Kuklica
Легендата вели дека многу одамна во селото Куклица се случила голема трагедија. Момчето, во кое една девојка била бескрајно вљубена, се оженило со друга, поради што разочараната девојка ги проколнала младенците. Кога дошол свадбениот ден, навидум се било во ред: се собрале сватовите, стасале и другите гости, веселбата почнала. Во моментот кога младенците се бакнале, клетвата се остварила и сите свадбари се скамениле. Скаменетите свадбари и денес сведочат за гневот и за болката на несреќната девојка.
Селаните го викаат местото "Весела свадба" зашто сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка. Поради овие скаменети "кукли", и местото го добило своето име - Куклица.
На локалитетот има околу 140 кукли, а најголемо внимание привлекуваат двете огромни камени кукли, кои страсно се бакнуваат и ги претставуваат младенците.
Со малку фантазија, секој посетител може да си ги дополни празнините во приказната, бидејќи не се знае што се случило со девојката што ја фрлила клетвата. Мештаните раскажуваат дека нивните предци се обиделе да ја растурат клетвата на вљубената девојка, но не успеале.
Научниците, пак, велат дека камените фигури се создале пред 10 милиони години, кога се уште немало луѓе на планетата. Вертикалната ерозија на вулканските карпи создала "кукли" повисоки од десет метри, кои и денес доминираат во питомата околина. Како и да е, ваква "свадба" нема никаде на светот и ова место е заштитено од Агенцијата за природни реткости при Министерството за животна средина. Нешто слично има само во Србија, во местото Ѓавоља Варош.