Официјална Софија потврди: Љубчо Георгиевски е бугарски државјанин - екс-премиерот нема коментар
Љубчо Георгиевски има бугарско државјанство – официјално потврдуваат властите во Софија. Изјавата на шефицата на прес – службата на бугарското претседателство Бојка Башлиева ја пренесува софискиот весник „Монитор“ во текстот со наслов „Поранешниот премиер на Македонија стана Бугарин“. „Тоа што го потврдив за ’Монитор’ , можам да го потврдам и за вас“ - изјави Башлиева за Канал 5. Бугарската агенцијата „Фокус“ пишува дека државјанството на екс - премиерот му било издадено на крајот на мај. Указот го потпишал заменик – претседател на бугарија Ангел Марин, чија уставна надлежност е доделувањето државјанства. Според „Фокус“ државјанството на Георгиевски му било врачено во хотел во Благоевград. Документите на, како што јавува оваа агенција, бугарскиот државјанин Љубчо Георгиевски со адреса во Благоевград биле завршени минатата седмица од тамошните општински власти. Градоначалникот на Благоевград Лазар Причкапов денеска не беше расположен за изјави.
„Не можам да зборувам сега, на пат сум“, вели Причкапов.
Причкапов остана недостапен, за да ја потврди или демантира информацијата. Наводно во барањето за државјанство, Георгиевски навел дека неговите родители по потекло се Бугари, за што приложил и документи. Екс – премиерот денеска без коментар, откако вчера ја отфрли веста која прв ја пласираше весникот „Струма“. Официјална софија го тврди спротивното – дека Георгиевски веќе е бугарски државјанин.
(16.07.2006)
Автор: Владимир Мирчевски
vladimir.mircevski@kanal5.com.mk
http://www.kanal5.com.mk/ShowNews.aspx?ItemID=14153&mid=1500&tabId=1&tabindex=0