Новата ограда на мостот крај хотелот Холидеј Ин, која ќе чини 1,7 милиони евра, не е скапа, смета скопскиот градоначалник. Градот дури и заштедил пари бидејќи со електронската аукција за делот- изработка и монтажа на ограда и канделабри- се постигнала значително помала цена од проектантската.
- „ Оградата на мостот кај Холидеј Ин не е скапа. Практично, по проектантските цени таа требаше да биде некаде околу 3 милиони евра. Меѓутоа благодарение на јавното наддавање, т.е. на електронска аукција се симна на 1 милион евра. Поскапа е во однос на другите заради тоа што постпката за изработка е специфична. Имено прво се прават калапи и секој калап е посебен“.- изјави меѓу другото градоначалникот Коце Трајановски.
Од Градот засега не го објавуваат идејното решение на оградата. Нејзиниот изглед, како што објаснува градоначалникот, ќе биде уникатен- со народни мотиви и сцени од животот во Македонија.
Само за споредба, единствениот цел мост кој го гради Градот Скопје е оној помеѓу Сарај и Ѓорче Петров. Вкупно, за темелењето, арматурата, бетонот во основниот договор предвидени се околу 1,5 милиони евра, што е за 200 000 евра поевтино од оградата на мостот кај Холидеј Ин.
- „ Ова е мост во централното градско подрачје (мостот кај Холидеј Ин н.з.). Мост кој е значаен за градот Скопје. Мостот кај Сарај е мост кој што е класичен и тој ќе не чини некаде околу 2 милиони евра претпоставувам“- изјави меѓу другото градоначалникот на Скопје, Коце
Спротивно мислење од градоначалникот веќе јавно искажаа неколку стотина граѓани. На социјалните мрежи за во недела се организира сатиричен собир на кој 200 лица обединети во фирма, би побарале, за парите, тие да глумат „жива ограда“. На крај очекуваат признание од Владата за успехот- компанијата без почетен капитал да вработи 200 лица и да сврти преку милион евра во првата година од работењето.
Според досега потпишаните договори од вкупната сума од 1,7 милиони, најголем дел се за лиење и монтажа на оградата и канделабрите, 1 150 000 евра. Околу 310 000 евра чини градежниот дел на реконструкцијата а 240 000 се потрошени за откуп на калапите од глина.
Предмет на договор----------------------------Сума
Изработка и монтажа на канделабри и ограда----1 150 000
Реконструкција на ограда- градежен дел----------310 000
Откуп на авторско дело- калапи и негативи-------240 000
ВКУПНО----------------------------------------1 700 000
Минатата година беше реконструирана оградата и канделабрите на мостот Гоце Делчев а на оној кај МАНУ и асфалтот и тротоарите. Сите овие активности на двата објекта чинеа околу 800 000 евра.
Александар Димитриевски