Омилени стихови од македонски поети

Член од
12 ноември 2008
Мислења
87
Поени од реакции
7
Бегај! А накаде?
В час бесчасен
Ни оплакан, а ни спасен
Малку певлив, многу страден?

Бегај! А накаде?
По пат минат
В беспат винат
В денот краден.

Штом е така
Срце в рака
Со болни меса

Па... Пругоре
Полумртов и прегорен
Кон небеса
.

***

БАКНЕЖ ВО ТРЕВА

Тревата на твоето тело
расцветува од мојот јужен ветер
Низ трепки го гледаш моето лице
помешано со облаците
Ти што си жедна земја
Јас оган на усни
Околу себе плетеме
Крепост од треви
Во бура од бели
црвени и црни шамившиња
Твоите и моите очи
се отвараат и затвараат
Музика од движење и квечерина
а пладне е кога во нас
огнот ја пее својата химна
Ќе се вратиш
со мојот знак во телото и душата
и штом ќе најдеш моја сличност
друг ќе љубиш тагувајќи за мене
Вазно на мојот цвет


***

ПЕСНА ЗА НЕЈЗИНАТА ПЕСНА

Немаше земја кај што не ја сретнав неа,
оти без неа бев никој и никој не ме познаваше.
По нејзината воздишка го запомнував воздухот
за да можам да ја стигнам, незабележан од никого,
но таа беше побрза од сите небесни светлини,
зашто секаде сама си го осветлуваше патот.
Објаснувајќи ја како семир во купечко јаболко,
главата ми ce полнеше со запаливи течности,
бели и црвени дождови капеа од овошките,
житата и шумите ја следеа во групни походи
и cи околу неа ја добиваше нејзината форма.
Кај што јас влегував, таа излегуваше
и од отворите ја мразев само нивната празнина.
Me рануваше како невеста, ме целеше како сестра
блажената ноќ што ја открив во неа.
Бев првиот иследувач на таа топла темница
неисцрпна како ѕвездите и бесцените камења
кои вечно ce празнат, a никако да ce потрошат.
(Каков страв ce пребра во допирот со таа кожа
што болскаше и заоблуваше како свртено вретено.)
Огнот и водата добиваа паралелна брзина
и во збирот љубовен постојано ce одземаа.
Cи што ce уништуваше беше заради неа
и cи што ce обновуваше беше заради неа.
Така светот ce делеше на видлив и невидлив,
на неослободени земји и на земји во развој,
но немаше земја кај што не ја сретнав неа.

Петре М. Андреевски
 
Член од
12 ноември 2008
Мислења
87
Поени од реакции
7
НИКОЛА ВАПЦАРОВ

заедно со оригиналот:

***
ЗЕМJА

Оваа земја,
сега што ја чекорам,
оваа земја,
која пролетен ветер ја буди,
оваа земја,
не е моја земја,
оваа земја
простете е туѓа.
В зори тргам.
По фабричен друм
безбројните
рубашки
минат.
Ние сме слеани со срце,
со ум,
но земјата... за своја не ја имам.
Над мојата земја
напролет
зраци
сеат
сјај
и грмат водопади
од сонце
над роден ми
крај
Чувствуваш длабоко
срцето на земната град
и гледаш цвеќа безбројни
скокум како раснат.

Над мојата земја
в небото
опира
Пирин
Облаците в бура
илинденски прикаски пејат,
охридскиот лазур е
бескрајно син и ширен,
а надолу уште
изгрејсонце Егеј го грее.
Си спомнам ли само –
и ете надојдува крвта
во срцето, кое
се топи од некаква нежност...
Земјо моја! Прекрасна земјо моја!...
Поена со крв,
лулеана
в метежи тешки...

***

ПРОШТАЛНО
На жена ми

Понекога ќе идам в твојот сон
Ко нечекан и далек гост...
Ти не ме оставај на патот, вон,
Од порти истај го лостот!

Ќе влезам тивко, кротко ќе си седам
Крај тебе, в мракот втренчен, да те гледам сам!
И кога наситен ќе запрам да те гледам,
Ќе ми те бакнам и – ќе заминам.

***
http://www.slovo.bg/showauthor.php3?ID=17&LangID=1
***
 
Член од
3 декември 2007
Мислења
3.718
Поени од реакции
772
,,Очи"-Ацо Шопов

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен.
И секоја капка од твојата рана,
ко крвава жар, ни` капеше в срце.
 
Член од
12 декември 2008
Мислења
1.553
Поени од реакции
101
Орелски крилја как да си метнех и в'наши стрни да прелетнем на наши места јас да си идам да видам Охрид Струга да видам
Т'ГА ЗА ЈУГ
 

КиреМали 1911

Модератор Неимар
Член од
23 јуни 2007
Мислења
1.313
Поени од реакции
223
Единствената песна од Ристо Шишков...

(ја прочитав во Вечер, и навистина ми остави силен впечаток...сметав дека е вредно да се сподели)

Земи ги... очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два
златни синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја... устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски,
од Грамос и Вичо Планина
роден во време опасно,
време комунистичко.
Комунистиве глава кренаа
и мене в зандана турија
за моја жална
Македонија.
Комунистиве ми даваат
рубата комитска
да се претворам во
Турунџе
да се претворам во Гули
војвода
за да си ладам душава
душава моја изгорена.
Не сум ти јас Турунџе
ниту сум Гули војвода
јас сум си самиот комита-
Ристо Беломорски
Дај ми го....шмајзерот
јас да си одам в планина
там да си најдам дружина
дружина одбор комити.
На Грамос
ќе најдам Делчета
на Пирин ќе најдам
Сандански
на Бигла ќе најдам Јордан
Пиперка.
Дружба да дружам
со комити
дружба да дружам,
бој да си бијам
бој да си бијам со три
ламји со три аждаи
со варварите, татарите и
србоманите
што ми грабнаа убава
девојка,
ја грабнаа и оковаа со три
синџири.
Роб робува убава девојка
роб робува седумдесет
години.
Дај ми ја....сабјата
сабјата дипленица
да си искинам синџири
седумдесетгодишни
да си ослободам девојка
робинка
девојка робинка - лична
Македонија.
Земи ги........очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два
остри синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја........устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски
од Грамос и Вичо
Планина.
 
М

Мрак

Гостин
Гого Ивановски-Колку е мила земјата наша

Тој што ги знае горите лисни
со сенки ладни в полдневна жега
и слушал како ајдучки песни
во летна вечер силно се редат
Тој што ги знае Гоце и Јане
нивните верни,другари смели
напред кога со алово знаме
скитале в гора со срца врели
Тој што е сетил афион како
навечер зрее во земја мека
тој што ги гледал сините води
на Охрид како ширно се шират
насреде чунче некаде плови
по него поглед влажен се вѕира
Тој што читал в трошна соба
Ленка на Рацин,со трепет чуден
и гледал како до доцна доба
работи Ленка тутун за други
Тој што пеел со сиот народ
зората кога се раѓала нова,
тој знае колку...колку е мила
земјата наша-земјата родна!!!

:oeoeoe:

Ова е народна песна,многу е болна:(

Турчин низ гора врвеше

Турчин низ гора врвеше
моми робинки тераше
напред ми оди Тодорка
Тодорка млада невеста
Тодорка млада невеста
со машко дете на раце.
Турчин на Тода и вели:
Тодорке млада невесто,
ја остај си го детето
ја остај си го детето
кај таа чешма студена
кај тие мермер камења.
Тода си турчин послуша
си го остави детето
кај таа чешма студена
кај тие мермер камења.
Тодорка млада невеста
лепа му песна запеа:
Нани ми,нани,Мирјанчо
големо да ми пораснеш!
Кога ќе роса зароси
Мирјанчо да го искапе,
кога ќе стадо заблее
Мирјанчо да го надои
кога ќе ветер завее
Мирјанчо да го залула
Мирјанчо да го залула
големо да ми порасне
на крала кралство да земе
на цара царство да земе
мене од ропство да извади

:(
 
Член од
28 јуни 2010
Мислења
0
Поени од реакции
1
Цветови - Славко Јаневски

В Тиквешко негде, в некое село
кај в слана тивко венеше цвете
убија дете.
Последна солза од око капна,
кога на ридот есента стапна,
в крви се изми утрото бело.
И кога в зраци челикот светна
последна мисла ко птица летна
"Мајка ми сама остана в село".
О, детски очи!
Криевте в себе небесно катче..
Румено крвје течеше в жили
в радост без почин...
Кај око детско натопи земја
гороцвет никна, разлиста пролет,
кај крва вреларастопи слана
црвена роза закити поле.
Мајската роза и цветот модар
в миризма молат:
"Закити друже, огнена пушка
со цвеќа млади,
па напред појди и други деца
брани со гради"
В Тиквешко, в некое село
кај в слана тивко венеше цвете
убија дете.
 
Член од
1 ноември 2008
Мислења
7.396
Поени од реакции
1.880
Коле Неделковски - Глас од Македонија

О, трајте, трајте, тирани недни!
Доста се тија лаги и злоба -
пакосен глас од устите гадни
над мојот народ у секоја доба.
Та ете веќ векови цели
писка и стенка од волци гости -
за брата вијат кој да го дели
за да му глода сувите коски.

--------------

Кочо Рацин - Елегии за тебе


Таму горе на небото
зора руди, земја буди,
ден морави шири крила
и алова точи свила,
таму зора црвенее –
мое срце ми црнее.

Ископајте длабок бунар
извадете ладна вода
натопете лути рани
да не горат, да не болат.

Зоро златно и румено!
Зоро слатка посестримо!
Ти изгреваш на далеку –
да ли еднаш ќе изгрееш
силно, силно, дури милно
над долови и над гори
над полиња и над реки
над мојата татковина?
Кој ни ги скрши белите крилца
крилца на галаби бели?
Кој ни замати извори бистри
извори на души чисти?

И кој раздвои, и кој раздвои
човек од човек со ѕид?
И кој направи, и кој направи
човек на човека роб!

Та човек од човек
да страда
и тегне
и бега
од лулка до гроб?
 

LordDragonII

Dr.Strangelove
Член од
15 август 2008
Мислења
10.995
Поени од реакции
5.725
Костадин Солев (Кочо Рацин) - Копачите

Се к'ти ноќта црна!
Се рути карпа – мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори –
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!

Пробудете се морни
копачки и копачи –
на трудот
црн
народ!

Со мотика на рамо
за корка сува леб,
по патиштата стрмни,
по полињата рамни,
у вивналиов ден –
да тргнеме и ние
страдалници од век!

На деда Богомил
земјата ровка, мека,
набабрена за род,
со страдна душа чека
ударите ни јаки
со мотиките остри
по троскот
пелин
трат!

На работа!
На труд!

Да прокопаме меко
полињата родни
афион, тутун, житце
да родат благородни.

И по кривите вади
да пропуштиме води
за оризите млади
и зелени лободи.

На работа!
На труд!

Да роди род богат!
Да бликне живот млад!
На пепел троскот, пелин
во огин пламен јад!
Жилите да пуштат
корења длабоко
плодови да бликнат
високо, високо
слободно
на воздух!

Ораме со рало
на земјата ни златна
колку е богата!
На пепел троскот, пелин!
Во огин пламен јад!

Да престанеме, да снема
тагата голема
за голиот живот
на човек
станал –
скот.

И в таја мугра пресна
да екне дружна песна
на дружните удари –
та бијат срца млади
и растат силно гради
пребликнати со јад!

Од сички маки тешки
не видовме бел ден,
а од солзи жешки
не стануе меден
нашиот живот!

На работа!
На труд!

Та не сме саде ние
та не сме саде тука –
ние сме по цел свет
безбројни
милиони,
на трудот
црн –
народ!

Да биде честит денот
и првата ни стапка
у првиот ни век!
Ќе мине силен ек
ќе б'сне слнце златно –
по секаде на светот
ќе згине срамно гнетот –
ќе л'сне живот нов!

И реки ќе потечат
и бреме ќе одвлечат
на вековита смрт!
Реките од живи
и пробудени сили
на копачи
копачки
и страдни
голи
гладни
по целата земја!

Се к'ти ноќта црна!
Се рути карпа – мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори –
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!
 
Член од
28 јули 2010
Мислења
179
Поени од реакции
49
Дојдов да те прашам да не ти треба нешто,
да не нешто те носам на душа,
па грешките и гревот да ми ги оправдаш
и одаде животот и отаде смртта,
оти грешен е оној што не дава проштење,
a не оној што проштење бара.
Не знам што правам, a доправам нешто
што е само сеќавање на тоа нешто
и плачот ми е спомен од некое минато плачење
и зборовите ми ce одѕив
на некои други зборови.
Te барав секаде кај што мислев дека ќе поминеш,
од кај што изгрева до кај што заоѓа сонцето,
но ниедно светло до тебе да ме допрати.
Барем негде сенката да ти ја најдев заспана,
пред некоја градска чешма, во некоја градина,
да можам да ја покажам,
да ја прекажам, да ја раскажам.
Дали ти беше мал народот, мала земјата,
дали ти беа малку зборовите, тесно во песната
за да те собере сиот, за да те разберат сите?
Еве, сега пак те тажам и плачам
и, прости дека тоа полека
ми станува и радост, единствена свеченост.

Петре М. Андреевски
 
Член од
1 ноември 2008
Мислења
7.396
Поени од реакции
1.880
Радован Павловски - Гоце

Ме мачат прокоби
Крвави играрии на векот
Ни потопи ни суши
Не ќе ме слезат од височини
Не смрт без слобода
Не без Македонија
Та кој ми ја краде земјата
И во очи ми ја фрла
Кој ми го погани морето
Ѕвезди крвави ќе му потопам
Тука и тревка се бори
За сонце и слобода
Тука и семето јачка
Во земјина утроба
Та од каде прислушнувам плач
Та кој ветер ми го корне
Морето од душава

Покрени се море градобран биди
Пред налет на стрели сараценски
Смрт или слобода и за бога
Одлука стравотна е, а камо ли
За народ унесреќен
И ако умрам и не стигнам
Да ве опоменам
Во природата и надвор од неа
Се што допрев и помилував
Ќе загрми а ако сите вас
Не ве збрав на покрив на слобода
И ако во себе
Не ја допрочитав вашата душа
Се плашам да не ве измамат
Оти има
Лажно сонце и рана пролет
Среде зима тешка
Та така
Да ги измами на видело
Вљубениците во слободата
А потем на нишан да ги земе
ете од тоа нам ни страдаат поколенија
 

AnaMercury

Love is only a feeling...
Член од
30 декември 2007
Мислења
1.097
Поени од реакции
190
Љубовта умира...

Љубовта умира
како човек што умира
се разболува, лежи, боледува
бара лек, се надева
се поткрева и пак снеможува
може да се разболи нагло
или болеста полека да напредува
и пред самиот крај, обично
се исправа на нозе и застанува
да засвети со сета сила
од своите убави времиња
изгледа како да оцелела
за потоа да умре, да ја снема
конечно и сосема
најпосле,
човекот кој ја носел
ја погребува во себе
и оплакува

Скоро секој од нас
носи во утробата
едни такви гробишта

Тихомир Јанчовски
 
Член од
13 август 2010
Мислења
956
Поени од реакции
1.099
Сега видов, сум ја утнала темата, претходно сум ја ставила кај странските поети. :kesa:

„КОГА ЈА ЉУБЕВ ДЕНИЦИЈА“
Петре М. Андреевски

Кога ја љубев Дениција,
како да калемев светлина на мракот,
како да топев снегови фатени во движење,
како да станував единствен сведок
за бакнежот меѓу металот и громот.

Кога ја љубев Дениција,
како да му пронајдував брзина и на каменот,
како да ја одделував душата од телото,
како да го палев барутот
на тилот од смилот и трендафилот.

Кога ја љубев Дениција,
како да внесував летен воздух во воздухот зимен,
како да ги откривав сите рудници на злато,
како да добивав телефонска врска со сонот
од сите успани работници.

Оти ја љубев Дениција,
како што ги отворав пролетните аптеки,
сместени во гласот од славејот,
како што славејот ги спријателуваше
небото и земјата,
како што таа ми ја одземаше тежината,
додека трчав кон неа,
како што не можев да видам ништо освен неа,
како што таа живееше додека јас умирав,
како што и јас не знаев како би умрел,
ако таа не се родеше.

Кога ја љубев Дениција,
како да учествував во создавањето
на првата Македонска Држава.
 

AnaMercury

Love is only a feeling...
Член од
30 декември 2007
Мислења
1.097
Поени од реакции
190
Како те љубам

1.
Со благост те љубам
тогаш кога правиш сe';
за да ми се одмилиш.
И пак нашата шарада
од глума, молк, празни зборови,
недокажани мисли, мимика,
и фатализам
впловува во своето
единствено можно пристаниште.
Со горчина те љубам,
тогаш кога ми се отвораш,
гол и ранлив,
срцето ти го стегам во дланкава.
И пак прелетуваме над сите
стијни предели
на нашиот единствен можен дом.
Со страст те љубам,
тогаш кога раката ми мрзне
од твојот студ.
Ти само така изгледаш
недостапен за мојата
променлива љубов
додека со крупни голтки
ја тркалаш во грлото.

2.
Те љубам исто,
како застоена вода
времето, далечината,
не ја поместува
мојата љубов.

Твојот глас, пренесен од илузијата
на модерната техника
со еден збор ги прескокнува
лесно препреките што чинам
вештачки се таму.
Не ме плашат времето,
далечината,
новите жени,
јас пак те љубам исто.

И пак тоа е различна љубов,
таа жива е, старее и зрее,
те бара и те ослободува
те очекува да ја побараш
еден ден кога ќе сфатиш
дека таа е твојот дом.


Елизабета Баковска
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.488
Поени од реакции
5.965
На небото сина молња

На небото
Сина молња,
Од небесниот свод
Темен татон

Во август.

Се` е во страв
Од дамнешниот
Указ:
Змијата-порокот
Над главите
Зборот-меч
На пророкот.

Кревам глава
Чекам.

Од длабини
Татни.
Вие,
Врие,

Од високо
Бие.
Сека,
Грми.

Ангелски
Трбат
Трби:

Во галоп
Четири коњи,
Четири коњи
Четири јавачи,
Четири јавачи
Четири сенки,
Четири коњи
Сенишни.

Црно сонце
Од скакулци
Црно сонце
Од кобници
Црно сонце
Од пороци
Од витли
Од гнев

Огнен ветер
По нашиот грев,
По нашиот грев
Огнена река

Боже мој,
Господе наш
Време е
Не чекај,
Не чекај.

Време е
На кобата
И прокобата,
На окајот
И
Покајот,
На крикот
И
Лелекот,
На омразата
И
Одмаздата.
Време е
На страдањето,
На гнилежот
И
Паѓањето
Во здивот
На
Нечестивиот,
Влезен
Длабоко
Во нас
Во
Темен час.

Време е
На
Морот
И
Поморот
На
Гибелта
И
Погибелта,
Време е
На
Скрбта
И
Смртта
Одамна
Претскажана
Како
Олеснение
Одамна
Чекана
Како
Спасение.

Извадоци од драмската поема „Апокалипса“ на Михаил Ренџов.
 

Kajgana Shop

На врв Bottom