Најтешката италијанска трка досега
Џиро Д'Италија е втората најголема велосипедска трка на светот. Во следните три недели ќе има фантастични планински етапи на Апенините и на Алпите и спринтерски финиши во антички градови. Но, како и с4 друго во светот на велосипедизмот, Трката околу Италија е во сенка на далеку попознатата Тур де Франс.
Истото се повторува и во 89. издание на трката, кое почнува денеска, во Белгија. Да, точно во Белгија. Вообичаено е трите големи трки (Џиро, ТдФ и Вуелта) да почнуваат надвор од нацијата. Првите четири етапи на Џирото се одржуваат во Белгија, во знак на почит на класичните еднодневни трки, пред да се вратат во Италија за првата тимска трка на хронометар на Џирото по 1989 година.
Италијанецот Паоло Салводели, кој е член на американскиот Дискавери Канал, е актуелниот шампион, но ќе има вистински предизвик од најдобрите, од кои еден дел одат на победа, а другите ја гледаат трката како загревање за Тур де Франс, која стартува на 1 јули.
Германецот Јан Улрих, шампионот од Тур де Франс од 1997, кој од 1999 до 2005 не успеа да го победи Ленс Армстронг, влегува на Џирото за да се врати во форма за француската трка. Неговите очекувања се толку мали што ќе го носи бројот 219 на трката (последен издаден).
"Знам дека ќе треба да се мачам. Нема да се обидувам да победам на Џирото бидејќи големата цел е Тур де Франс и верувам дека најдоброто ќе дојде во јули", вели Улрих.
Ѕвездата на Тим ЦСЦ, Иван Басо, исто така не мисли многу на Џирото. Неговата цел за 2006 е да го замени Ленс Армстронг на врвот во Париз, но тивкиот Италијанец е и фаворит за да ја носи шампионската розева маичка во Милано на 28 мај.
"Од првиот ден на трката сите ќе внимаваат на Басо и на ЦСЦ", потврди тимскиот директор на Дискавери, Јохан Брујнел.
И покрај далеку поинтернационалниот вкус на трката оваа година, Џиро Д'Италија пак е трка за Италијанците. Од Салводели до Дамјано Кунего, шампионот од 2001 и 2003 Џилберто Симони до сериозните предизвикувачи како Иван Басо и Данило ди Лука.
Џирото исто така е популарно кај спринтерите и има доста рамни етапи за брзите момци. Главен меѓу спринтерите секако е асот на новиот Милрам тим, Алесандро Петаки, кој има 19 победи на Џирото од 2003 до 2005 со тимот на Фаса Бортоло. Негов главен ривал ќе биде Австралиецот Роби Мекјуен од Давитамон-Лото, кој победи на три етапи лани и е еден од ретките кои го победува Петаки редовно.
На хартија, 89. Џиро Д'Италија изгледа поопасно од Тур де Франс 2006, посебно со 17. етапа со страшното искачување до План де Коронес. Последните 5 километри од трката се на калдрма до скијачкиот лифт со искачувања од 24%. Најстрмната етапа на Тур де Франс е познатата Л'Алп д'Уе со 12%.
"Мислам дека сите ќе преферираат да не биде толку тешко. Креаторите на патеката како да го загубија осетот. Тоа не е велосипедизам", вели Брујнел.