Еве една убава студија за импликациите кој ќе ги предизвика Косово во понатамошниот дел на случувањата,сепак и Американците како да се за поделба во последно време односно како да не сакаат потполно независно Косово.:
Лондон, 15 август (МИА) - Американскиот експерт Тед Гејлен Карпентер, од институтот „Кејто“ во Вашингтон, оцени дека политиката на Западот кон Косово е мотивирана со стравот од албанскиот бунт, за кој сметаат дека е неминовен доколку на Косово му биде ускратена независноста, која, според него, би го разбудила сонот за „Голема Албанија“.
- Не поделбата, туку независноста е тој фактор кој што ќе даде огромен поттик на сонот за „Голема Албанија“, изјави Карпентер за Би-Би-Си.
Укажувајќи оти западните дипломати сметаат дека независноста на Косово еднаш засекогаш ќе ги реши проблемите на Балканот, американскиот експерт смета дека ќе се случи токму спротивното.
- Мислам дека независно Косово ќе даде нова сила на желбите за формирање Голема Албанија - тоа подразбира положување право на територијата не само на Македонија, Црна Гора и Србија, туку и на делови на северна Грција. Тоа ќе биде почеток на нов циклус, во најмала рака, немир на Балканот, вели тој.
Како што пренесува МИА, според него „сето тоа во голема мера ќе биде последица на краковидноста на западната политика во тој дел на светот уште од почетокот на деведесеттите години“.
Тој тврди дека најмалку лошо решение би било „наметната“ територијална поделба на Косово, со која, според него, барем би се заштитило поголемиот дел од српското малцинство и неговото културно наследство на Косово. - Мислам дека Албанците, и покрај тоа што би се побуниле, на крајот би се согласиле на таквото решение - единствено е важно тотално да не им се ускрати можноста да добијат независност, оцени Карпентер.
Американскиот експерт оцени дека единствениот начин на кој САД би се откажале од досегашната политика на поддршка на независноста на Косово би бил да добијат јасни сигнали од најголемите членки на ЕУ дека не се согласуваат, и оти Вашингтон во тој контекст добива помешани сигнали.
- Од друга страна, руското противење веќе однапред е пресметано - веќе со месеци е јасно дека на Русија нема да и биде дадена можност да стави вето на независно Косово во Советот за безбедност на ОН, рече тој.
- Контакт групата на крајот ќе го префрли прашањето на ЕУ, чии најголеми членки - Велика Британија, Франција и Германија - и натаму сметаат дека Косово треба да биде независно. Според тоа, Москва нема да може да го блокира таквиот исход, иако тоа сериозно ќе ги оштети односите на Западот со Русија, заклучи Карпентер.
Гласините за поделба на Косово предизвикаа силна реакција на албанскиот премиер Сали Бериша, јави дописникот на МИА од Тирана.
Во официјалното соопштение од неговиот кабинет тој оценува дека не само што оваа опција не го решава статусот на Косово туку „од темел му се заканува на мирот и стабилноста на Косово и регионот пошироко“.
Според премиерот Бериша почитувањето на актуелните, меѓународно признати граници на балканските земји и независноста на Косово на териоријата со меѓународните негови граници, претставува единствениот пат за мирен и стабилен Балкан.
- Новите поделби на Балканот мотивирани од етнички чисти држави ќе значат нови кризи и опасни конфликти не само за нашиот полуостров туку и за цела Европа, предупредува Бериша.
„Ситуацијата на Косово и во јужна Србија е под контрола“, пренесуваат денеска белградските весници по вчерашната средба во Ниш меѓу началникот на генералштабот на српската Војска генерал Здравко Понош и командантот на КФОР Роланд Катер.
Според зборовите на генералот Понош, соработката меѓу српската армија и КФОР е на високо ниво. Тој изрази увереност дека соработката ќе им биде успешна и во иднина, а „ќе бидат создадени услови политичкиот процес во тој дел на Србија да продолжи беспрекорно“.
- Ќе направиме се што е можно да ги гарантираме мирот и безбедноста, но ниту една армија на светот не е во состојба да го запре криминалот. Тоа што го знам е дека полицијата на двете страни на административната граница меѓу Косово и Србија работи на овој проблем, а ние им даваме поддршка, истакна генерал Катер.
Средбата на двајцата генерали е четврта по ред и последна, бидејќи Катер на 31 август ја напушта својата функција.