Фудбалската федерација на Македонија ќе ја користи за свои цели Националната арена "Филип Втори" бесплатно во наредните 15 години. На нашиот најголем стадион ќе играат сите репрезентации, а ќе биде користен и за финалето во Купот на Македонија.
Генералниот секретар на ФФМ, Игор Климпер, информира дека за ова е потпишан договор со Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Целата докуметација веднаш ќе биде испратена и до Европската фудбалска централа (УЕФА) за префрлување на веќе доделените 650.000 евра, од Хет-трик програмата, што ќе се искористат за реновирање на јужната трибина.
Досегашниот договор на ФФМ за користење на стадионот истекува во 2011 година.
Договорен е и третиот пријателски натпревар што ќе го одиграат репрезентативците на Македонија во подготовките за старт во 9. група од квалификациите за ЕП 2012. Покрај контролата со Црна Гора на 3 март во Скопје (14:30 ч.) и со Малта на 11 август во Ла Валета, избраниците на Мирсад Јонуз ќе имаат тест и со Бугарија на 20 мај на гости. Понудата дојде од страна на Бугарите, а ФФМ прифати да им гостуваме, бидејќи во периодот од 22 мај до 6 јуни во Македонија ќе се одржи Европското првенство за девојки (до 19 г.). Со ова не е затворена листата за пријателски натпревари, бидејќи за периодото од 20 до почетокот на јуни многу учесници на СП 2010 бараат спаринг-партнери.
До 20 март во Скопје треба да пристигне и целокупната опрема на репрезентацијата за настапите во квалификациите за ЕП 2012 специјално дизајнирана од "Пума".
Вечер