плоштад не знаат дали ќе се вика Св.Никола, а тие веќе го крстија аеродромот. А Стенковец како ќе го крстиме? Букефал? Или на коњот на Александар ќе му направиме големо мочало како фонтана на плоштадот Македонија, а водата ќе прска низ Вардар за да можеме така симболично да го освоиме Солун.
Не знам само зошто мерките на инает се насочени само кон Грција, а не и кон САД и кон другите земји на НАТО. Конечно, тие ќе и дозволат на Грција да го блокира проширувањето.
Дали Владата намерно заборави на телевизија да ја пушти веста дека во случај на вето ќе ги повлечеме војниците од Авганистан оти нема таму што да бараат ако не сме дел од НАТО? Или намерно ќе ги оставиме, за инает на Грција која во Авганистан нема војници, а е членка на НАТО? Затоа што македонската војска оди по стапките на Александар Македонски. Каде стапнала неговата фаланга, таму е и АРМ.
од Горан Михајловски
јака колумна