ВОЈНАТА НА КАВКАЗОТ ОД СРПСКИ АГОЛ -
АНАЛИЗА НА „ПОЛИТИКА“
Јужна Осетија - метастаза на Косово
Косово ги зацврсти Јужна Осетија и Абхазија да не останат во Грузија,а Западот не може да ја притисне Русија бидејќи Москва има силен адут
Сцени какви што веќе сме виделе на Косово - руски
војници поминуваат покрај уништен грузиски тенк во Јужна Осетија
Јужна Осетија, низ призмата на западната политика на двојни стандарди,субјективноста на меѓународниотфактор и недоследноста во почитувањето на меѓународното право, се одразува како суштинска спротивност на Косово - Грузија смее се' што на Србија и' е забрането.А самата Јужна Осетија и' се враќа како бумеранг на Америка и нејзините сателити, бидејќи се повикува на косовскиот преседан. Исто така, со измислениот „косовски преседан“, Западот почна кроење нов светски поредок, но манипулирајќи со поимите хуманитарна катастрофа, геноцид и легитимна одбрана на националниот интерес, ја врати на сцена воената сила како средство за постигнување геополитички цели. Токму на тоа место може да се бара заеднички именител за кризата на Косово и во Јужна Осетија. Се подразбира дека косовскиот „преседан“ мора некаде да метастазира, со тоа што останува да се види дали беше случајност првата точка да биде Јужна Осетија. Геополитичарите, стратезите и аналитичарите оценуваат дека Русија е во ситуација во која не може да загуби: располага со блокада во Советот на безбедност на Обединетите нации и ја изготви косовската платформа така што може секогаш да ја примени, а Западот нема начин да ја притисне Русија и да го запре воениот судир во Осетија, бидејќи - го призна Косово. Рускиот претседател Дмитриј Медведев истакна дека „се направени најтешки злосторства: луѓето ги убиваа, палеа, ги газеа со тенкови, ги колеа“. Клучниот збор, „геноцид“, добро ни е познат. Со тоа што Русија сега е моќна, за разлика од 1999 година.
- Косово е поучно за Осетија која сакаше да ги заостри односите и да ја дефинира позицијата, а Грузија се обиде тоа да го реши со насилство, како Србија во 1999, да не беше косовскиот преседан, немаше да има војна во Јужна Осетија - вели Оливер Ивановиќ од Министерството за Косово и додава дека во ОН повторно ќе се појават двојни стандарди. Неговиот претходник Душан Пророковиќ укажува дека Осетија прва ги следи косовските стапки, но постојат две допирни точки за овие прашања: односот на меѓународната заедница и улогата на НАТО. Како што НАТО имаше интерес да го направи Бондстил, сега прави огромна база на Црно Море, во Батуми - вели тој. Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин укажа дека Грузија е светски рекордер во зголемувањето на воениот буџет. Во неа работат 127 советници од Пентагон. Александар Алексеев од руското МВР изјави за Танјуг дека меѓу Јужна Осетија и на Косово постојат многу паралели, дека „стандарди не постојат, туку само цели и средства за нивно постигнување“.Русија денес ја критикуваат оние што убиваа Срби во 1999 година - рече Алексеев, кој како „цинизам и безобразлак“ ги оцени реакциите на некои земји дека Русија употребила „непропорционална сила“. Исто како во случајот со Косово, случувањата во Јужна Осетија ги следи моќна пропагандна машинерија и многу медиуми на Западот не го расветлуваат конфликтот, туку практично се дел, инструмент на психолошка војна. На почетокот, по нападите малкумина известуваа за тоа, но откако нападот пропадна (кое беше јасно после 24 часа) започна хистеријата во печатот - истакна Алексеев.И во случајот на Косово и во случајот на Јужна Осетија имаше офанзива, во првиот случај ОВК, а во другиот грузиската армија, „крајно насочена против цивилното население“. Според тоа што се гледа, Грузијците се стремат да остварат етничко чистење во Јужна Осетија - рече Алексеев и додаде дека тие што барем малку се разбираат знаат што значи користење на системот за плотунски оган „Град“ по населбите и по Цхинвали.
- Често го користиме терминот двојни стандарди, но тука воопшто не може да се говори за никакви стандарди. Постојат цели и средства за нивно постигнување и ако во однос на Косово целите се едни, се разработуваат едни средства за нивно остварување, ако во однос на Грузија целите се спротивни, се разработуваат други средства - истакна тој. Поранешниот шеф на југословенската дипломатија Горан Свилановиќ исто така го потенцира „интересот“ за да ги подели овие две кризи. Грузија е интересна сфера на Русија, ова бргу ќе го сфатат сите, а Косово е европска интересна сфера и тоа треба што побргу да се сфати. Улогата на Вашингтон и Русија од денес е помала во однос на улогата на ЕУ - оцени тој. Душан Јањиќ смета дека судирите во Осетија бргу ќе престанат бидејќи Русија е во добра ситуација поради косовската блокада во Советот за безбедност на ОН. Буш не сака со Русија да расправа за Косово и Грузија, но Москва не дозволува САД лесно да се извлечат од двете кризи, кои ќе се претворат во глобални кризи токму поради блокадата во СБ - истакна тој.Интересно е и видувањето на поранешниот известувач на ОН за поранешна Југославија, Јиржи Динстбир, дека и во Осетија и на Косово, главно е тоа што големите сили „цртаа граници во согласност со своите потреби, или според исходот на војните што ги воделе“.Косово ги зацврсти Јужна Осетија и Абхазија да не останат во Грузија, а Западот нема начин да ја притисне Русија и да го запре судирот бидејќи Москва има силен адут, Западот го наметнува признавањето на Косово - додаде тој.