Само затоа што прашањето кое го постави е премногу опширно за да се одговори на брзина... (иако ако прегледаш низ последниве 100-тина страници - ќе најдеш многу одговори на таа тема напишани од мене).
Ќе се обидам накратко, па понатаму ако можам ќе навлезам во детаљи.
Масонеријата има три степени. Секој од тие три степени има свој "ритуал". Ритуалот се состои од серија од лекции, кои се пренесуваат од колено на колено со векови. Се пренесува на кандидатот во форма на (најблиска аналогија што можам да дадам) театарска претстава. Членовите на ложата имаат научен текст - лекциите се пренесуваат од збор до збор и не е дозволено никакво отстапување од текстот. Кандидатот за соодветниот степен - е дел од таа претстава - на него му се пренесуваат тие лекции, кон него се насочени.
Лекциите (текстовите - на англиски термините се "lectures" и "charges" - што на македонски веројатно би се превело како "должности") се однесуваат на различни работи во различните степени.
Во првиот степен, фокусот е на личноста, на односот на човекот кон себе, кон луѓето околу него и односот негов кон светот воопшто. Поуката е да се држи до моралните вредности, да се помага и на ближните, но и на незнајните, никогаш да не се поставува над другите луѓе, туку секогаш да помни дека и тој е само обичен човек, кој треба да помага. Секогаш да се труди да ја задржи хармонијата во ложата, но и во општеството, да не осудува никого заради неговите религиозни ставови, и никогаш да не напаѓа друг, заради тоа што е различен од него. Секогаш да помни дека само преку чист и морален живот, ќе може да застане пред Големиот Архитект како праведен и достоен човек.
Во вториот степен - фокусот е на "мистериите" на природата и науката. Кандидатот се поттикнува да се посвети на изучување на науката и уметностите, за подобро да го разбере светот, за подобро да ги разбере луѓето, за подобро да ја разбере Божјата творба (Универзумот). Се поттикнува на праведност, умереност, стабилност во се - не само во јавниот, туку и во приватниот живот.
Во третиот степен - фокусот е на духовноста. На личната духовност, на себе спознанието. Кандидатот се поттикнува да се разбере себе си, за да може да го разбере светот околу себе. Се поттикнува да не се плаши од смртта, затоа што само така може да биде слободен, и да живее исполнет живот. Ако човек е во состојба да го сфати и осознае најтемниот и најмрачниот момент од својот живот (умирањето), тогаш може да разбере се останато и да ја најде смислата во се останато. Се поттикнува да се грижи за своите браќа и нивните семејства, доколку за тоа има потреба.
Ова е во кратки црти... Ритуалот се изведува секој пат исто (за секој степен), но секој пат, човек наоѓа нешто ново во него, открива некој нов детаљ, некој нов слој непознат дотогаш и научува нешто ново. Има членови кои се таму повеќе од 50 години, и сеуште учат. Ако некој помисли дека неговото учење завршило и дека нема потреба да се усовршува - на погрешно место е.