Тајната на два седумвековни бора
Во легендата се вели дека боровите, кои и ден-денес постојат во паркот во центарот на Кратово, ги засадиле Сасите, германско племе кое во тој крај дошло да бара злато. Биле три, но едниот од нив бил исечен по Втората светска војна.
Широко разгранети зелени круни и две дебели високи борови стебла е глетката што се појавува зад карпестиот предел, од десната страна на патот, движејќи се кон центарот на Кратово. За старите борови во паркот Карши бавча, кои жителите на овој град ги нарекуваат прастари, велат дека ги кријат историјата и минатото на градот со шесте стари кули, трите речни корита и дванаесетте мостови, бидејќи во легендата за нив се говори дека биле засадени уште пред турско. Тоа се забележува и кога кратовци ги раскажуваат нивните животни приказни во кои како судбинска нишка речиси секогаш се јавуваат седумстолетните борови и паркот Карши бавча каде што порано секоја сабота и недела, а некогаш и среда се правеле игранки и серенади, се прославувале празници и се заљубувале младите од градот. Постарите жители со носталгија се потсетуваат на 40-тите години кога еден од трите борови бил исечен.
"Се градеше патот до центарот на Кратово. Имаше една кафеана која требаше да се руши, но за да не се урне таа, исекоеа еден од боровите", раскажува Љупчо Ангелов, претседател на Здружението на пензионери во Кратово. Откако бил исечен борот, луѓето изброиле околу 650 прстени на неговиот пресек и заклучиле дека тој е стар околу шест и пол века. Гредите што биле направени од него, кратовци ги искористиле за градење на спортската сала. "Во Кратово се зборува дека боровите ги посадиле Сасите, германско племе кое овде дошло да копа златна руда од ридот Златица, денешна "Плавица", вели Ангелов.
Кратовци многу малку знаат за потеклото на боровите и кога зборуваат за нив најчесто се потсетуваат на некоја интересна случка што е поврзана со нив.
"За време на српско, дедо ми Јусеин, три дена седел врз круната на едниот од боровите и се криел од српската жандармерија, бидејќи тој тргувал со тутун кој бил строго забранет во тоа време. Откако го подгониле жандармите, тој ги пуштил магарињата натоварени со тутун и трчејќи отишол во градскиот парк и се искачил на борот. Кога поминал некој негов пријател, тој му рекол да и каже на неговата була да му донесе јадење, оти нема намера да се врати дома", смеејќи се раскажува неговиот внук Ерџан Јусеинов, чија фамилија е единствената турска во Кратово. Тој за дедо му вели дека бил часовничар и дека ги поправал сите часовници во градот, па дури и градскиот кој постои и денес на една од шесте кули, но не работи. "Часовникот престана да чука откако почина тој во 1965 година", кажува неговиот внук.
Историчарите раскажуваат дека кулите, кои се едно од позначајните обележја на овој град, се изградени во византиско време. "За време на турското ропство, турските големци живееле во нив. Војската била во долната просторија, додека агите во горната, така што биле многу убаво заштитени од нападите", објаснува Илија Митевски, историчар во Градскиот музеј во Кратово. Тој раскажува дека сите кули меѓусебно се поврзани со подземни ходници. "Царицата Елена, жената на царот Костадин Дејановиќ, кога турците го освоиле Кратово, со целото нивно богатство влегла во еден од ходниците и исчезнала", раскажува историчарот. Многу луѓе кои ја знаат оваа легенда се обиделе да го пронајдат златото, но не се знае дали некој успеал да го најде. "Кратово е град на подземни ходници, покрај овие што ги поврзуваат кулите, има и ходници што водат до рудникот за злато. Има една легенда за еден ловџија кому, враќајќи се од лов, кучето му прпаднало во едена дупка. Загарот исчезнал и ловџијата помислил дека не останал жив. Кога се вратил дома, кучето веќе било дојдено. Се претпоставува дека тоа, преку ходникот долг еден километар, успеало да се симне во Кратово", раскажуваат жителите.
Кратовци зборуваат и за стариот турски амам кој, според нивните кажувања, бил втор по убавина на Истокот, веднаш по тој во Дамаск. "Многу ни е жал за тоа што денес од него останаа само стари камени sидови. А тој бил убава и раскошна бања со многу светлина која влегувала преку прозорците", велат тие. Жителите се потсетуваат и на некогашната Цармуратова џамија која била урната во 80-тите и на нејзино место била изградена сегашната стоковна куќа "Силекс"."Таа беше направена од убави камења кои меѓусебно беа поврзани со олово", вели историчарот Митевски. Кога цар Мурат тргнал од Цариград да го освојува Косово, последниот одмор го направил во Кратово. На Мурат му било речено да се помоли пред да ја започне битката. Тој влегол во црквата "Свети Архангел Михаил" и му се помолил на Алах во православен храм. Цар Мурат загинал во битката, а синот Бајазит, во негова чест, наредил црквата да се направи џамија, тоа била една од поубавите џамии во Турската Империја. Откако била урната, Исламската заедница повела судски спор против Кратово.
Постарите кратовци велат дека многу нешта во овој град се измениле и поголем број од значајните објекти во градот се уништени. "Времето си го направи своето. Иако луѓето се трудат да го зачуваат изгледот на старите куќи и по нивното реновирање, сепак, тие имаат изгубено многу од нивната автентичност". Тие не забораваат да ги споменат мандолинскиот оркестар и игранките за Тодорица, празник кој традиционално секоја година се прославува во Кратово. Жителите раскажуваат и за времето кога се избирал кралот на пијаниците на Свети Трипун. "Луѓето, откако ќе ги искроеја лозјата, од нивите се собираа во центарот на Кратово и го одбираа најголемиот пијаница. Тогаш тој со магаре, натоварано со буре вино, влегуваше во Д'Дцовата кафеана каде што забавата продолжуваше до зори".
Кратовци велат дека да се зборува за Кратово, а да не се спомене Радин мост не е кажано ништо. За да се стигне до мостот, под кој тече Манцева Река која во мазните карпи си вдлабнала свое корито, се оди по нагорни тесни улички на кои две коли не можат да се разминат истовремено. Мостот бил урнат и од него биле останале само двете стражарски кули. Во 1820 година, Хилми-паша наредил тој да се поправи за да можат луѓето да поминуваат на другата страна. По негова наредба, кулите биле премостени со дрвени греди. Сега мостот е направен од цврст градежен материјал и пред неколку години неговата дрвена ограда била заменета со железна.
Кратово е град за кој постојат голм број легенди. Една од нив е дека и името го добил по тоа што бил изграден врз кратер од изгаснат вулкан. "Тоа се гледа и по самите карпи на кои се изградени објектите во овој град. Нема куќа која не е направена со потпорен sид, бидејќи целата површина е нерамна", кажуваат жителите. Тие додаваат дека најинтересно е тоа што иако градот е мал, сепак, тој не може да се види во целост и дека секогаш едната страна е скриена и не се гледа.