Македонското Собрание по целодневна 9 часовна распрва даде поддршка на Резолуцијата за односите на Република Македонија со Косово. 85 гласа „за“, еден „против“, пратеникот Стоиљковиќ и 16 „воздржани“ гласови на опозицијата беше изгласана Резолуцијата поднесена синоќа од партиите ДУИ и ДПА.
И покрај упорните брања на опозицијата премиерот Груевски да дојде со Собранието и да го изнесе ставот на Владата, тој не ги удостои со своето присиство.
Со Резолуцијата и се препорачува на Владата во рамките на своите уставни надлежности и согласно државните и националните интереси да ги преземе сите неопходни активности за воспоставување на дипломатски односи со Косово и признавање на Косово, да продолжи со унапредување на досегашната соработка со Косово во сите области, како и да ја афирмира принципиелната и конзистентна определба на Владата да продолжи со несмалено темпо во развојот на соработката и добрите односи со сите соседни држави и со меѓународната заедница со цел забрзување на процесите на европските и евроатланските интеграции.
Владејачката ВМРО уште претходно ја поддржа Резолуцијата за признавање на Косово, а според координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева, има неколку причини за ваквата одлука, меѓу нив се и националниот и државниот интерес на Македонија, добрососедските односи и регионалната стабилност, но не изостави да спомене дека Македонија ќе ги гради и добрососедските односи со Србија.
„За нас, поддршката на САД, која е воедно и најголем гарант и промотор на регионалната стабилност и безбедност, е значаен индикатор, кој меѓу другото, го определи нашиот став во однос на иднината на Косово“, рече Силвана Бонева, ВМРО-ДПМНЕ.
„Во однос на соседна Србија, искрено веруваме и ќе работиме на тоа нашите меѓусебни односи да продолжат да се развиваат“, рече Бонева.
„Во однос на Косово, веруваме дека взаемната, политичка и економска соработка ќе продолжи да се интензивира“, додаде Бонева.
Во текот на расправата беа одбиени трите амандмани поднесени од пратениците на СДСМ: Косово да даде цврсти гаранции дека ќе не признае под уставното име, заштита на националниот, образовниот и културниот интерес на правата на Гораните во Косово, но и да се заокружи демаркацијата со Косово.
Инаку, опозицијата речиси цел ден го бара мислењето и одговорот од Владата по ова прашање, а го побараа и присуството на премиерот Груевски и на министрите за надворешни и внатрешни работи за да објаснат и да кажат дали со резолуцијата се заштитени до крај националните и државните интереси на Македонија.
„Оваа резолуција ќе има тежина и целосен легитимитет доколку Владата го даде своето мислење, па и не мора да присуствува во самата сала. Во спротивно, исто ќе биде секогаш оспорувана и нејзиниот легитимитет ќе биде нецелосен“, вели Миле Андонов, СДСМ.
Претседателот на Демократската партија Стоиљковиќ ги кажа можните имплементации на можното признавање на Косово од страна на Македонија, а дел од нив се и дека е можно Србија да го повлече својот амбасадор, според Стоиљковиќ, но дека може Србија и да престане да го употребува уставното име на Македонија.
„Оваа виртуелна реалност 17 години во Македонија конечно денеска ќе ја разоткриеме малку. Размислувам, досега барем шест години сосема логички се однесувам, меѓутоа нема одговор на прашањето. Нас треба да не признае нешто што не постои“, изјави Иван Стоиљковиќ, претседател на ДПЦ.
На ова реплицираше пратеникот на СДСМ: „Не е тоа виртуелна реалност, реалност е - ти си дел од власта. Ова прашање требаше да му го поставиш на Груевски“, рече Владо Бучковски.
извор