Хаџиевски и Јовановски на преговори
Ѓоко Хаџиевски и Ѓоре Јовановски се првите двајца наши тренери кои имаа состанок во четири очи со претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Харалампие Хаџи-Ристески. Со тоа почнаа разговорите за именување на ново име на кормилото на македонската фудбалска репрезентација по разрешувањето на Мирсад Јонуз на последната седница на Управниот одбор во Дојран.
„Има многу менаџерски понуди за квалитетни тренерски имиња кои несомнено се интересни за нас, но истовремено и далеку од нашите финансиски можности. Во секој случај ќе ги разгледаме сите опции, ќе го почитуваме мислењето на тренерската организација и најдоцна до 15 јули ќе го имаме новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација“, изјави Хаџи-Ристески за официјалната интернет страница на ФФМ.
За денеска во Скопје е најавено доаѓање на Турчинот Зија Доган кој беше еден од кандидатите за селектор по заминувањето на Среќко Катанец. Но, телефонски разговори се остварени и со уште неколку тренери од регионот кои изразија заинтересираност за преземање на функцијата. Меѓу нив се поранешниот црногорски кормилар, Зоран Филиповиќ, потоа Љупко Петровиќ, човекот што ја водеше Црвена звезда до титулата во КЕШ во 1991 година и до онаа во Интерконтиненталниот куп во Токио, и Бугаринот Пламен Марков. Според интернет страницата на ФФМ воспоставен е контакт и со менаџерот на нашиот интернационалец Чедомир Јаневски.
извор: Утрински весник