Нигериецот од рекламите на К-15: Не сум расист, јас сум лобист- за Уставното име!
Нигериецот Симон Поликард, кој 30 години живее во Македонија и има македонско државјанство, како член на ТМРО, вчера најави дека почнува офанзивна кампања на лобирање за Македонија во светот. Поликард, кој е поставен за в.д. координатор на Општинскиот комитет на ТМРО, вчера ја повика власта и државните институции, научната јавност активно да се вклучат во офанзивна меѓународна политика за конечно решавање на македонскот прашање.
-За ТМРО преговори за името на државата не смее да има. Македонскиот народ, култура, нација од античко време, се придобивка на целото човештво и тие постојат. Меѓународната заедница треба да се потсети што се случи во Букурешт 1913 година, кога соседите извршија геноцид врз македонската нација, порачува Поликард.
Неговата прва дипломатска активност, според неофицијалните информации ќе биде насочена кон признавање на Македонија под уставното име од Нигерија, како негова матична држава, а потоа и активно лобирање во ООН.
Симон Поликард, ја повика меѓународната заедница и Обединетите нации, конечно во генералното собрание на ООН да ја признаат Македонија под уставното име, кое ќе биде заведено како Македонија со латинична транскрипција.
Поликард е оженет со Македонка и со своето семејство живее во Штип.
Инаку по минатонеделната посета на Метју Нимиц на Скопје и на Атина, грчките медиуми пренесуваат дека кај медијаторот Нимиц, преовладува расположението за двојната формула. Катимерини пишува дека Нимиц ги извртува работите во прилог на Двојната формула, која ја предлага Македонија, а Грција е категорично против.