Еве една морбидна урбана легенда која што не е македонска, но вреди да се прочита.
Морбидната урбана легенда за Карл Танцлер
Бизарната сторија за Карл Танцлер и неговите изопачени склоности и сфаќања на љубовта и посветеноста веќе е претворена во своевидна морбидна урбана легенда, која што е уште почудна поради тоа што е всушност – целосно вистинита.
Познат е под неколку имиња: Гроф Карл Вон Косел е веројатно најпознатото покрај Танцлер, но во неговата германска венчаница исто така е заведен и како Георг Карл Танцлер. Роден е во1877 година во Дрезден, Германија, а се преселил во Зефрихилс, Флорида (САД) во 1927 година. Набргу потоа му се придружиле и неговата сопруга и двете ќерки. Таму се вработил во болница на морнарицата на САД во Ки Вест, каде што работел како радиолог.
На сцената стапува Елена Хојос
Во болницата Танцлер бил вработен во одделението за туберкулоза, болест која што косела во тоа време. И покрај силните напори на лекарите, туберкулозата била многу посмртоносна во триесеттите години отколку денес. Повеќето луѓе кои што Танцлер ги познавал всушност биле негови пациенти, и повеќето од нив на крај и подлегнале на болеста. Менталниот и емоционалниот товар од таквите околности се тешко разбирливи за повеќето од нас кои што не се соочуваме со смртта секојдневно, но дури и за најздравите и најстабилните умови таквото отрпнување во однос на смртноста тешко се постигнува, и всушност претставува многу опасна патека по која што еден човечки ум би можел да тргне. Некој би можел да забележи и дека Танцлер и не бил баш најстабилна личност низ текот на целиот негов живот. Тој имал обичај да тврди дека е запознат со медицинско знаење на нови техники за лекување на семожни болести, а исто така се фалел и дека имал најразлични квалификации и титули кои што никогаш не биле поддржани со цврст доказ. Сосема е возможно дека тој всушност и немал формално медицинско образование воопшто. Згора на тоа, и додека бил дете, но и како возрасен тврдел дека бил посетен од некој негов одамна починат предок, грофицата Ана Константиа вон Косел (чиешто име на крај почнал и да го присвојува) која што му покажала визии за егзотична црнокоса убавица која што ќе биде љубовта на неговиот живот.
Иако тој бил оженет и имал деца, Танцлер бил уверен дека ја нашол својата егзотична убавица кога ја сретнал Мариа Елена Милагро „Хелен“ де Хојос во април 1930 година. Елена била болна од туберкулоза, но и покрај тоа според сите сведоштва на нејзините дваесет и две години била прекрасна. Болеста ги одзела животите на речиси сите од нејзиното најтесно семејство. Танцлер ја превзел должноста да ја спаси Елена по секоја цена, и нејзиното семејство се согласило врз неа тој да ги применува своите невообичаени и непроверени методи, подложувајќи ја на терапија со лековити растенија, но и на рендгенско зрачење. Тој и ја искажал својата љубов на Елена, опсипувајќи ја со подароци и обожување, но според ниедно сведоштво не може да се каже дека таа му ја возвратила наклоноста на било кој начин. Но Танцлер бил непоколеблив – тој бил сигурен дека со тоа што ќе ја излечи од смртоносната болест, таа ќе нема друг избор и ќе мора да му ја возврати љубовта.
Смртта и опсесијата
И покрај неговите опсесивни напори, Елена починала во 1931 година. Искажувајќи страв подземните води да не го загадат нејзиното тело, Танцлер изградил надземен мавзолеј за нејзиното тело со дозвола на нејзините родители. Таму почнал да ја посетува мртвата Елена, и неговата врска со неа станувала се почудна и почудна. Нејзиното семејство стекнало голема доверба во него додека таа била жива, па така во неговите чести посети на гробиштата не гледале ништо сомнително. Тоа што тие не го знаеле е дека тој неуморно се обидувал да го зачува нејзиното тело нечепнато, употребувајќи формалдехид, и во текот на наредните две години тој ги поминувал ноќите со мртвата Елена, водејќи долги разговори со неа. Во мавзолејот дури вовел и телефон за да може да зборува со неа кога не е во можност да биде таму. Наводно тврдел дека нејзиниот дух постојано го посетувал и барал од неа да го отстрани телото од гробот.
Токму тоа и го сторил во 1933 година крадејќи го телото на Елена од нејзината гробница и донесувајќи го во неговиот дом. Елена била почината веќе две години, и Танцлер јаросно работел на тоа да го спречи распаѓањето на нејзиното тело. Употребувал големи количества на хемиски средства борејќи се со природата, и врз неа исипувал шише по шише парфеми за да ја прикрие лошата миризба на телото во распаѓање. Но ништо од тоа не можело да вроди со плод, и телото на Елена Хојос продолжувало да скапува. Но без оглед на се, Танцлер манично се трудел околу неа, живеејќи во некаков сон дека тие двајца се во среќна романтична врска, дури и ги свирел нејзините омилени песни на оргули, на кои што бил многу вешт свирач.
Како што распаѓањето напредувало, неговите методи станувале се поекстремни. Употребувал жици од пиано за да ги врзува нејзините коски во очаен обид да ја зачува целоста на нејзиниот скелет. Кога нејзините очи изгниле, тој ги отстранил и ги заменил со стаклени имитации. Нејзината кожа исто така скапала и отпаднала, тој ја заменил со некоја негова чудна мешавина, свила натопена во восок и гипс. Како што нејзиното тело се распаѓало по сите закони на природата, Танцлер неуморно се обидувал да ја замрзне во времето, и со секој негов обид, телото се помалку бил трупот на нејзината сакана, а се повеќе личел на некаква морбидна кукла, тажна карикатура на тоа што била Елена Хојос додека била жива. Нејзиното тело се обезличило кога се распаднале нејзините внатрешни органи, и тој и го наполнил стомакот со крпи за да ја зачува формата. Нејзината коса и опаднала, па така тој ја употребил истата за да и изработи перика. Според некои извори тој наводно и вметнал некаква цевка која што служела како вештачка вагина за да може да има сексуални односи со неа, но ништо такво не било спомнато кога неговиот случај излегол на виделина. На по цели триесет години тоа се „присетиле“ двајца научници кои што присуствувале на нејзината аутопсија во 1940 година.
Откривањето и апсењето
Во 1940 година, девет години по смртта на Елена, нејзината сестра слушнала озборувања за дејствијата на Танцлер и отишла во неговиот дом, каде што го нашла телото облечена во облека која што Елена ја носела додека била жива. Танцлер бил уапсен и подложен на психолошко испитување. Психолозите процениле дека е способен да се соочи со судот под обвинение за „своеволно уништување на гроб со зла умисла и отстранување на мртво тело без овластување“. Но по игра на случајот, статутот за казни за ограбувања на гробови бил во измена, па така тој никогаш и не бил казнет.
Чудната и ужасна случка била широко проследена во медиумите, но за големо чудо, јавноста му била наклонета на Танцлер. Многу луѓе сметале дека тој бил ексцентрично романтичен, и дека можеби бил малку неурамнотежен, но сепак го доживувале како сочувствителен. Телото на Елена Хојос било испитано од патолозите и лекарите, и потоа било изложено за јавноста. Илјадници дошле да го видат. Потоа нејзиното тело било погребано на тајно место, каде што веројатно останало до ден денес.
Подоцнежниот живот
Танцлер напишал автобиографија, години подоцна откако телото било одземено, која што се појавила во Фантастични Авантури ( Fantastic Adventures) во 1947, списание за научна фантастика. Но неговиот случај не бил ниту фантазија ниту фантастика, па така приказната продолжила. И покрај загубата на телото на Елена, опсесијата на Танцлер не свенала со текот на времето. Употребувајќи посмртна маска, тој направил нејзина копија која што ја облекол како Елена. Така, нејзината преобразба од прекрасна жена во гротескна кукла била целосна, и нема никаков сомнеж во тоа дека идејата за Елена Хојос – неговата егзотична црнокоса убавица претставена преку вештачко тело – му била поважна отколку реалноста за Хојос – прекрасна мртва жена која што воопшто и не негувала никакви чувства за него. Остатокот од својот живот тој го проживеал живеејќи со лажната Елена.
Танцлер умрел во 1952 година во неговиот дом. Според една популарна верзија на приказната тој умрел со куклата во неговите раце, но некои сметаат дека тој всушност успеал да ја замени со вистинското тело на Елена.
Карл Танцлер во популарната култура
Оваа зашеметувачка приказна го нашла своето место во многу уметнички дела. На пример, неколку бендови објавиле албуми или песни кои што се однесувале на Танцлер.
• And You Will Know Us By the Trail of Dead – The Secret of Elena’s Tomb (2003)
• Sleep Station – Von Cosel (2003)
• The Black Dahlia Murder – “Deathmask Divine” (2007)
• ChansoNoir – Count Von Cosel’s Obsession (2007)
Изложби во врска со Танцлер се претставени во Риплиевиот музеј Верувале или Не, а исто така и во галеријата Мартело – Музејот на историјата и уметноста во Ки Вест.
Приказната е навистина бизарна и шокантна, но сепак има доста расправи во врска со нејзиниот оддек во популарната култура. Некои сметаат дека би било лесно да Танцлер едноставно да се прогласи за лудак (што веројатно и бил), но дека на некој начин и останал верен на таа која што ја сакал, при се што неговото сфаќање за реалноста било без никаква основа и надвор од сите морални норми, навлегувајќи длабоко во сферите на психотичноста. Многумина се заинтригирани од случајот кој што ја заскокоткал нивната љубопитност, некои се згадени од сето тоа, додека пак други го сожалуваат Танцлер поради тоа што тој не можел да поднесе да биде разделен од жената која што и не можел да ја изгуби.