По НАТО (кич- патриоти 2)
Jани Макрадули
НАТО и ЕУ се наша агенда, ама за оние што не се плашат од предизвици, противници, нерамен терен, пристрасни судии
За жал, на раскрсницата се запали црвено светло. Долгото двоумење на Владата по кој пат да се оди, доведе до ситуација да се запали црвеното светло. И, за жал, сега некои прво ќе тргнат да го бараат оној што го запалил светлото, ќе го вперат прстот, ќе фрлат анатема. Но, убеден сум, како ќе поминува времето, некои ќе прашаат - зошто двоумењето траело толку долго.
Ќе биде многу лошо ако сите прашања и дилеми за одлуката, поточно не-одлуката на НАТО да ги бараме надвор од нашата земја, да се аманестираме од дебата внатре, да помислиме дека самоизолирани сме посилни. Секако, некои прашања ќе изостанат ако од морални причини некои си поднесат оставки заради овој неуспех, ама заборавив дека кич-патриотите и немаат баш некои високоморални вредности.
А најмалку од се', одлуката на НАТО не смее да биде победа на кич-патриотите. Со тоа мора јасно да се бориме, почнувајќи од денес. Време е за разобличување на кич-патриотите. Зошто, не мислам дека кич-патриотите случајно отворената емисија на Сител ја крстија Македонија И НАТО, а не на пример, поприродно Македонија ВО НАТО. Или, пак, кич-патриотот од културно-информативниот центар – Скопје, кој еден ден пред самитот, сосема случајно, промовираше некоја изложба со билборди на кои имаше нацистички симболи. Ако градоначалникот на Скопје се' уште не го има разрешено, веројатно некој треба да му каже дека станува соучесник на кич-патриотите. Кич-патриотите ќе мавтаат со туѓи знамиња, ќе прекрстуваат улици, ќе бојадисуваат ѕидови. Ќе се појават истите фаци од протестите за: Тетовскиот универзитет, Законот за територијална организација, Законот за знамиња на заедниците. Кич-патриотите намирисуваат националистичка арома и веднаш се појавуваат на улиците, на екраните. Кич-патриотите ќе сакаат да јаваат на националистички бран. Тоа мора да се спречи. Кич-патриотите ќе сакаат да бидат со народот, ама народот треба јасно да им каже дека не сака да биде со нив.
Мора во Македонија да победат силите кои се подготвени за политичка борба со кич-патриотите, кои не бегаат од проблемите, кои сакаат да ги решаваат. На Македонија не и' требаат политичари кои кога ќе примат гол од очигледен офсајд ќе си ја земат топката и ќе си одат со солзи дома. Борбата за потврдување на нашето членство, достоинствено требаше да почне уште во Букурешт, до самото затворање на самитот. Верувам и на генералниот секретар на НАТО ќе му беше многу понепријатно да одговара на десетина прашања од македонските новинари.
Во претходната колумна не спомнав еден од најголемите кич-патриоти, а тоа е секако министерот за транспорт и врски, Миле. Е, тој министер смета дека е многу патриотски да не распределува средства од буџетот за некои општини каде што градоначалниците доаѓаат од редовите на СДСМ. Имено, на последната распределба, од „најпатриотски“ причини Миле решил Берово, Виница, Делчево и Кочани да не добијат никакви средства. Каков патриотизам? Дискриминирање на општини затоа што градоначалниците се од СДСМ, а се интересира ли Миле за граѓаните во тие општини? Е, со такви кич-патриоти нема развој на источна Македонија, со такви кич-патриоти преправени во министри нема покана за НАТО.
Нерешителноста на НАТО да се спротивстави на грчкиот обид да се закочи напредокот на Македонија, да се маргинализира се' што е македонско, за жал, ќе има негативен ефект на регионот.
Букурешт по втор пат постави некои стари принципи и по некое ново прашање поврзано со регионов. Зошто Бугарите биле толку воздражани? Како да се признае Косово? Колку да брза Црна Гора? Како да се најде решение за реформите во полицијата на БиХ?
Оваа одлука, за жал, може да ги реши и изборите во Србија. Прогресивните и демократски сили ќе изгубат добар, можеби и клучен пример за тоа кој пат да се избере, по кој правец од раскрсницата да се тргне. Радикалите ќе ја злоупотребуваат Македонија за да добијат гласови од неопределените, демократите не ќе можат цврсто да застанат за НАТО како цел по исполнети критериуми. Загрижен сум дека таква слична поделеност може да се случи и кај нас.
Грција предоцна ќе сфати колку непромислена одлука донела, и наместо да го испрати Караманлис како херој, сигурен сум дека Грците брзо ќе посакаат да ја заборават оваа епизода од нивната историја.
Но, Република Македонија мора брзо да се престрои, јасно да се направи разлика кој е подготвен да работи за НАТО и за ЕУ агендата. Дефетизмот што ќе го наметнат кич-патриотите мора да биде поразен, и тоа од граѓаните кои сакаат видливи резултати, со почитување стандарди, правила, закони. НАТО и ЕУ се наша агенда, ама за оние кои не се плашат од предизвици, противници, нерамен терен, пристрасни судии.
П.С. Во сенка на настаните околу името, измина и 31.3.2008 година, последниот рок за наводните 100.000 компјутери. Би сакал да го потсетам државниот ревизор (веројатно имаме таков) дека неактивирањето на гаранцијата, согласно со условите во тендерот, е кривично дело (седмо во овој тендер)!
(Авторот е пратеник)