Mакедонскиот грб во грбовникот
на Корениќ-Неориќ од 1595 г.
Над грбот пишува: цимери македонске земље (грб на македонската земја), а под грбот: Macedoniae.
Не е познато кој бил Корениќ-Неориќ. За датумот на овој грбовник има спор. Во подолг текст на кирилица и латиница на првата страна од грбовникот, се гледа дека грбовникот требало да биде родословие на светите отци и „белези на земјите и на светлини племиња“ од илирското царство што ги насобрал Станислав Рупчиќ, управник на грбовите на царот Душан, а ги препишал од некоја многу стара книга што ја нашол на Света Гора во 1340 г. Овој запис е фалсификат, со цел да му се даде поголема важност и старост на грбовникот. Во грбовникот се дадени 11 земски грбови, т.е. „bazeli zemalja svetlih plemena“. Македонскио грб се среќава уште два пати во т.н. „општи грбови“, „комбинирани грбови“ или „сложени грбови“.
На првиот општ грб, на првото десно хералдичко поле (т.е. лево од гледачот) е македонскиот грб, жолт лав, кој овде не е исправен, со круна на главата на црвено поле, што одговара на посебниот македонски грб од овој грбовник. Бугарскиот е црвен лав, без круна на жолто поле. Во средината е двоглавиот орел - грбот на српската династија Немањиќ, а под него има лав, грб на босанската династија Котромановиќи. Над грбот на лентата пишува: „Цара Стипана Стиепана Немањића цимиер“, а под грбот на латински „Imperatoris Stephani Stephani Nemagnich insignia“. На вториот опш грб, над царската круна, на лентата пишува „Крала Степана Уроша Немањића цимиери“, а на лентата под грбот „Regis Stephani Urosy Nemagnich insignia“. (А.Матковски, op. cit. 77-81)
Македонскиот грб во грбовникот на Палиниќ
од крајот на XVI век, или почетокот XVII век.
Macedonie regniy
„Грбовникот сигурно е работен за семејството Војковиќ-Палиниќ, бидејќи нивниот грб е меѓу оние шест што се во боја... со цел семејството да се здобие со благородничко достоинство“. Македонскиот е нацртан грубо со црн туш, на главата на лавот има мала круна, а над штито војводска круна. (Ibid. 82-83)
Македонскиот грб во трудот
на Мавро Орбини од 1601 г.
Во 1601 г. во Пезаро (Италија) на италијански излегла од печат книгата „Il regno de gli Slavi hoggi corrotamente detti schiavoni [Превод: Царство на Славјаните, денес погрешно наречени скиавони - заб. А.Б.]. Historia di Don Mavro Orbini Rauseo, abbate melitense“, напишана од дубровничкиот историчар и опат на бенедиктанскиот манастир на Млет Мавро Орбини, роден во втората половина на XVI век, а како дата на неговата смрт се наведува 1614 г.
Според А.Матковски: „Делото има 500 страници, голем формат и е пишувано на италијански јазик. Тоа е историја на Словените воопшто и на Јужните Словени посебно. Според зборовите на самиот автор, овој труд требало да ја посведочи неговата привразност и љубов кон словенството. Иако книгата има многу недостатоци и неточности, поради тоа што е многу ретка и прво дело од таков вид, и денес е доста барана. Бидејќи во неа им оддавал признание и на противците на католичката црква и бидејќи ги славел и величел српските и бугарските „шизматици“ и премногу се повикувал на „еретските“ извори и писатели, римската курија ја ставила во Index prohibitorum Librorum (индекс на забранетите книги). ...
[14]
...Делото му некритично и исполнето со панславизам. Тој пишувал дека Словените биле славен народ, но нивните дела немало кој да ги запише, бидејќи немале учени луѓе како што имале Евреите, Грците, Римјаните и др. Инаку, Словените владееле во Европа, Азија и Африка. Во почетокот ја опишува Скандинавија, која, според него, била стара татковина на Словените. Потоа во првите 205 старници ги опишува балтичките, моравските и дунавските Словени. Од стр. 206 ја опишува историјата на Далмација и Илирија сè до 1161 г. Од стр. 244 поминува на опишувањето на средновековните феудални јужнословенски држави. Според него, старите Словени се бореле со старите Египјани, ја урнале Римската империја, ја завладеале Франција и Шпанија и преминале во Африка и Азија. Со време од тој прасловенски народ се развиле посебни народи, како Готи, Авари, Шведи, Нормани, Фини, Трачани, Илири и др. Неговата книга се појавила во еден погоден момент кога Јужните Словени биле покорени од Турците и од Германците, со исклучок на малата Дубровничка Република и кога немале свои држави, а неговата книга раскажувала за големи држави и владетели меѓу Јужните Словени. Значи, неговото дело излегло од онаа средина со оние разбирања, што се во врска со хуманистичкото движење во Дубровник од крајот на XVI век.
Делото на Мавро Орбини е важно и поради тоа што било прв труд со печатени јужнословенски грбови, Меѓутоа Орбини не дал хералдички толкувања и објаснувања за грбовите.“ (Ibid. 83-84)
А.Матковски понатаму ништо не пишува за содржината на книгата на Мавро Орбини, а книгата на Орбини или страниците од неа кои се однесуваат на Македонија, сум ги барал и на други јазици, но безуспешно. Се разбира, има и други автори кои ја читале книгата на Орбини, па така ќе дознаеме нешто повеќе за тоа што го напишал Мавро Орбини за Македонија.
Но, прво да видеме дел од тоа што Матковски го напишал за македонскиот грб во книгата на Мавро Орбини.
„...бугарскиот грб е на стр. 398, каде што почнува излагањето на бугарската историја. Пред да почне насловот на српскиот дел од историјата, го ставил српскиот грб итн. Македонскиот грб го има само во општиот грбовник. Грбовите кај Орбини не се во боја, туку во црно-бел бакрорез. За своите грбови, за нивното значение, од каде ги земал, кој ги составил и сл., ништо не напишал. Меѓутоа дека Орбини се служел со грбовникот на Корениќ-Неориќ или од неговиот протограф се гледа од општиот, кој е речиси иста комбинација како и кај Корениќ-Неориќ, т.е. општ грб од 9 земски грбови.