Еве уште еден убав текст за Охрид
Град - музеј и уметничка ризница
Се вели дека охридската историја е стара колку и охридскиот обработен камен. Милениумите и вековите овде се чувствуваат во многу нешта. Затоа древен Охрид со потполно право се нарекува град музеј и уметничка ризница низ вековите.
Охрид е сличен на икона. Зелените бои и златниот блесок на вегетацијата, во различните годишни времиња, како да сугерираат слика покриена со патина. Се чини како да е составен од исклучително складен спектар на бои, каде доминираат окерни тонови, без излишни акценти кои би го нарушувале исклучителното колористичко единство. Охрид е како стара и скапоцена книга в раце и како бескрајна нишка на раскошен ѓердан во кој секое од изминатите времиња оставило свој скапоцен камен.
На простор само од неколку квадратни километри, во стариот дел на Охрид, на двојниот рид по Самуиловата крепост, опкружен со средновековни бедеми, е зачуван единствен музеј на античката и средновековната уметност. На овој простор сретнуваме остатоци од антички храмови и ранохристијански базилики, како и многубројни цркви и црквички изградени од IX до XIV век и во подоцнежните времиња, со повеќе стотици квадратни метри фрески, со десетици скапоцени икони, со бројни ракописни книги и други раритети. Антички и средновековен Охрид, гостољубиво отворајќи им ја вратата на градителите, сликарите и писателите бил значајна уметничка метропола на југот на Европа.
Со многубројни локалитети од праисторијата наваму и со трагови на материјалната култура од пред осум милениуми Охрид е и археолошка ризница. Градот Охрид и краиштата околу Охридското Езеро можат да се наречат и „волшебна земја на археологијата“. На овој простор се откриени околу 250 археолошки локалитети со остатоци на материјалната култура од неолитот до доцниот среден век.
Со свои три периоди Охрид влегува во историјата на Европа: кон крајот на IX и во почетокот на X век како центар на словенската писменост и култура; кон крајот на X и во почетокот на XI век како престолнина на Самуиловото царство и како повеќевековно седиште на Охридската архиепископија, кога настануваат најзначајните архитектонски и сликарски дела.
Уметничкото создавање во Охрид од крајот на IX век до последните децении на XIV век било на врвот на ликовната култура на тоа време во Европа. Пред се, за тоа најдобри сведоштва се охридските фрески и икони. Многу дела на охридското ѕидно сликарство и охридскиот средновековен иконопис спаѓаат меѓу најрепрезентативните остварувања на историјата на уметноста во епохата во кои тие биле создавани. Преку нив, пак, можат да се следат и дострелите на ликовните стремежи на подрачјето на Југоисточна Европа и во Медитеранот.
Во XIV и XV век во Охрид дејствувале сликарски работилници. Ново и мошне значајно поглавје во уметничката историја на Охрид од тоа време претставува дејноста на сликарот Јован Теоријан и неговите соработници. Јован Теоријан бил еден од најзначајните сликари во XIV век. Сликал фрески во охридските цркви и икони. Неговото име е откриено во припратата на катот на црквата Света Софија, на мечот на архангелот во сцената „Покајување на Давид“.
Денес не може да се замисли ни една антологија на средновековната уметност без охридските фрески во црквата Света Софија од XI век или во црквата Свети Климент од XIII век или без некоја од иконите на охридската колекција. Токму во тоа е и посебното значење на Охрид, уметничката ризница на изминатите векови.