Македонски специјални единици (полициски и воени)

Член од
2 септември 2010
Мислења
7.148
Поени од реакции
7.516
Како го преживеав пеколот во Арачиново

Целта на овој текст не е да шири омраза. Напротив, треба да ви ги приближам ужасите на војната за никогаш повеќе да не ни се повторат.
ПОДРУМОТ

Лежеше мртов. На студениот бетонски под во подрумот на куќата, облечен во некаква црна униформа со црвено-црни амблеми на УЧК, лежеше мртов човек. Лицето му беше бледо и некако помодрено, телото згрчено, очите затворени. Во дланките ги стискаше испреплетените црева што му истекле надвор од расцепениот стомак. До последниот здив се обидувал да ги врати назад во своето тело. Безуспешно. Најверојатно умирал во страшни болки. Нека му е лесна земјата.

На подот, веднаш до него, се наоѓаше автоматска пушка. Некој стар, најверојатно албански калашников, со дрвен кундак. На кундакот имаше изгравирано УЧК. Неколку полициски специјалци од „Тигрите“ и полицајци од ПЕП (посебна единица на полицијата) стоеја околу него и тивко зборуваа. Однадвор се слушаа единечни истрели, рафали од автоматско оружје и по некоја силна експлозија. Арачиново. 23 јуни 2001-та. Топло летно попладне. Некаде по 16 часот.

Пред да влезам во подрумот имав некое чудно чувство дека се близу. Дека се многу близу до нас. Многу поблиску од што очекувавме. Неколку долги и високи полукружни најлонски фолии во бавчата пред нас ни го попречуваа погледот. „Да се тргнеме одовде“, му реков на Зољата (Горан Георгиевски), тогаш началник на „посебните единици на полицијата“, и на Цобе (Слободан Николовски), висок старешина во „Тигрите“. Излеговме од подрумот и внимателно, еден зад друг, на растојание од неколку метри, тргнавме кон соседната куќа во која се наоѓаа армиските специјалци „Волци“. Таму некаде требаше да го најдеме старешината што командуваше со групата „Волци“, кои заедно со нас беа навлезени длабоко во селото.

Сакавме на лице место заедно со него да договориме што понатаму. Веќе стануваше доцна, а нападот се одвиваше бавно. Всушност и не толку бавно, но побавно од планираното. Побавно, но сепак успешно. Веќе ги имавме совладано првите рововски линии и неколкуте утврдувања и продолжувавме да се пробиваме низ селото. Човек по човек, метар по метар, минута по минута, полека ги совладувавме, заземавме и чистевме позициите на УЧК. Со тоа темпо, иако со задоцнување во однос на генералниот план за напад, со минимум жртви, за неколку дена Арачиново требаше да биде под наша контрола.

ДВИЖЕЊЕ

Куќата кон која тргнавме се наоѓаше на околу 30-40 метри оддалеченост од куќата од која излеговме, малку косо наназад во однос на нашата позиција. Тргнавме. Зољата одеше прв, неколку метри зад него одев јас, а неколку метри зад мене одеше Цобе. Полека, еден зад друг, лабаво, но внимателно, се движевме кон позициите на „Волците“. Тука – таму ќе се слушнеше по некоја експлозија, по некој куршум ќе свирнеше околу нас или ќе се забиеше блиску до нас. Се движевме напред без да им придаваме многу значење.

Од денешен аспект слободно можам да кажам дека одевме некако многу лабаво како за место на кое се одвиваше жестока оружена борба, но секојдневното учество во најразлични битки си го направи своето. Бевме отрпнати на пукање и експлозии и некако не им придававме доволно значење на куршумите што одвреме навреме ќе профрчеа покрај нас или на гранатите што паѓаа околу нас.

Зољата полека пристигна до ѕидот на самата куќа. Јас бев неколку метри поназад.

ТРЕСОК

Одеднаш почна. Минофрлачка граната или ракета од рачен ракетен фрлач (РПГ) тресна до мене. Веднаш до мене. Силината на експлозијата ме занесе и ме фрли на земја. Рој куршуми почнаа да се забиваат околу мене. Некои од нив се одбиваа од земјата и со злокобен фијук продолжуваа да летаат понатаму. Лежев на земјата во дворот помеѓу двете куќи. Знаев дека сум на бришан простор. Стрелците што пукаа по мене беа многу блиску. Толку силно се слушаше нивното оружје што мислев дека можам да ги допрам. Веднаш се обидов да се тргнам од местото каде што паднав.

Во моментот кога пробав да исползам, сфатив дека не ја чувствувам десната рака. Уште полошо, имав чувство како да ја немам. Исто како да ја немам. Ужаснат, помислив дека експлозијата ми ја откинала десната рака. За миг пред очи ми излезе сликата од Дејан Копчаревски како лежи и стенка во прашината на школскиот двор во Матејче со раката безмалку скината во пределот на подлактицата, шаката му висеше само на парче месо и малку кожа, а од скинатите артерии шприцаше крв на сите страни.

Панично, со левата рака, почнав да се допирам таму каде што требаше да се наоѓа мојата десна рака. Ми олесна кога ја допрев и сфатив дека е на своето место. Да, раката ми беше тука, но и понатаму не можев да ја помрднам. Ја имав, но исто како да ја немав. Безживотно висеше на моето тело.

Огнот врз местото каде што паднав не престануваше. Неколку припадници на УЧК пукаа по мене обидувајќи се да ме дотепаат. Куршумите и понатаму се забиваа насекаде околу мене. Земја и прашина се креваа од секој удар на проектил. Од малото дрвце во чија близина бев паднат летаа лисја и скршени гранки. Насекаде околу мене владееше хаос. Истовремено слушав како од нашите позиции, од местата на кои беа засолнати „Тигрите“, „Волците“ и „Посебната единица“, почнаа да трештат РПГ, митралези и автоматски пушки. Припадниците на македонските безбедносни сили жестоко возвраќаа на огнот на УЧК.

Настана пеколна битка.

СМРТОНОСЕН ПОГОДОК

Додека моите соборци го штитеа местото на кое паднав, јас немоќно лежев испружен во прашината. Неколку моменти подоцна собрав малку душа, цврсто ја залепив левата рака за земја и со сета сила, нагло го повлеков телото напред. Во истиот момент од устата ми излета силен млаз црвена крв. Крвта ме надразни. Почнав да кашлам. На секое искашлување нова крв во млазеви ми истекуваше низ уста. Тогаш сфатив дека ѓаволот ја однел шегата. Бев свесен дека сум погоден во градниот кош. Погоден со смртоносен погодок.

На сета мака огнот врз мене и понатаму не престануваше. Куршумите продолжуваа да фрчат насекаде околу мене, а одвреме-навреме ќе рокнеше и по некоја граната. Полека, сантиметар по сантиметар, без да паничам, се обидував да се поместам од местото на кое паднав. Морав да се тргнам од бришаниот простор. Но на секое мое напрегање да ползам, крвта во млазеви ми ја полнеше устата. Со сета сила се обидував да ја исплукам надвор. Не успевав целосно. Дел од крвта голтав, дел се враќаше назад во белите дробови. Силно крвавејќи, полека, само со левата рака, се движев напред. Одвреме-навреме запирав со ползењето. Се вртев на десната страна, на десниот колк, и се обидував да ја искашлам и исплукам крвта што ми се собираше во дишникот и устата. Се мачев да вдишам малку воздух. Почнував да се гушам.

Не знам колку време траеше оваа моја агонија, но мене ми се чинеше како вечност. Битката беше толку жестока што „Тигрите“ едноставно не можеа да дојдат до местото на кое паднав за да ме извлечат. Всушност Цобе се обидел да ми пријде, но неколку куршуми завршиле околу него, а еден од нив му ја пробушил униформата, но за среќа не завршил во неговото тело. Јас пак имав чувство дека солидно се движам. Мислев дека сум исползил десетина метри, но подоцна неколку „Тигри“ што можеле да го видат местото на кое паднав ми кажаа дека повеќе изгледало како да претам во место отколку како да се движам. Можеби сум се поместил неколку метри, но клучно за моето преживување е што во ниту еден момент не се предадов и не паднав во несвест. Со целата моја волја и преостаната сила се обидував да се тргнам оттаму. Крвта ритмично, во силни млазеви, продолжуваше да ми истекува низ устата.



ИЗВЛЕКУВАЊЕ

Неколку минути подоцна, со стомачно ползење, залепен за земја, до мене дојде Цобе. Се обидуваше да ме извлече оттаму, но му одеше тешко. Покрај мојата телесна тежина на себе носев панцир со непробојни плочи, борбен елек со резервни магацини за автоматската пушка полни со по 30 куршуми, неколку рачни бомби, радиостаница, пиштол, рамки за пиштолот, чизми, опасач, шлем... Едноставно бев многу тежок и не беше лесно човек да ме влече по земја. Беше тешко да ме помести, а не пак да ме премести. Но Цобе беше силен, упорен и храбар и не се откажуваше од обидот да ме тргне на безбедно место. Запнуваше со сета сила и постепено почна да ме поместува. Како што тој ме поместуваше, така се зголемуваше болката што ја чувствував.

Се плашев од силен бол да не паднам во несвест. Знаев дека ако се онесвестам тоа ќе значи крај за мене. Знаев дека ќе умрам бидејќи крвта ќе ми ги наполни белите дробови. Знаев дека ќе се удавам од сопствената крв. Болката го раскинуваше моето тело, а јас на сета мака се обидував да го предупредам Цобе да не прави нагли движења. Но наместо да излегуваат разбирливи зборови, од мојата уста течеше крв што зборовите ги претвораше во неразбирливо кркорење. А јас знаев само едно. Доколку паднам во несвест, со мене е крај. Ќе умрам. Подоцна докторот ми објасни дека куршумот пробивајќи го градниот кош ми искинал некоја голема артерија на десниот бел дроб, поради што дошло до обилното крвавење.

Со натчовечка упорност, сила и храброст, метар по метар, Цобе успеа да ме извлече од бришаниот простор и ме довлечка во близина на еден ѕид. За цело време пукањето по нас двајцата не престануваше. Но нашите соборци отворајќи прецизен оган врз утврдените позиции на УЧК не им дозволуваа добро да нанишанат во нас. Стигнавме речиси до ѕидот на една куќа кога УЧК повторно отворија силен и прецизен оган врз нас. Цобе мораше да прекине со извлекувањето, се преврте и почна да пука кон нив. Јас веќе бев на крајот на силите. Почнав да тонам. Тонев во длабочините на непознатото. Тонев во темнината. Умирав. Чувствував како го губам животот. Не ја губев свеста, туку го губев животот. Во налетот на смртта животот полека излегуваше од мене. Сам во прашината на дворот на некоја непозната македонска куќа во скопското село Арачиново. Лежев беспомошно и тонев.

Тогаш пред очи ми се појави мојата ќеркичка Каролина, која наредниот ден требаше да го прослави својот втор роденден. Наместо на роденден, најблиските ќе требаше да дојдат на погреб. Полека почна да ме фаќа некоја блага паника. Знаев дека умирам. Бев свесен за тежината на мојата повреда. Во мојот дотогашен живот тренирав неколку боречки вештини и ми се случуваше да добијам и удар од кој сум припаѓал во несвест. Ова беше поинаку. Ова беше далеку од паѓање во несвест.

Умирав и, што е најлошо, бев свесен дека умирам. А не сакав да умрам. Сакав да останам жив. Сакав да живеам. Имав толку многу незавршена работа. Желбата да го допрам моето чедо ме држеше во живот. И нормално, силното и извежбано тело. Присебноста и отсуството на страв. Сето тоа заедно.

ПЕЛЕ И РЕКС

Агонијата во која се наоѓав ја прекинаа „Тигрите“ Пеле и Рекс (Марјан Петковски и Горанчо Веселинов). Од никаде се појавија крај мене. Ме грабнаа во раце и почнаа да трчаат со мене. Беа вџашени. На лицата им се гледаше страв. Не веруваат дека ќе останам жив. Но сепак трчаа како луди.

Мојот живот беше во нивни раце. Во најсуровата смисла на зборот. Ме држеа во седечка положба, како да седам на стол. Едниот од едната страна, другиот од другата страна и трчаа. Проблемот беше тоа што при трчањето правеа многу нагли движења, а на секое нагло движење јас чувствував дека тонам. Умирав од болка. Умирав за воздух. Болката што ја чувствував беше толку силна што не може да се опише со ниту еден збор. Толку многу ме болеше што ни самиот не знам како успевав да останам свесен и присебен. Се обидував да им кажам да бидат внимателни бидејќи секое нагло движење ме буткаше во несвест, но џабе. Ниту ме слушаа, ниту можеа да ме разберат. За да биде злото поголемо, цело време додека трчаа со мене, пукањето по нас не престануваше. УЧК како да беа решени да ме дотепаат по секоја цена. Во еден момент огнот врз нас стана толку жесток што едноставно ме треснаа на газ до еден ѕид и повторно ги снема. Ги слушав како пукаат наоколу како манијаци. Пукаа за да ме заштитат, пукаа за да ме спасат, пукаа, и тоа добро.

Неколку секунди подоцна полека почнав да паѓам на страна, лизгајќи се со грбот по ѕидот на кој бев потпрен. Немав сила да се задржам во седечка позиција. Се лизгав и паѓав кон земјата. Чувството дека умирам повторно почна да ме обзема. Во свеста ми се вртеа само слики од двегодишната ќерка. Воедно се обидував да се сетам на сите тренинзи наменети за преживување во вакви ситуации. Цело време се концентрирав на искашлување на крвта, која ритмично, од утробата ми надоаѓаше во уста. Истовремено се обидував да земам и малку воздух. Умирав знаејќи дека потоа ќе настапи празнина. Ќе настапи едно големо ништо. Повторно се прашував зошто токму денес, зарем да умрам ден пред роденденот на мојата ќерка. Зарем место на роденден, моите најблиски ќе дојдат на погреб? Имаше толку многу крв што не можам да опишам. Целата униформа, панцирот, елекот, панталоните... Сѐ беше натопено со крв.

Изгубив чувство за време. Како што ги снема, така одеднаш Пеле и Рекс се појавија повторно. Повторно ме зедоа во раце и продолжија со трчање. Но веќе стануваше ептен критично. Не можев повеќе да ја издржам болката. Паѓав во несвест. Знаев дека наглите движења ќе ме турнат во несвест и знаев дека несвестицата значеше само едно – смрт. Ни сам не знам како им викнав да ме стават на нозе. Со неверување гледаа во мене, но ме послушаа и ме исправија на моите нозе. Подоцна ми кажуваа дека ни на крај памет не им било дека ќе останам жив. Мислеле дека ќе им умрам во раце, а јас од нив барам да ме стават на нозе за да продолжам да се движам сам.



ХЕРМЕЛИНОТ

Брзо ме исправија на нозе, ме зграпчија цврсто под мишки и продолжија да одат покрај мене. Почнав полека, потоа забрзав, а по некој метар продолжив да трчам. Трчав, кашлав, ја исплукував крвта и пак трчав. Неколку минути подоцна забележав дека кон нас се движи наше оклопно возило хермелин. Набргу потоа хермелинот се приближи до нас. Куријата (Зоран Јанакиев), кој го управуваше хермелинот, се дереше нешто од внатре. Од бучавата, пукањето и експлозиите не се слушаше ништо. Стоев пред вратата на хермелинот и се чудев како да се качам внатре. Хермелинот е висок и не е едноставно да се влезе во него, посебно ако e човек на умирање.

Згазнав на металната скала, а со левата рака силно се фатив за рачката од надворешната страна. Тегнев со сета сила, а Рекс и Пеле ме туркаа од назад. Јас влечам, тие туркаат и некако успеав да седнам на совозачкото место до Куријата.

Кога ме виде во каква состојба се наоѓам, Куријата се извади од памет. Нагазна колку што можеше. Возеше како луд. Јас беспомошно зјапав напред. Бевме сами во возилото. Кога слушнал дека сум ранет, самоиницијативно отрчал до хермелинот, го запалил и тргнал напред меѓу куќите. Ја промашил нашата позиција, се зачукал меѓу учките, тие отвориле оган по него, успеал да сврти, да се врати малку назад и да ме најде. Да не беше Куријата, јас сигурно ќе бев мртов.

Стотина метри понапред, насред пат, стоеше тенк на АРМ и дејствуваше кон позициите на УЧК. Со голема брзина се приближувавме кон него. Со оглед дека хермелинот е прилично големо оклопно возило, а тенкот стоеше на средината на патот, имав чувство дека ќе се зачукаме во него. Благодарение на одличните возачки вештини за оклопни возила Куријата успеа да го провре хермелинот низ иглени уши. Профрчевме покрај тенкот и продолживме кон бензинската пумпа „Давос“ на влезот на Арачиново. Таму нѐ чекаше возило на брза помош. Всушност, возилото не беше брза помош во вистинската смисла на зборот. Нѐ чекаше нашиот, болнички „форд“ на „Тигрите“, со двајца „Тигри“.

Некој однадвор ја отвори вратата на хермелинот. Јас целиот бев во крв. Како што ми течела по борбениот елек, панцирот и панталоните, дел од крвта истекла и на подот на хермелинот. Неколку полицајци со помош на двајца Тигри ме симнаа од хермелинот и ме положија на болнички носилки. Овде веќе беше безбедно и никој не пукаше по нас. Десетина полицајци и резервисти вџашено гледаа во мене додека двајцата „Тигри“ ме преместуваа во болничкиот „форд“.

Генерал Стојанче Ангелов

(Продолжува)
Ќе мoже прoдoлжениетo? Oдличен текст.
 
Член од
14 август 2016
Мислења
101
Поени од реакции
185
ПОТРЕСНА ИСПОВЕД НА СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ

Мирисот на смртта (2)

Крв. Агонија. Смрт. Возилото повторно и повторно налетуваше на нови дупки или нерамнини на патот. Силните удари ме бутаа во несвест.

mkd-287353.jpg
МАНОВ И НИНЏАТА

Откако набрзина ја наместија носилката во задниот болнички дел на фордот „Тигарот“ Манов (Зоран Манов, нека му е вечна славата, почина неколку години подоцна) скокна на возачкото седиште во фордот, го стартуваше моторот, наби гас и со голема брзина тргна кон Државна болница. Нинџата (Зоран Ивановски) седна покрај мене. Тој беше нешто како медик (медицинско лице) на „Тигрите“, имаше завршено некаква обука за прва помош, но реално повеќе беше специјалец отколку медик.

Седеше и со неверување гледаше во мене. Полека ја сфаќаше сериозноста на мојата повреда. Наместо да се обиде да ми помогне, тој изгледаше како малку да се подизгуби. Зјапаше во мене не знаејќи што да ми прави. А и што можеше да направи? Крвавењето не можеше да го сопре во никој случај бидејќи крвта ми истекуваше од уста. Средства против болки немаше. Единствено нешто што му остануваше беше да ме охрабрува да издржам до болница. Но ни тоа не го правеше убедливо. Неговите зборови „заменик, немој да умреш“ длабоко ми се врежаа во свеста. „Заменик, немој да умреш“, повторуваше како хипнотизиран. „Заменик, немој да умреш“ продолжуваше понатаму. Ми се обраќаше со „заменик“ бидејќи во тој период бев заменик-командант на „Тигрите“ (во средината на насловната фотографија, тогаш бев командир на 4-от вод). Со испрекинат глас проследен со крчење му враќав „Нинџа, умрé“ („умрé“ на штипски е исто што и „умрев“ на стандарден македонски јазик, со тоа што акцентот се става на е-то). „Заменик, немој да умреш“, панично повторуваше Нинџа. „Нинџа, умрé“, му враќав јас.

ДУПКАТА

Одеднаш фордот згазна во некоја длабока дупка. Од ударот возилото скокна, а јас почувствував ужасна болка. Почнав да тонам. Темнината повторно почна да ме обзема. Запнав, ја собрав сета преостаната сила и се повратив назад. „Манов, забави, не брзај толку“, се обидував да му довикнам на возачот бидејќи ако згазнеше во уште една дупка, можев да паднам во несвест, па џабе ќе му беше и да ме однесе во болница неколку минути порано.

Крв. Агонија. Смрт. Возилото повторно и повторно налетуваше на нови дупки или нерамнини на патот. Силните удари ме бутаа во несвест. Не знаев како да му објаснам на Манов дека финтата не е да ме однесе во болница неколку минути порано, но мртов, наспроти неколку минути подоцна, но жив. Возилото тресна уште еднаш. Тогаш почнав да пцујам. Пцуев, викав, плукав крв и пак викав да забави. Нинџа беспомошно гледаше во мене. Колку навистина викав и колку Нинџа и Манов ги слушаа моите зборови е друга работа, но јас упорно продолжував да викам, кашлам, плукам крв и пак да викам. Бидејќи лежев на грб, дел од крвта ми се враќаше назад во дишникот, дел истекуваше надвор и се слеваше низ моето лице и врат. Немав сила да се свртам на колк, туку само ја навалив главата на левиот образ за крвта да може полесно да истекува. Нинџа не престануваше да мантра „Заменик, немој да умреш, заменик, немој да умреш, заменик, немој да умреш“. Изгледаше како да сака да ме хипнотизира.

ШАРЕНО ЛИЦЕ

Со викањето уште повеќе си ја надразнив утробата. Наеднаш силно се искашлав. Парчиња густа леплива крв летнаа кон Нинџа. Лицето му стана шарено како шарено велигденско јајце. Исшарано со мојата крв. Го фати уште поголема паника. Неговата паника се пренесуваше на Манов, кој наместо да забави почна да лета. Сирената од возилото го цепеше воздухот, Манов возеше, Нинџа мантраше, јас умирав. Имав чувство дека од Арачиново до Државна болница Манов не промаши ниту една дупка. Сепак, благодарение на неговото налудничаво возење за рекордно време стигнавме во Државна болница, со што тој е директно заслужен за моето преживување.

Целта на овој текст не е да шири омрази. Напротив, треба да ви ги приближи ужасите на војната за никогаш повеќе да не ни се повторат.

Нека му е лесна земјата, барем во моите мисли засекогаш ќе остане жив. Жив и насмеан. Насмеан бидејќи беше шегаџија. Сакаше да се шегува и да изведува разни глупости. Сликата како прави згибови на вратило со цигара во уста исто така засекогаш ќе остане врежана во мојот ум. Заедно влеговме во „Тигрите“, заедно бевме во 4-ти вод, заедно ја минавме обуката, заедно одевме на терен, заедно војувавме, различно умиравме. Манов ја преживеа војната, но го убија стресовите. Полека го исушија неговото тело. Ја имаше несреќата пред негови очи ракета од зоља или РПГ да му ја скине главата на еден од неговите најдобри другари. Мислам дека тоа беше пресудниот миг што неколку години подоцна го уби. За жал, државата воопшто не се обиде да им помогне на ваквите тешко трауматизирани бранители. Некои од нив сами се справуваа со сеништата на минатото, некои си ја носеа маката и јадот длабоко во себе, однадвор весели, однатре гнили.

Фордот со шкрипење на гумите влета во кругот на болницата и се упати право кон влезот на хирургија.

МЛАДИЧОТ МИТКО КАРАЃОЗОВ

Пред влезот на Хирургија чекаше комплетна лекарска екипа. Беше како на филм, со тоа што јас ја имав најнеубавата улога. Ме преместија од носилките на вистински болнички кревет со тркалца. Околу мене се растрчаа доктори и медицински сестри. Е дури тогаш вистински собрав душа. Се олабавив малку. Си мислев дека штом стигнав до тука, имам шанси да се извлечам, имам шанси да останам жив. Белким нема да умрам овде, насред болница, опкружен со доктори.

Додека неколку лица со забрзан чекор го движеа креветот на кој лежев, над мене се надвисна еден млад доктор, кој одејќи почна да ја анализира мојата повреда. Тој гледаше во мене, јас во него. Убав и млад, со карактеристични светли очи и продорен поглед. Се извадив од памет. Докторот ми личеше на студент. Изгледаше премлад за ваква смртоносна рана каква што беше мојата. Си помислив, што среќа ќе имав да стигнам жив во болница, а таму да ме пречека доктор што максимум е специјализант. Подоцна, по операцијата, сестрите ми кажаа дека д-р Митко Караѓозов, и покрај неговиот младолик изглед, сепак не бил толку млад како што ми изгледаше мене.
ТЕЛЕФОНСКИ ВО ШТИП

Додека болничарите забрзано ме возеа низ ходникот на болницата, му реков на Нинџа да сврти на телефон кај моите во Штип. Иако зборев неразбирливо и испрекинато, Нинџа ме разбра што сакам. Мојата сопруга со двегодишната ќеркичка од безбедносни причини беше евакуирана кај моите родители и браќа во Штип. Нинџа во именикот го најде фиксниот телефонски број запишан како „Дома Штип“ и заѕвони. Откако воспостави врска, ми го стави телефонот до уво. По неколку ѕвонења, од другата страна го слушнав гласот на мојот помлад брат Марјан. „Брат, кажи им дома на сите дека сум малку ранет, но ќе бидам добро“. Не бев сигурен дали и колку ме разбра, но ми олесна. Ми беше важно мојата мајка да знае дека сум жив, на сигурно, во болница. Таа година ѝ се качи шеќерот и ми беше страв да не ѝ се случи нешто од дополнителниот стрес. Среќа што се јавив бидејќи во меѓувреме на некоја од телевизиите објавиле дека сум загинал во Арачиново.

САКАМ СКОПСКО

Додека се движевме низ болничките ходници, некако се опуштив и почнав да чувствувам енормна жед. Но не каква било жед. Почна да ми се пие пиво, и тоа не какво било пиво. Почна да ми се пие „скопско“ пиво. „Сакам скопско“, реков најгласно што можев. „Сакам скопско“, повторив. „Сакам скопско, сакам скопско“, почнав да повторувам како навиен. Докторот и сестрите што одеа покрај креветот ме гледаа чудно и не обраќаа многу внимание на моите желби.

ОПЕРАЦИЈА

Поради сериозноста на раната, без да му ја мисли многу, д-р Караѓозов Митко донел одлука веднаш да ме внесат во операциона сала. Од она што можел да го види додека ме возеа низ болничките ходници знаел дека имам енормна искрвавеност, како што гласи и дел од мојата приемна дијагноза, „хеморагичен шок“. Бидејќи имав силно внатрешно крвавење, најдобра солуција била итен хируршки зафат за шиење на скинатите крвни садови и ткива и санирање на раната.

Сè уште бев свесен кога ме внесоа во операционата сала. Сестрите брзо и вешто почнаа да го сечат мојот борбен елек во кој сè уште се наоѓаа неколку рачни бомби и магацини од пушката. Откако го отстранија елекот, продолжија со сечење на панцирот и униформата. Ја сечеа мојата кошула и панталони сѐ додека целосно не ги отстранија од моето тело. Во меѓувреме ми ставија некаква силна анестезија. Болките забрзано исчезнуваа и полека почнав да тонам во спокоен сон.

ЛИФТОТ

Ме разбуди силниот тресок на подвижниот болнички кревет на кој лежев. Ги отворив очите и видов како се затвора вратата на лифтот. Веднаш до креветот стоеше Џипси (Венцо Ристовски од „Тигрите“), кој дента војуваше со мене во Арачиново. „Полека бе, мајсторе, компири ли возиш?“, се обидував да бидам духовит со болничарот. Зборовите едвај излегуваа од мојата уста. Повторно неразбирливо. Но овојпат не чувствував бол. Анестезијата сѐ уште имаше дејство.

Тогаш се сетив дека сум жеден. „Сакам скопско!“, почнав повторно да верглам како навиен. Џипси ѕверосан зјапаше во мене. Се чудеше што да прави. Претходно му бев командир на вод и знаеше дека можам да бидам упорен. Неколку метри понатаму поминавме низ една врата. Болничарот ме внесе во Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), популарно наречена шок-соба. Дури и внатре, во шок-соба, не престанував да барам скопско. Џипси замина некаде, а јас останав во една мала соба со една убава, млада и малку буцкаста сестра.

ГОЛТКА СКОПСКО

„Ајде, напиј се малку. Докторот дозволи, но кажа само да лизнеш, немој да натегнеш!“, со неверување гледав во Џипси, кој со силен и карактеристичен звук отвораше лименка „скопско“. Леле колку бев жеден. Си мислев само да го докачам, ќе го опнам цело на екс, па што сака нека биде. Џипси внимателно ја доближи лименката до мојата уста додека јас неподвижно лежев на креветот. Сестрата ми ја крена главата. Брзо шмукнав една голтка. Но... Наместо сласт почувствував горчина. Пелин. Веднаш почнав да плукам. Тоа беше најгорчливата голтка пиво што некогаш сум ја испил во животот. „Вода, вода, дајте ми вода“, почнав да стенкам. Џипси виде - не виде, излезе надвор од собата. Останав сам со убавата буцкаста сестра.
mkd-287336.jpg

КОЦКА МРАЗ

Ме гледаше со топол поглед. Ѝ беше жал за мене. Полека, кротко, со сочувствителен и сугестивен глас почна да ми објаснува дека поради операцијата не смеам да пијам вода и дека најверојатно тоа ќе потрае уште неколку дена. Тивко и испрекинато почнав да ѝ објаснувам дека вода морам да се напијам. Дека во моментот кога ме погодија бев мртов жеден. Дека толку жеден не сум бил никогаш во животот. Дека едноставно морам да се напијам вода. Џабе, ништо не помагаше. Сестрата беше решена да не ми даде ниту голтка вода.

Одеднаш стана, зеде некаква памучна вата, ја натопи со вода и почна да ми ја влажни устата. Сакав да ја гризнам за рака и да ја лапнам мократа вата. Но се воздржував. Џабе. Влажнењето на устата беше за џабе. Воопшто не ми помагаше. И понатаму умирав за вода. Тогаш сестрата отиде до еден мал фрижидер, извади мала коцка мраз и ми ја стави врз јазикот. Ми објасни да ја држам во уста додека не се стопи. Тоа беше најслатката коцка мраз во мојот живот, но ни оддалеку не беше доволна за мојата потреба за вода. Почнав да ѝ се умилкувам и да ја молам за уште една коцка. Тажно гледав во неа. И таа ме гледаше жално. Стана, отиде до фрижидерот и ми донесе уште една коцка мраз. И втората коцка мраз набрзина се стопи. Веднаш побарав нова. Тогаш сестрата стана, донесе еден шприц, ми го заби појма немам каде и јас веднаш се опуштив. Ми дојде дури и некако убаво. Заспав.

МАЈКА

Бев во бунило. На моменти не сфаќав каде се наоѓам. Ми мирисаше на умрено. Имав некакво чувство како смртта да беше насекаде околу мене. Во текот на ноќта донесоа една млада жена. Ја ставија на креветот до мене. Стенкаше. Офкаше. Преташе. Не сум сигурен, но мислам дека умре во текот на ноќта. Заспав во некаков грозничав сон. Се будев и пак заспивав. Повторно ќе се разбудев и пак ќе заспиев. Всушност, тоа не беше сон. Беше повеќе како некакво бунило.

Ме разбуди женски плач. Полека ги отворив очите. Во собата имаше дневна светлина. Дејството на опојката веќе беше поминато и чувствував силни болки. Немав претстава колку е часот. Погледнав кон средновечната жена што стоеше пред мојот кревет, ме гледаше и плачеше. Не ја познавав. Ми изгледаше како да ја гледам прв пат. Болките се засилуваа и стануваа неподносливи, едвај издржував, а жената пред мене низ плач ми зборуваше: „Мојот син настрада поради тебе, син ми настрада поради тебе“, повторуваше плачејќи. Срцето ми се стегна. Немав поим која е жената и кој е нејзиниот син, но нејзините зборови ме погодија силно. Претпоставував дека е мајка на некој настрадан полицаец.

„Многу те сакаше, заради тебе остана во 'Тигрите'“, продолжуваше жената низ плач. „Мамо, се врати Стојанче, не сакам да ја напуштам единицата, ќе останам во 'Тигрите'“, ѝ зборувал синот. Плачејќи ми објасни дека е мајка наОливер Китановски. Мајка на мојот полицаец Оливер од Башино Село, на кого претходно му бев командир на вод. Мајка на Оливер, кој постојано ми зборуваше колку риби лови на Велешко Езеро и на Вардарот. Мајка на Оливер, кој беше задолжен секој ден да ни кажува по еден виц. Мајката продолжуваше да плаче објаснувајќи ми дека преку некои ним блиски луѓе издејствувале нивниот единствен син Оливер да биде прераспореден како обезбедување кај претседателот Борис Трајковски. Но пред да замине, разбрал дека се враќам во „Тигрите“ како заменик-командант. Во периодот пред да се вратам во „Тигрите“, неколку месеци бев во Тетово како командант во Посебната полициска единица. Кога разбрал дека се враќам, Оливер не сакал ниту да слушне да ја напушти единицата. Сега Оливер полумртов лежеше во другата просторија, неколку метри подалеку од мене, а неговата мајка стоеше пред мене и плачеше.

Настрадал неколку часа по моето ранување, од граната што удрила на позицијата на која биле засолнети „Тигрите“, во гробиштата на с. Брњарци на ридот веднаш над Арачиново. Повеќе шрапнели со различни димензии се забиле во неговата глава. Неколку од нив навлегле длабоко во мозокот на 20-годишното, младо и силно момче. Само неверојатно жилавото тело го одржуваше во живот.

Гледав во мајката и стискав душа да не заплачам. Всушност, мислам дека тогаш сè уште бев во фаза кога не знаев да плачам.

Генерал Стојанче Ангелов

(Продолжува)[DOUBLEPOST=1475951461][/DOUBLEPOST] 14633639_1113628678674514_5529104752403994115_o.jpg 14633291_1113627672007948_9078240452370803233_o (1).jpg
Свежа крв во МВР :)
 
Последно уредено:
Член од
14 октомври 2013
Мислења
886
Поени од реакции
3.485
Заменик на командантот на ЗОК
Бригаден генерал Павле Арсоски

Воена кариера:
Командир на вод во гардиска бригада, Скопје 1992-1993;
Командир на чета, Тетово 1993-1997;
Заменик на командант на баталјон, Тетово 1997-2000;
Офицер за врски (германскиот контингент на КФОР, Тетово) 1999-2001;
Командант на 1.пешадиски баталјон, Тетово 2000-2003;
Началник на С-3, Команда на пСО 2003-2008;
Началник на Штаб на пСО 2008-2012;
Командант на пСО од 04.04.2012;
Командант на 1 механизирана пешадиска бригада 2013-2015;
Заменик на командантот на ЗОК 2015.


Унапредувања:
Потпоручник 1990-1991;
Поручник 1991-1995;
Капетан 1995-1999;
Капетан на 1 класа 1999-2001;
Мајор 2001-2006;
Потполковник 2006-2010;
Полковник 18.08.2010;
Бригаден генерал 18.08.2013.



Вонредно унапредување во чин мајор 2001;
Сребрена значка за долгогодишна служба во Армијата од МО на РМ по повод воениот празник 18.Август, Денот на АРМ 2012;
Плакета на АРМ од НГШ на АРМ по повод воениот празник 18-ти Август, Денот на АРМ 2012.
 
Член од
14 август 2016
Мислења
101
Поени од реакции
185
Македонски Блесок-12: Ренџерскиот Баталјон користи Fast Rope јаже за спуштање од хеликотер.Тоа е корисно за брзо распоредување на војници од хеликоптер во места каде што хеликоптерот не може безбедно да слета.
 
Член од
9 јули 2016
Мислења
84
Поени од реакции
27
Последно уредено:

Kajgana Shop

На врв Bottom