Мариово станува магнет за дивите копачи
Скопје 15 јули 2009
Битолскиот дел на Мариово станува магнет за дивите копачи. Државата не само што нема национална стратегија за археолошки ископувања, туку воопшто нема план за истражување на овој дел од Мариово.
Археолозите потврдиле дека постојат остатоци од антички и од средновековни градови и оти Мариовскиот регион е ризница на артефакти.
Наспроти тоа,
дивите копачи се најчестите непоканети гости во опустошените мариовски села. Облечени како туристи, со замаскирани метални детектори тие ги прекопуваат селата и задоволни, со полни џебови, заминуваат од Мариово, тврдат мештаните.
Вистина е дека само мал дел од надри археолозите и’ паднале в раце на полицијата. Инспектори по организиран криминал во домот на битолчанец
запленија осум бронзени монети од времето на кралот Аминта Трети, дедо на Александар Велики, како и од периодот на владеењето на Филип Втори. Битолчанецот го ископал ова археолошко богатство во Мариово каде што раката на овдешните археолози се’ уште не допрела.
Од битолскиот Завод и музеј потврдуваат дека последните години е присутна
појавата странски државјани за одреден надоместок да ангажираат македонски граѓани диво да ископуваат. И тоа на одредени локации каде што
на таканаречените стари карти постојат податоци дека има културно богатство. Потоа пронајдените предмети заминуваат за странство. Сознанијата на музејот се дека токму грчки државјани се најголеми откупувачи, особено на археолошки предмети, кои го потврдуваат постоењето на античките Македонци.
Првиот човек на пелагониско-мариовската Општина Новаци, градоначалникот Лазар Котевски, бара археолозите да влезат во овој регион со плански истражувања пред дивите копачи сосема да го изораат Мариово. Котевски го гледа развојот на туризмот во Мариово преку откривање и презентирање на археолошкото богатство од овој крај. Токму затоа тој стравува дека отсуството на план за археолошко истражување ја прави нереална и нивната замисла за развој на културниот туризам во битолскиот дел на Мариово.
„Добар дел од археолошките наоѓалишта во Мариово не се испитани. Како Општина бараме да почнат тие ископувања, а не дивите копачи да располагаат со македонското културно наследство“, предупредува Котевски. Најпосетени дестинации од дивите копачи во Мариово се селата Зович, Градешница, Старавина и Будимирци.
„Нашите сознанија се дека странци, во договор со наши граѓани, го снимаат теренот и незаконски ги ископуваат деловите околу селата. Доаѓаат Грци, Бугари, но и Французи. Некои добронамерно, а за други стравуваме дека имаат прикриени намери“, нагласува Котевски.
Во тоа дека Мариово е ризница на артефакти многу пати се увериле и самите мештани. Но, Котевски вели дека Мариовци не се упатени во археологијата и често несоодветно ги третираат пронајдените предмети.
„Мештаните воопшто не се едуцирани. Доколку најдат нешто додека ги извршуваат земјоделските работи или градежните прекопувања тие тоа ќе го зафрлат или ќе го искршат. Исто како пред некоја година, кога пронајдоа вино закопано од Првата светска војна, од пред 100 години, па ги искршија шишињата“, потсетува Котевски.
Археолозите со сигурност тврдат дека Мариово лежи врз темелите на антички и средновековни градби. Каде и да се копна ќе се најдат археолошки предмети, без оглед на нивната вредност. Археологот Гордана Филиповска-Лазаревска од Завод и музеј Битола, како експерт за средновековна култура, вели дека во Мариово е особено позната средновековната населба Лениште кај селото Зович. Таму своевремено се пронајдени сребрени монети од 13 век, од времето кога трговци од Венеција тргувале низ Мариово.
„Во Мариово има значајни археолошки наоѓалишта. Тоа го потврдиле наши колеги. Затоа мештаните во разговор потврдуваат дека доаѓаат диви копачи, трагаат и веројатно ги наоѓаат, ги земаат и исчезнуваат со тие наоди. Во однос на тоа каде ги продаваат се зборува дека има голем откупен центар во Солун. Не знам дали тоа е точно, но во секој муабет има по некоја вистина. Или можеби завршуваат на некои аукции во светот“, додава Гордана Филиповска-Лазаревска, археолог во Завод и музеј Битола.
Наспроти ваквите состојби и предупредувања, надлежните од Завод и музеј Битола се категорични дека државата нема ниту пари, ниту кадри за да почне со археолошко ископување на Мариово.
Во информацијата што Завод и музеј Битола ја достави до Советот на Општината околу заштитата на културното наследство на подрачјето на Битола на некој начин признава дека дивите ископувања стануваат се’ почести. Во отсуство на национална стратегија за археолошки ископувања вредните археолошки предмети илегално патуваат за странство, се вели во информацијата на Завод и музеј Битола.
„Мариово е ризница, но државата секогаш има приоритети. Од материјален аспект е невозможно целата држава да се прекопува во исто време. Нема и толку многу стручни лица за да бидат ангажирани на сите археолошки локации во државата. Ова не е јавно претпријатие каде што се копаат само канали, потребна е стручност“, вели Зоран Николовски, директор на Завод и музеј Битола.
Битолските археолози последните месеци единствено влегоа во Чебрен каде што се планира изградба на хидроцентрала. Дадоа предлози што е потребно да се дислоцира од битолскиот дел и тука завршија кусите анализи.
Мариовските села и пространите терени до границата со Грција и натаму им се препуштени на дивите копачи.