мизерија од држава сме :kesa: на најважната утакмица да играме во странство
Ватерполо со Грција ќе играме во Србија?
Пливачката федерација на Македонија во безизлезна ситуација откако е испразнет базенот „Младост“ поради високите сметки за греење
Ако за неколку дена не се реши состојбата со испразнетиот базен „Младост“ или со Олимпискиот базен, можно е ватерполо-натпреварот Македонија-Грција, што спортската јавност се нетрпение го очекува, да се игра во некоја од соседните држави, а не во Скопје.
Македонија треба да биде домаќин на Грција на 16 март во рамките на Светската лига во ватерполо. Но, одигрувањето е доведено во прашање затоа што пред неколку дена е испразнет базенот „Младост“ во Карпош, каде што требаше да се игра. Јавното претпријатие „Борис Трајковски“ го испразни базенот затоа што не можеше да ја плати зголемената сметка за греење. Олимпискиот базен во Скопје одамна не работи во зимскиот период, па така Пливачката федерација на Македонија нема каде да го организира мечот во земјава. Ако овој проблем не се реши, излез е мечот да се организира во странство, ако ПФМ не сака да плати огромни пенали кон Светската пливачка организација ФИНА, поради неодиграна средба.
СРБИЈА, БУГАРИЈА И ГРЦИЈА СЕ НУДАТ ЗА ДОМАЌИНИ
Алтернативни домаќини на средбата се Лесковац, Ниш, Белград, Софија, каде што има затоплени базени. Можно е мечот како домаќини да го играме во Грција.
- Ние најмногу би сакале мечот да се игра во Скопје, во „Младост“ или во Олимписки. Но, ако еден од овие базени не почне да се полни во следните пет-шест дена, едноставно нема да има време водата да се загрее до 16 март. За загревање се потребни повеќе од две недели. Така ќе бидеме принудени да играме надвор, што ни е последна алтернатива. Пеналите што би ги платиле ако воопшто не играме се огромни, па тоа не доаѓа предвид. Можеме да играме во Лесковац, Ниш, Софија, па дури и како домаќини во Грција. Грците би се израдувале - изјави Стефан Пулејковски, претседателот на ПФМ, на вчерашната прес-конференција.
ЈП „Борис Трајковски“ го испразнил базенот кога Топлификација му ја испратила новата сметка за јануари од 20.000 евра, што ова претпријатие нема можности да ја плати. Претходните месечни сметки биле два и полпати помали.
- Во следните неколку дена ќе разговараме со надлежните во „Младост“, во Олимписки и во Топлификација, да се најде решение да почне итно да се полни некој базен. Би било штета овој меч, кој публиката го чека од спортски и од национални мотиви, да мора да се игра во странство. Ќе биде прекрасно ако успееме Грција да ја победиме во Скопје, да ја почувствуваме убавината на триумфот - вели Пулејковски.
Поради околностите ватерполо-репрезентацијата денеска ќе патува за Хрватска, каде што на 23 февруари, во Вараждин треба да игра со „коцкестите“ во меч од СЛ. Ако работеше базенот, ватерполистите ќе патуваа ден-два подоцна. Дел од репрезентативците што играат за Работнички утре во Земун ќе го одиграат мечот со Земун во рамките на Првата Б-српска лига. Потоа тимот продолжува за Хрватска, каде што пред официјалниот меч со Хрватска ќе одигра неколку спаринг-мечеви со „коцкестите“.
ЗАГРОЗЕН ПЛАНОТ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2010
- Имавме план овде да тренираме. Поради околностите мечот со Хрватска и не е толку важен. Побитно е дека планот за подготовките за квалификациите за ЕП 2010, што треба кон крајот на април да се игра во Грција, е во опасност. Сезонава приоритет ни беше да се пласираме на ЕП. Без базен во Скопје домашните репрезентативци спаднаа од 12 тренинзи неделно на еден. Тоа е погубно за нивната форма и ќе мора да се потпреме на странските засилувања. Состојбата е катастрофална - вели селекторот Стеван Нонковиќ, според кој кариерите на овие млади ватерполисти се во опасност.
Македонија во СЛ, во која дебитира сезонава, има три настапи. Изгубивме како домаќини од Хрватска и од Русија, а како гости бевме поразени од Грција во Атина. На 23 февруари играме со Хрватска како гости, а потоа на 16 март треба да ја дочекаме Грција. Последниот меч го играме со Русија како гости.
Во квалификацискиот турнир за ЕП, кој се игра во април во Грција, во групата од четири тима треба да го освоиме најмалку второто место за да се пласираме на главниот турнир во Загреб, налето. Покрај Македонија и Грција во групата се Словенија и Франција, па така нашите аспирации за второ место се реални. Но, поради проблемот со базените сето тоа е близу да падне во вода.
Нема базен во „Борис Трајковски“
ПФМ го отфрли планот мечот Македонија-Грција да се игра во салата „Борис Трајковски“, во која би се поставил монтажен базен. За таков потфат потребни се најмалку 380.000 евра, колку што чини земањето монтажен базен под наем, што е многу за ПФМ.
Федерацијата планира овој меч да го организира во „Борис Трајковски“ поради можноста да се собере поголем број публика. Капацитетот на базенот „Младост“ е 600 гледачи, а на Олимписки најмногу 1.500 гледачи.
Вуксановиќ се врати
Иван Вуксановиќ е повратник во репрезентацијата, објави селекторот Стеван Нонковиќ. Станува збор за играч на Патра, Грција. Тој имаше проблем со повреда, но сега е подготвен. Вуксановиќ последен пат настапуваше за Македонија на СП во Рим 2009 година.
На списокот со играчи се: голмани - Перчиниќ, Јаневски, Недановски. Бекови -Петровиќ, Димовски, Белев. Центри - Милановиќ, Бениќ, Арсовски. Надворешни - Кречковиќ, Бркиќ, Крстоношиќ, Босанчиќ, Стојчев, Латковиќ, Вуксановиќ.