Стара кола е мачка во вреќа
За увоз на автомобилот стар 14 години, сопственикот ќе плати и до 2.000 евра само за замена на потрошен материјал со кој возилото би се довело во добра состојба и би се подготвило за пат
Разликата помеѓу трошоците за сервис на стар автомобил „сеат ибица“ од 1996 година и на нова „ибица“ од 2010 година, изнесува најмалку 1.000 евра. Пресметките на официјалниот сервис на „Сеат“ во Македонија покажале дека при увоз на автомобилот стар 14 години, за кој Владата неодамна дозволи да се внесуваат во земјава, сопственикот ќе плати и до 120.000 денари, односно две илјади евра само за замена на потрошен материјал со кој возилото би се довело во добра состојба и би се подготвило за пат. Овие трошоци за новиот автомобил изнесуваат од 14 до 46 илјади денари (од 220 до 750 евра) по изминати 40.000 километри.
Според Златко Калеников, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија и сопственик на „Ка-Дис“, увозник на „Сеат“ во земјава, граѓаните со дозволата за увоз на автомобили постари од 16 години во најголем број случаи купуваат мачка во вреќа поради непознавање.
- Ако автомобилот не бил редовно одржуван и сервисиран, за да се доведе во добра возна состојба, ќе потрошат до 2.000 евра веднаш. Во случај да е одржуван автомобилот трошоците за редовен сервис еднаш годишно изнесуваат 1.000 евра, не земајќи ги предвид непредвидените дефекти. Со нов автомобил непредвидените трошоци ги немате во првите три до пет години кога важи гаранцијата - вели Калеников.
Според официјалниот сервис на „Сеат“, возило старо 14 години возено во некоја од европските земји, има поминато од 500.000 до 900.000 километри, или од 38.000 до 70.0000 километри годишно. Оттаму сметаат дека ваквото возило е на самиот крај од својот работен век поради бројот на поминатите километри, годината на производство и начинот на одржување.
- Слично како и кај нас, во европските земји со стареењето на возилата, сопствениците ги сервисираат во неовластени сервиси со неоригинални делови за да ги намалат трошоците за одржување, при што повеќе го забрзуваат стареењето. Но, со стари амортизери, со неоригинални кочници и управувачки механизам, со неправилности во системот за палење и за вшприцување ова возило е небезбедно, еколошки неподобно, има нецелосно согорување, а зголемена е и бучавоста поради дотраените издувни системи - посочуваат сервисерите.
Според нив, препродавачите на половни возила се многу досетливи и применуваат различни методи за да ги прикријат недостатоците на старото возило. Еден начин да се прикрие староста е да се стави погусто масло во моторот за привидно да ја подобрат компресијата, односно работата на моторот. Потоа, го перат моторот за да не се види дека од него истекува масло и слично.
- За да биде безбедно и подготвено за на пат на возилото постаро од 14 години треба да му се заменат сите филтри, ремени, свеќички, пневматици, амортизери, кочници, компоненти на управувачки систем и на подвозење (зглобови, буфери) - велат официјалните сервисери.
Од почетокот на годината, кога Владата најави дека ќе ја спушти старосната граница за увоз на автомобили, салоните за нови возила бележат рекордно ниска продажба. Иако вицепремиерот Зоран Ставрески тврди поинаку, приходите во буџетот од продажба на автомобили се рекордно ниски. Според Ставрески, приходите во буџетот по донесувањето на правилниците за увоз на стари возила изнесуваат околу 2,5 милиона евра по сите основи. Но, истовремено, вкупните приходи во буџетот за првите два месеца од годината споредено со 2008 година се намалени за 54 отсто, а споредено со претходната 2009 година, кога веќе почна кризата, се намалени за 21 отсто.
- За нас не е штетен правилникот за увоз на стари возила, туку фамата што се направи во јавноста пред неговото носење. Додека траеше процесот на воведување на правилникот и измените на Законот за акцизи, никој не купуваше автомобили. Тогаш ние загубивме многу - вели Калеников.
Според него, нелојалната конкуренција е во тоа што Владата дозволи увоз на стари автомобили по евро 1-стандардите, а тие не можат да продаваат нови автомобили по евро 1-стандарди, кои се' уште се произведуваат. Калеников смета дека сите граѓани што увезоа стари автомобили, на среден и долг рок, се потенцијални клиенти на увозниците на нови возила преку системот „старо за ново“.
- Сево ова води кон едно, а тоа е зборот стратегија. Прашањето е дали Владата има стратегија на кој начин ќе го обнови возниот парк на земјава. Со нови возила, преку кои ќе направиме стабилен и интересен пазар, или со стари автомобили, кои се неефикасни и на крајот се поскапи - посочува тој.
Горан Ризаов
http://dnevnik.com.mk/?ItemID=CF3EBF062A6B574BA6FE68BBFD382D50
Од каде им истекнуваат вакви работи!?
Предлагам Г-динот Калеников да се кандидира за нобелова награда :uvo: