ГРАЃАНИТЕ ПРВПАТ ИМААТ ДОВЕРБА ВО ДРЖАВАТА!
Македонија се движи во вистинската насока, активностите што ги презема Владата ќе го подобрат животот на граѓаните. Сепак, најголеми проблеми остануваат невработеноста, сиромаштијата и корупцијата, одговориле анкетираните во најновиот Извештај за рано предупредување што вчера го објави Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Првпат досега оптимистите за иднината на државата се повеќебројни од песимистите. Околу 45 отсто од граѓаните сметаат дека Македонија оди во вистински правец. Спротивно одговориле 39,7 отсто анкетирани.
Владата, владејачките партии и премиерот уживаат висок степен на доверба во споредба со другите институции. Во опаѓање е довербата во армијата и во полицијата. Граѓаните најмалку веруваат во судството. Така се изјасниле 41,2 отсто испитаници.
Делот од извештајот за политичката состојба го презентираше професорот Ѓорѓи Иванов.
- Ниската моќ на најголемата опозициска партија е негативен елемент за демократијата во државата затоа што нема вистинска контрола на власта – оцени Иванов.
Мнозинството Македонци се со убедување дека рамковниот договор ги фаворизира Албанците. Албанците се позадоволни од темпото на развој на меѓуетничките односи. Двете етнички заедници се различни ставови за статусот на Косово.
- Косово, МПЦ и спорот со името се изолирани проблеми, но во комбинација со социјалните проблеми може да бидат објект на политичка манипулација - се вели во Извештајот.
Според граѓаните, приоритети на Владата треба да бидат справување со сиромаштијата и криминалот и влезот во НАТО и ЕУ. Мнозинството анкетирани сметаат дека Македонија за пет години ќе влезе во ЕУ. Така одговориле 35 отсто. Тоа е највисок процент во последните седум години.
ВМРО - ДПМНЕ со 4 пати повисок рејтинг од СДСМ
Ако парламентарните избори се одржат денес, за ВМРО - ДПМНЕ ќе гласаат 27 отсто од граѓаните, а за СДСМ 6,3 отсто, покажува извештајот. Рејтингот на ДПА благо се зголемил. Оваа партија во моментов има ист рејтинг како со СДСМ.
Најголема доверба во ВМРО - ДПМНЕ покажале менаџерите, дури 50 отсто.
DOWNLOAD на целосниот извештај(pdf 2.8MB)