Неси снимена со видеокамера на површината на Лох Нес
Шкотските медиуми се скептични околу приказните за Неси, но снимката на Холмс е со толку добар квалитет што и вообичаено воздржаниот телевизиски канал „Би-би-си Скотланд” ја емитувал неделава во ударните вести
Ако најновата видеоснимка е веродостојна, славното шкотско мистериозно суштество, чудовиштето од Лох Нес, повторно се појави на површината. Британскиот аматерски научник Гордон Холмс направил една од најдобрите снимки на митското чудовиште од Лох Нес, за кое се верува дека плива во длабочините на најмистериозното езеро во Шкотска, јавуваат британските медиуми.
- Не можев да им поверувам на очите кога го видов тоа мазно црно суштество долго околу 15 метри кое се движеше релативно брзо - вели Холмс, 55-годишен лаборант од Шипли, Јоркшир.
Тој ја направил видеоснимката во минатиот викенд. Холмс вели дека суштеството се движело со 10 километри на час и одело по релативно права линија.
- Прво помислив дека се работи за некоја гигантска јагула, зашто тие личат на змии и со нив може да се објаснат пријавените случаи кога Неси била видена - вели тој.
Лох Нес, најголемиот и најдлабок копнен воден базен во Британија, е обвиткан со митови и мистерии. Со длабочина од 230 метри, тоа е подлабоко и од Северното Море. Трагачот по Неси и морски биолог Адријан Шајн од центарот „Лох Нес 2000” во Драмнадрохит, на бреговите на езерото, ја видел видеоснимката и се надева дека темелно ќе ја анализира во следните неколку месеци.
- Себеси се сметам за скептичен интерпретатор на она што се случува во езерото, но умот ми е отворен за овие нешта и нема сомнение дека ова е најдобрата снимка што сум ја видел - вели Шајн.
Легендите за шкотските чудовишта водат корени наназад до еден од основачите на христијанската црква во Шкотска, Сент Колумба, кој пишувал за нив во 565 година. Во поновата историја, откако во 30-тите години Неси првпат била фотографирана од еден хирург што бил на одмор, постојат повеќе од 400 заведени случаи кога Неси наводно била видена. Оттогаш верниците шпекулираат дали е тоа сосема непознат вид, есетра, иако неа со години ја нема во шкотските води, или пак последниот жив диносаурус. Шајн се сомнева во последното објаснување.
- Има голем број можни објаснувања за појавите на езерото. Тоа би можело да се некое биолошко суштество или пак психолошки феномен, зашто во принцип ние гледаме тоа што сакаме да го видиме - вели тој.
Но Неси не е само икона на паранормалното, таа е и амблем на шкотскиот туризам и муза за плишаните играчки овековечена на маичките и на постерите, кои ја прикажуваат нејзината класична трогрба фотографија. Шкотските медиуми се скептични околу приказните за Неси, но снимката на Холмс е со толку добар квалитет што и вообичаено воздржаниот телевизиски канал „Би-би-си Скотланд” ја емитувал во ударните вести неделава. Вестите за новата снимка се појавија во време кога локалните туристички и бизнис-лидери почнуваат кампања за да му обезбедат на Лох Нес место на листата на светско наследство. Ако го убедат УНЕСКО да му даде на езерото специјален статус, тоа ќе го добие рангот на другите споменици од светското културно наследство како египетските пирамиди и Кинескиот ѕид.
- Мислам дека Лох Нес и Грејт Глен се феномен што заслужува статус на светско наследство. Има еден куп работа што треба да се заврши со заеднички сили, но навистина сме возбудени поради тоа - вели директорот на „Дестинејшн Лох Нес”, Роби Бремнер.
Областа ја посетуваат околу 400.000 луѓе годишно, носејќи и' приход од околу 60 милиони долари, но активистите веруваат дека статусот на светско наследство ќе го зголеми приходот четирипати и ќе обезбеди нејзина заштита.