Ајде, пошто е свежо и уште сум исфрустрирана и душата ме боли. Ова повеќе е како издувен вентил за мене.
Од некои скромни искуства знаев дека здравството кај нас е лошо, само требаше вака лично искуство на близок и цело патешествие по болници за да добијам целосна слика за катастрофата и дното наречено јавно здравство.
Пациент пуштен на лекување дома после хоспитализација на Урологија Струга, со тешкотии при мокрење и цела низа на други коморбидитети. Отпуштен од болница со релативно добар наод со оглед на состојбата и пуштен на домашно лекување. Веќе после некој ден поминат дома почнаа да се примеќаат отоци на стомакот и екстремитетите од неможноста за мокрење. На 7миот ден од домашното боледување, некаде кај 7 часот навечер наеднаш се јавува страшно црвенило со плускавци на двете нозе. ( подоцна се утврди дека ова е од вишокот вода во телото). И тука започнува сагата.
Живееме на 150 метри од Брза Помош Охрид, буквално преку улица. Мајка ми оди во амбулантата да повика екипа да го прегледа. И велат да се врати дома, ќе дојдат. Чекаме, чекаме, чекаме. Поминуваат 40 минути. Се јавувам јас да прашам случајно да не не заборавиле. Ми вика диспечер дека моментално екипата е излезена на повик, следни сме ние. Си викам во себе дали е можно Охрид да има само една екипа за Брза Помош. Преќутувам на телефон и чекам. Поминува уште половина час, никој не доаѓа. Се изнервирав викам ќе одам јас до Брза Помош да видам до кај е работава. Таман стигнав таму ги гледам излегуваат на повик. Супер ајде, еден час помина но барем доаѓаат.
Почна прегледот, докторот вика ова мора да се носи на интерно. Вика носилка бидејќи пациентот тешко се движи. Во меѓувреме пациентот вика дека мора да мокри ( всушност и цел проблем е од недоволно мокрење ), докторот и сестрата прават фаци, ама како така, мора да одиме. Како да не ги чекавме на игли повеќе од час и нешто. Во тој момент добиваат друг итен повик. Се пакуваат и заминуваат. Мене не ми се верува што гледам. Викаат да почекаме ќе се вратат по пациентот. По половина час чекање се враќаат и го носат за Интерно.
Стигаме ние ( фамилијата ) на Интерно, после којзнае колкаво кружење по дворот на болница Охрид, влегува и екипата на брза помош заедно со пациентот, ИЗМРЗНАТ. Ни покриен со ќебе, ништо. Така по пиџами вртен по тераси, по угорници по удолници додека да стигнат на првиот кат на Интерно одделение.
Прегледот од докторот траеше 5 минути. Дијагнозата беше алергија од влажни марамици. Мое мислење е дека ја видоа отпусната листа од Урологија веќе не се ни трудеа да откријат што е причината, сакаа само да немаат прием вечерта. Докторот вика еве аплицирана е инјекција, сто посто ќе се смири за два часа. За секој случај земете и маст од аптека и намачкајте го вечерва, ама нема потреба, ќе се смири од инјекцијата.
Се враќаме дома, пациентот во полоша состојба од претходно. Ај шо ништо не се подобри од инјекцијата, ај што беше веќе замрзнат од влечкање низ болница, ама и психички веќе падна. Заспа со плачење, а ние останавме цела вечер будни, демек да ја аплицираме маста. Ветар во магла.
Сабајлето бидејќи состојбата не беше подобра тргнавме на Урологија Струга. Немам доволно пофален збор за ова одделение, од ангажираноста на докторите, до односот, до ажурноста, до професионалноста. И ние како семејство бевме викнати на консултација со сите доктори и се ни беше објаснето, со дадено време за прашања и дообјаснувања. Го задржаа пациентот поради лошите параметри.
После 5 дена поминати на одделението во Струга, го отпуштаат пациентот со вграден катетер. За текот на приказната важно е да спомнам дека над него не беше извршена никаква хируршка интервенција, само лекување.
Истиот ден откако е пуштен, попладнето се јавуваат големи болки, најверојатно катетерот е или изместен или неубаво наместен. Зборувам за огромни болки, викање, лелекање. Се упатуваме до Уролошкото одделение во Охрид каде не пречекува сестра. Нема доктор, никаков. Сестрата дури и малце како зачудена што бараме. Гледа дека има темна крв во ќесата од катетерот и му се јавува на докторот. Името на докторот нема да го спомнам заради правни причини.
Докторот одбива да дојде. Бидејќи имал пациентот отпусно писмо од одделението во Струга, да сме се упателе таму. Се прашувам, дали ако имавме отпусно писмо од Клиниката во Скопје, ќе требше да се упатиме кон Скопје со човек кој лелека и плаче од болка? Причината зошто докторот одбива да дојде е бидејќи тоа би значело дека тој ќе прави ревизија на веќе извршената интервенција во Струга. Не ни знам што значи ова, се надевам некој инспекторат ќе се позанимава со ова прашање. Се обидуваме да фатиме врски да допреме до лекарот да дојде барем да го намести катетерот ( рутинска интервенција во урологија ) за да пациентот нема болка, упорно одбива и одбива. После еден час чекање во Охрид, со собрани раменици и пациент во агонија се упатуваме во Струга. Возењето до Струга плус чекање на докторот на повик да дојде траат уште еден час. Се на се, заради долгото чекање и застојот од изместениот катетер пациентот повторно треба да е хоспитализиран. Повторно секоја чест за докторите на Струшкото одделение, кои уште од влез кога ја видоа состојбата веднаш се фатија за работа, не побараа ни име, ни презиме, ни состојба на пациентот. Веројатно овие параметри беа од исклучителна важност на докторот од Охрид.
Ова е страшно искуство за фамилијата, уште пострашно за болниот. Болката и кнедлата во грло кога си беспомошен додека некој близок страда се трауми кои остануваат за цел живот.Овој систем без никаква човечост во ниеден момент не дава кураж или некаква светла точка на болниот. Како да не е доволно дека човек е на смртна постела, овој систем е решен да го дотолчи и да го пушти во другиот свет со нула достоинство. Да му го одземеш достоинството на човек пред умирање, како да си му зел се. Човек да посака и да изусти дека е подобро да е мртов него да ги води овие перипетии, ејј, човек да го изусти тоа? Да гледаш човек со очи полни страв од смртта да посака да умре за да не оди низ овие голготи. Да плаче од болка додека седи на болница и да нема кој да му помогне? Никаква централизирана нега на болен, ако немаш семејство да те носи и да чека со тебе по болничките ходници најверојатно ќе умреш како куче некаде. Катастрофа, дно, не знам со кој збор веќе да го опишам ова разочарување. И на крај кога се обидуваш некако да ја добиеш правдата што ја заслужуваш, не може ни тоа.
Пробав да поднесам претставка до министерството за здравство. Изненадувачки, имаа форма за пријава на нивната страна. Пишувам реферат, кликам Испрати, паѓа сервисот. Пробувам пак, пак паѓа. Не губам надеж бидејќи има и мејл адреса од страна. Пишува над неа ЗА НЕПРАВИЛНОСТИ ПРИ РАБОТЕЊЕТО КОРИСТЕТЕ ЈА ОВАА АДРЕСА. Го праќам есејот со жалба, добивам повратен одговор дека адресата не постои.
И како бе да седиш мирен? Дно, не знам, немам зборови.