[
https://telma]
[
https://telma]ЕКОНОМИЈА
Берзата ќе бара од Владата да го одложи даночењето на капиталните добивки
Да се одложи оданочувањето на капиталните добивки со стапка од 15 проценти, кое треба да стартува од први јануари наредната година. Ова е барање кое берзанските работници заедно со другите учесници на пазарот на капитал ќе го испорачаат до Владата, бидејќи, како што вели првиот човек на Македонската берза, Штериев, оваа даночна реформа, ако на неа се опстои, сигурно ќе има негативно влијание врз инвеститорите, но и врз натамошниот развој на пазарот.
„Реакции на инвеститорите, занеме сите, има. Тоа е и нормално кога од нула отсто данок доаѓате до некој процент на оданочување. Реакциите се негативни, тоа дефинитивно ќе влијае на динамиката во иднина, и Македонската берза, заедно со другите чинители на пазарот, ќе поднесе иницијатива до МФ, во која ќе ја образложи потребата за одложување на оданочувањето, и тоа е во тек“, вели Иван Штериев, директор на Македонската берза.
Капиталните добивки се разликата која инвеститорите ја добиваат меѓу поскапо продадените и претходно поевтино купените акции, и таа за нив е еден еден од главните мотиви за тргување на берзата. Години наназад тие воопшто не се даночеа, но со најновата даночна реформа донесена лани, се предвиде од стартот на 2020 да се воведе данок од 15 отсто на дивидендите, доходот од капитал, добивките од игри на среќа, како и на капиталните добивки. Брокерите тогаш негодуваа дека нивното даночење лошо ќе се одрази врз берзанското и брокерското работење, бидејќи инвеститорите ќе бидат резервирани во тргувањето, а тоа ќе го намали прометот. Од Берзата очекуваат да наидат на разбирање.
„Наше е да покренеме иницијатива, досега не сме имале разговори, се надевам дека ќе има разбирање, и тоа не само заради Македонската берза, туку и заради пазарот на капитал во целина“, вели Штериев.
Од Владата уште не знаат за иницијативата. Вицепремиерот Кочо Анѓушев вели дека како сите други барања што доаѓаат од стопанството, и ова ќе биде разгледано со внимание.
А последните показатели говорат дека во првото полугодие вкупниот промет на Берзата изнесувал 60 милиони евра, што е значително помалку во однос на истиот период лани. Но според Штериев, тоа главно се должи на падот на блок трансакциите, кои лани биле на големи износи. Од Берзата набргу ќе знаат и какви последици за нив ќе донесе девизната либеразлизација, бидејќи неколку месеци веќе е отворена можноста физичките лица да инвестираат и на странските пазари. Очекуваат и странските инвеститори да ги препознаат можностите за вложување на нашаиот пазари.
Нина Нинеска Фиданоска
Објавено на 11 јули, 2019 во 16.29 ч.
2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.