Колумна на Бранко Героски, во врска со интервијуто на Никола Груевски за МИА.
Колумнава, намерно не е ставена во темата наречена "Што мислите за Бранко Де-ГЕнеРОСКИ?", од проста причина што наведената тема, најверојатно е отворена за пцуење, линч и лечење комплекси, а тоа го темелам на фактот што во споменатата тема, од 45 коментари, во скоро ниеден, нема поткрепа со изјава, мислење или евентуално на што се базира нападот врз Геровски.
Има само п.м. фак, сак, и ништо повеќе од тоа.
Кога ја почнав ова тема, напишав:
Би сакал истите да ги ставиме на тапет со се' нивните емисии, колумни и мислења, и да прокоментираме за нивната "објективност" и нивниот "професионализам", но се тоа да биде во граници на нормалата, аргументирано и доколку е можно фактички поткрепено.
Паушалните обвинувања и деградации, не водат кон конструктивна дискусија, па доколку е можно да се избегнуваат.
Па најверојатно токму поради ова темава и не е толку интересна.
Еве шанса на сите оние кои не се сложуваат или евентуално се сложуваат со коментарите на Героски, на цивилизиран и културен начин да го нападнат/одбранат, со нивните ставови, поткрепено со факти од доленаведеното интервију.
Веднаш да напоменам дека страна не заземам, а во понатамошниот тек на дискусијата, ќе прокоментирам, со кои сегменти од колумната се сложувам...а со кои не.
Уште еднаш ги замолувам сите оние кои мислат својот бес врз новинарот да го истурат на нецивилизиран начин, дека за таа намена е
следнава тема.
Однапред благодарам за разбирањето.
Цитат:
Груевски ја спрема Македонија за компромис за името
Коза лаже, рог не лаже. Читајте сега внимателно. Прашува МИА (цитирам): „Но, дали сметате дека со референдум е можен компромис и решение на проблемот?”. Одговара Никола Груевски (пак цитирам): „Да. Погрешно е мислењето дека граѓаните не се свесни за фактот дека овој проблем ќе се надмине со компромис. Но, каков ќе биде тој компромис, тоа е големо прашање. Колку тоа ќе не чини, дали ќе го загрози нашиот идентитет и многу други детали се прашања за кои сум сигурен дека македонските граѓани се поголеми експерти отколку некои брутално исфрлени од политиката или крајно маргинализирани
политичари, односно експолитичари или пак некои од нив кои не успеале ни еднаш да ја добијат довербата на граѓаните за да се најдат на управувачка државна позиција, а кои едвај чекаат да се најдат на некој платен список и да заработат”.
За секој што знае да чита (кирилица), работата е јасна како бел ден. Да, вели Груевски, народот е спремен да прифати компромис во спорот со Грција. Смислата на целиот чамче, односно јахта муабет во спомнатото интервју - кое ќе остане запаметено како засега најгруб обид за стигматизирање на мислењето различно од она на семоќниот и обожаваниот Груевски - е да се одбрани спремноста на „бескомпромисниот” премиер токму за компромис во спорот за името.
Операцијата што ја смислил штабот на мислители околу вождот е типично Гебелсовска: Груевски ќе се фали дека тој не отстапил ни јота од своите „цврсти” позиции, а компромисот ќе му се припише на мудриот македонски народ, кој одеднаш станува „свесен” дека „овој проблем ќе се надмине со компромис”, за што има завидно „експертско” знаење.
Се разбира, Груевски знае дека на народот нема да му биде лесно да си го голтне јазикот, па затоа мора да најде некој на кого ќе се натовари вината што Македонија мора да направи компромис. Тоа е таа, како што вели Груевски, „мала, но компактна група политичари, новинари, професори”, за кои тој научил дека се „дополнително мотивирани” од страна на Грција да го напаѓаат и кои „и нанесуваат штета на Македонија и на нашата преговарачка позиција”.
Да е Македонија држава во која владее правото, по ваква изјава некој би морал да одговара на суд. Или нашата „група” (чиј член, познато е, сум и јас) за велепредавство или нервозниот Груевски за клеветење. А кој знае, може да се случи работата и така да заврши. Оти премиерот упатува директна закана „до сите оние што се сомневаат дали Македонија ќе успее и кои сеат страв наоколу инспирирани исклучиво од лукративни цели, односно веројатно од јахти, или други мотивациони средства” дека „на нив историјата ќе им суди”.
Историјата е пословично бавна, а на Груевски очигледно му се брза. Нема да биде чудо ако се обиде да ни суди и да ни пресуди по кратка и ефикасна постапка. Или, поверојатно, ќе почека народот да одговори на неговиот јавен повик на линч, како изблик на демократските” методи на справување со малцинското мислење што
се по волја на старо-новите властодржци.
Но, како што веќе знаете, јас одамна го предвидов ваквиот развој на настаните. Се сеќавате ли кога го цитирав Киплинг, кој вели дека за вистината не се гласа? И еве, 500.000 луѓе гласаа за „доблесниот” Груевски, за човекот кој смета дека најголема доблест е врдоглавоста (логика по која магарето е најдоблесниот божји створ), а тој, сепак, има потреба во име на вистината да повикува на јавна ликвидација на една мала (ама компактна!) група луѓе. Заедно со две лути „дописнички од Брисел”, уште „неколку новинари” кои „на нашите граѓани им го матат умот со анонимни изјави од странски политичари” и „десетина луѓе кои македонските граѓани ги избркаа од политиката, па сега заработуваат како т.н. независни аналитичари, колумнисти, божемни експерти, бивши, повторувам бивши, а не сегашни државни функционери, водачи на невладини организации и слично”, кои имаат силна и според Груевски, не случајна поддршка „од одредени одреди медиуми или поединци во одредени медиуми”.
По вакво интервју, јас верувам дека „лошите” новинари веќе нема да има потреба да се повикуваат на „анонимни извори од Брисел”, бидејќи Брисел веројатно ќе мора јавно да го опомене Груевски дека ваквата црнокошуљашка реторика не му доликува на премиер на една демократска земја. Но, треба човек да биде слеп при очи, па да не види дека во Македонија од поодамна се загрозени културата на политичкиот дијалог, слободата на мислењето и демократијата воопшто.
Со вакви јавни настапи Груевски тоа само го потврдува. За жал, без оглед што наумил да прави со нашата „група”, тоа на Груевски нема да му помогне да избега од одговорноста и од проблемите. Дури и да организира референдум, тој е човекот што ќе мора да го состави референдумското прашање.
Тоа нема да го сторат ни Црвенковски, ни СДСМ, ни странците, најмалку „домашните предавници”. Груевски ќе биде тој што на народот ќе му го понуди компромисното решение и за него ќе мора прв да се изјасни. За да му биде полесно, потребно е да создаде политичка клима поволна за донесување крупни, храбри, реформски одлуки. Тоа не се прави со криење зад волјата на народот, со лов на вештерки, со нервозни закани, со ниски удари и со странични притисоци (на кои деновиве е изложена и мојата маленкост), туку со поттикнување жив политички дијалог и слободна размена на мислења, со храбро соочување со аргументите, но и со заблудите.
П.С. Запрашан во интервјуто дали ова лето ќе оди на одмор во Грција, веројатно со доза на индигнација, Груевски одговара отсечно: „Не”. Јас, како докажан „предавник” во очите на лажните патриоти, иако непрашан од никого, ја известувам јавноста дека наскоро заминувам на кусо летување во Грција. Да ги зачистам јахтите, пред да дојде нашата „мала, но компактна група”. Во текот на летово имам и обврска два пати да патувам во Софија, но тоа не го пријавувам, бидејќи веројатно се смета за политички коректно, ако не дури и визионерски.
(завршен цитат)