Внуката на Мара Бунева: Кај нас дома не се зборуваше на бугарски јазик!
Страшно сум револтирана од многу невистини што деновиве се изговорени и напишани за Мара, чиј подвиг и по осумдесетина години предизвикува расправии и делби меѓу Македонците, вели Анче Герасимовска, внука на Бунева од нејзината сестра Ленка. Интервјуто со неа е објавено во 2007 година во весникот „Утрински весник“. Расправии и делби за Мара Бунева имаше
и вчера во Скопје.
Судбината на семејството на Мара Бунева, атентаторка на Владимир Прелиќ, е трагична како и на многу други македонски семејства, кои, подложени на страшниот притисок на пропагандите и борбата за егзистенција, се растурале по светот и понекогаш се вклучувале во спротивставените завојувани страни, кои не одбирале средства за да остварат влијанија на македонските простори. Кога ќе се слушне приказната за Буневи, изворно кажана од човек на семејството, изгледа сосема поинаку од онаа што и ден-денес сакаат да ни ја сервираат определени кругови.
Животната врвица на секој нејзин член е слика и прилика на трагичните македонски судбини, кроени и прекројувани од српски, бугарски, грчки и којзнае какви други пропаганди. Страшното време, војните и окупациите, шесте деца на тетовецот Никола ќе ги одведат на разни страни. Најстариот брат Борис ќе стане бугарски офицер, помладиот Лазар ќе влезе во српската војска на Кралска Југославија. Најстарата од четирите сестри Мара, родена во 1902 година, животот ќе го заврши откако ќе го изврши атентат на 13 јануари 1928 година. Една година помалата сестра Ленка ќе остане во Македонија, најмладата Вера ќе се омажи и ќе замине во САД, а четвртата сестра Нада ќе почине многу млада, на 18 години, истата година кога е убиен Прелиќ.
„Не е вистина тоа дека во нашето семејство се говорело бугарски, како што тврдат некои. Мојата баба никогаш не сум ја слушнала да каже ниту еден збор бугарски. Многу добро се сеќавам на неа. Мајка ми од Скопје ќе ме испратеше за Тетово со малиот воз, кој патуваше девет часа, и јас кај неа ќе останев цело лето. Не паметам да ми прозборила бугарски збор“, вели внуката на Мара Бунева.
„Тетка ми Мара кога ќе работела низ куќата во Тетово, секогаш пеела песни за Гоце Делчев, за Јане Сандански и плачела. Им се восхитувала на македонските револуционери. Се раскажуваше и тоа откако го извршила атентатот, кога лекарот од Белград ја прашал зошто го убила Прелиќ, му одговорила - за Македонија. По атентатот моите домашни ги уапсиле. Во затвор бил и дедо ми и татко ми. Татко ми го пуштиле брзо, а дедо ми го задржале 7-8 месеци“, раскажува Анче Герасимовска.
Преземено од „Утрински весник“, 11 март 2007 година