Македонија ги посакува САД, Јужна Африка и Канада
Утре во Рим ждрепка за групите за СП 2009 во ватерполо, нашата репрезентација во третиот шешир
Сашко Ѓ. Димовски
Јужна Африка, Канада и САД. Ова е најпосакуваната конкуренција за македонската сениорска ватерполо репрезентација за утрешната ждрепка во Рим за Светското првенство што ќе се одржи во италијанската престолнина од 17 јули со 2 август. Македонија своите противници ќе ги дочека од третиот шешир заедно со селекциите на Германија, Бразил и Австралија. Носителите на групи вообичаено се сместени во првиот каде се Србија, Унгарија, Црна Гора и САД, во вториот се Шпанија, Хрватска, Италија и Канада и во четвртиот шешир се наоѓаат Јужна Африка, Казахстан, Кина и Романија.
Мундијалските подготовки на националниот тим ќе стартуваат во втората половина на мај. Според претседателот на Ватерполо федерацијата на Македонија (ВФМ), Стефан Пулејковски, начелно е постигнат договор за продолжување на соработката со досегашниот селектор Љубиша Мечкиќ, а што се однесува до играчкиот кадар најавено е дека ќе нема новитети. Македонија останува со постоечкиот ростер од ЕП 2008 во Малага и за СП 2009 ќе има на располагање вкупно 21 ватерполист меѓу кои и четворица младинци кои беа вклучени и во минатите акции на репрезентацијата. Единствената промена во однос на ланскиот континентален самит, во кој завршивме на осмото место, е повлекувањето на капитенот Сашо Поповски (37).
Младинците оптимисти пред квалификациите во Украина за ЕП
Настанот што ќе биде во фокусот на вниманието по ждрепката за сениорското СП 2009 е настапот на нашата младинска репрезентација на квалификацискиот турнир во Украина за пласман на ЕП 2009 што ќе се одржи во Грција. Визата за континенталниот собир ќе ја бркаме во друштво на Украина, Романија и Словачка и речиси сите се големи оптимисти дека ќе успееме да ја исполниме целта и ќе се најдеме на завршниот турнир.
„Украина ја познаваме. Лани тука ја победивме со 14:7, резултат што не' мотивира дека и овојпат ќе успееме да триумфираме, но не смее да не залаже. За останатите две селекции во група сме енигма и токму тука ја гледам нашата шанса и предност да ја исполниме мисијата. Подготовките ги започнавме на први април. Напорно тренираме, а во меѓувреме одигравме и неколку квалитетни тест натпревари со силни противници. Имаме доста млада репрезентација. Костурот го сочинуваат ватерполисти на Работнички и од она што можев да го видамво досегашниот тек на подготовките имаме тим кој ветува“, изјави селекторот на младинската ватерполо репрезентација на Македонија, Стеван Нонковиќ, на вчерашниот брифинг со новинарите во Скопје.
Тој го објави и списокот на патници за квалификацискиот турнир во Украина. Во него има 13 ватерполисти, 10 се домашни играчи, тројца се странци. Голмани се Јаневски (капитен/Работнички) и Недановски (Работнички), бекови: Димовски (Работнички), Стојчев (Работнички), Чолиќ (Ниш) и Белев (Работнички), крила: Милановиќ (Котор/Црна Гора), Синадиновски (Работнички), Пулејковски (Работнички), Никушевски (Работнички), Манасков (Работнички) и Лошковски (Работнички) и на центарската позиција се Станковиќ (Белград) и Арсовски (Работнички).
Репрезентативците ќе имаат неколку слободни денови поради велигденските празници. По нив продолжуваат до подготовките и на 26 април планирано е да отпатуваат на турнирот во Украина што ќе се одржи од 1 до 3 мај.
Милановиќ за Македонски клуб во српското првенство
Поради фактот што немаме квалитетна лига, да не речеме дека немаме никаква, и квалитетен клуб што ќе му биде конкурент на Работнички, во блиска иднина можно е македонски клуб да биде вклучен во натпреварите во српското ватерполо првенство. Промотор на ваквата идеја е легендата на српското и југословенско ватерполо, Игор Милановиќ, кој деновиве престојува во Скопје како тренер на белградски Студент, втора екипа на Партизан.
„Лично ќе се заложам за заедничко функционирање и еден македонски клуб да биде вклучен во мечевите во српското првенство. Подобро да бидеме заедно отколку одвоено бидејќи тоа е од заеднички интерес. Македонското ватерполо го подигна квалитетот со учеството на Европското првенство во Малага лани и тоа е ваша обврска за повеќе работа, вложување и труд во иднина“, изјави Милановиќ кој од 1984 година до 1993 освојуваше медали на сите големи ватерполо самити, европски и светски првенства, олимпијади, светски купови, куп на ЛЕН, итн...
Милановиќ сака регионално поврзување во ватерполото и формирање заедничко натпреварување. Такво нешто веќе егзистира на просторите на поранешна Југославија, но во проектот се вклучени само екипи од Хрватска и Црна Гора. Србија изземена од тоа друштво.
Извор: Утрински весник