МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА ЗА ОБВИНУВАЊАТА НА ДПА
Блерим Беџети: Бев во локалот „Шери“, но не знам што нашла инспекцијата
ОБЈАВЕНО НА
28 јуни 2013 - 16:41
Министерот за правда Блерим Беџети за МКД.мк потврди дека во време на инспекциската акција во ноќниот клуб „Шери“ бил во локалот, оценувајќи ги обвинувањата од опозицискиот пратеник како лична и политичка некултура и злоупотреба на собраниската говорница во маркетиншки цели.
Како ниски удари што зборуваат за личната култура на
пратеникот Беким Фазлиу од ДПА и за културата на политичката опција што изгуби на избори гитолкува министерот за правда Блерим Беџети денешните обвинувања од Фазлиу во собраниската сала дека министерот за правда бил фатен со оружје и со дрога во полициската акција во ноќниот клуб „Шери“, во Градскиот парк. Таквите обвинувања беа искажани во пратеничко прашање до министерката Гордана Јанкулоска.
Министерот Беџети во изјавата за МКД.мк вели дека за обвинувањата слушнал од своите сопартијци – пратеници. Потврдува дека бил во локалот како гостин, но дека не знае што пронашла инспекцијата во контролата.
„Сосема случајно бев во ноќниот клуб заедно со градоначалникот на Сарај кога инспекторите дојдоа во контрола. Нормално, дека не очекувавме поради нашето присуство да има прекин во инспекциската акција. Ако ДПА мисли дека власта треба поинаку да се практицира и да се злоупотребува нечие присуство во работата на инспекциските органи тоа е нивен проблем. Инспекторите си ја вршеа должноста и продолжија да си ја вршат без никаков проблем. Не знам што и како нашле во локалот, но очигледно е нивото на политичка и на лична култура на пратеникот од ДПА, партија што ги загуби изборите. Јас не можам со него да разговарам на тоа ниво, тоа е многу ниско и некултурно“, вели во изјавата за МКД.мк министерот Беџети, според кого пратеникот Фазлиу ја злоупотребил собраниската говорница, пратеничкиот имунитет и денешната седница за пратенички прашања за обвинувања и за пласирање шпекулации:
„Нека го каже тоа што го изговори денеска во Собранието, надвор од говорницата. Ние не баравме да запре контролата на инспекциските органи и едноставно бевме гости во локалот каде што тие заедно со полицијата си ја вршеа работата“, повтори министерот Беџети.
На прашањето дали денешните обвинувања од пратеникот Фазлиу имаат и некоја лична заднина Беџети вели:
„Јас никогаш во животот не сум се сретнал со пратеникот, ниту кафе не сум испил со него. Жаргонот со кој тој и неговата партија зборуваат е некултурен и не е мое ниво да комуницирам на таков начин.“
Фазлиу од говорницата обвини дека освен Беџети и многу други функционери од ДУИ биле замешани во криминал и големи финансиски злоупотреби. Тој, повикувајќи се на очевидци од селото Липково, рече дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, зел дрва од тамошната гимназија. Потоа дека функционер на ДУИ бил фатен во кражба на злато и дека поради криминал во затвор завршиле и директорот на поштата во Битола и на Комунална хигиена во Скопје, кадри на ДУИ.
Според министерката Гордана Јанкулоска случајот во клубот „Шери“ е расветлен. Таа одби да коментира, како што рече шпекулации и политички обвинувања. Акцијата на 21 јуни околу 2 часот по полноќ била во координација со полицијата, УЈП и Пазарната инспекција и дека поради нерегуларности објектот бил времено затворен, а на сопственикот му е изречена глоба од 3. 250 евра. Јанкулоска рече и дека бил пронајден прашкаст материјал завиткан во банкнота, дека било најдено оружје, дека се точел алкохол на малолетници.
https://www.mkd.mk/makedonija/politika/blerim-bedzheti-bev-vo-lokalot-sheri-no-ne-znam-shto-nashla-inspekcijata