ШТИПСКИ БЕЗДОМНИК СО НАТПРОСЕЧНА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА
Читам книги и на месечина
Штипјани го знаат како Ли бездомникот но ретко кој знае дека тој ги владее англискиот, германскиот, францускиот и германскиот јазик и дека во вреќата од која не се дели носи книги и весници
Штипјани велат дека Ли бездомникот е заштитен знак на тешките транзициони години во Штип. Само што ќе го видат со долгата брада и во стара износена облека како талка по штипските улици, некои со жалење, а други со потсмев го коментираат животот на Мики Трајчевски под отворено небо.
Ретко кој знае дека Ли бездомникот, како што го викаат штипјани, зборува неколку светски јазици. Со странците со кои се сретнува во градот комуницира најчесто на англиски јазик. "Кога ќе ме видат во стара и искината облека не им се верува дека можам да ги упатам и да им помогнам да се снајдат во градот. Јас сум фанатик. Не ми е важно дали ќе бидам губитник. За мене животот е борба", вели Мики.
"Уште како дете собирав и читав странска литература. Речниците што ги собирав од странците што ги среќавав се дел од мојата лична библиотека. Така ги научив англискиот , францускиот, рускиот јазик. За германскиот најмногу можам да и се заблагодарам на професорката Станка со која и денес кога се сретнеме во град се поздравуваме и разговараме само на германски јазик. Таа постојано ми повторува дека и бев најдобар ученик", вели Мики.
"Посебно ме интересира нуклеарната физика. Ова поле е бескрајно и неистражено. Од едни Руси кои беа во Штип дојдов до книга за Јуриј Гагарин. Книгата ги пренесува неговите зборови за тоа како го гледал светот кога бил во вселената. При неговиот прв лет. Интересна книга исто како што е интересна и книгата 'Астрономија' од Горе Ценев член на Астрономското друштво во Скопје кој е мој пријател и со кого соработував подолго време", додава Мики кој жали за тоа што тогаш немал никакви финансиски можности да го продолжи школувањето во Винча.
Преку ден Мики талка низ градот, но не питачи. Во вреќата што постојано ја носи со себе става само она што добронамерниците ќе му го дадат. Вреќата обично му е полна. Ретко кој знае дека е полна со весници, книги и некоја корка леб. "Имам прочитано над 6000 книги. Читам и по месечина. Редовно ги прелистувам весниците. Некои мислат дека ги земам за да се греам. Но, јас се топлам со топлината што ми ја дала природата, а пишаниот збор го чувам како зеницата во окото".
36-годишниот Мики Трајчевски повеќе од половина од својот живот живее сам откако на 16 годишна возраст останал без родители. Мајка му Радмила ги напуштила и заминала во непознат правец, а татко му Смиле исчезнал како пробен пилот во тогашната ЈНА без никаква трага и глас. Уште тогаш Мики барал истрага за неговото исчезнување, но никогаш не била спроведена. Животниот пат го водел од Нови Сад каде што се родил, па преку Лесковац, Врање, Куманово, Скопје каде што татко му бил воено лице за да заврши во Штип, град во кој никогаш немал постојана адреса на живеење и никогаш не успеал да најде работа. Вели поради надворешниот изглед не нашол разбирање и со еден германски бизнисмен кој сакал да го ангажира во неговата штипска конфекција како преведувач од германски јазик. Тоа била прва и единствената сериозна можност нешто да работи. "Мојот изглед е мој свет и не го менувам за ништо, макар да гладувам цел живот", вели Мики.
Ли бездомникот повеќе години живееше во хангарите на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор во Штип кои се наоѓаа веднаш до реката Брегалница.
"Воените хангари беа стари и промаја шибаше од сите страни, ама пак ми беа некаков кров над глава. Сега и тоа го нема. Хангарите, случајно или не, изгореа. На нивно место преку ноќ никна нов приватен објект. Заедно со хангарите изгоре и целата моја лична документација. Ниту мислам, ниту имам можност да вадам нова лична карта", вели Мики кој сега живее каде ќе најде, спие каде ќе го затече ноќта, понекогаш и на снегот под отворено небо, на картон под него, покриен само со некој скинат партал.
Мики не прима никаква социјална помош. "Побарав еднаш, бев одбиен, а сега како што немам никакви документи ниту имам намера повторно да барам", вели бездомникот кој сега само се надева дека државата ќе му најде каков таков кров над глава.
http://star.vest.com.mk/default.asp?id=161783&idg=9&idb=2567&rubrika=Makedonija