КАРОЛИНА СНИМА СПОТОВИ ВО„ЖЕЛЕЗНИЧKА“
„Македонско девојче“ ќе добие комплетна видеоприказна
Гочева со „Томато продукција“ деновиве ги снима кадрите за спотовите за албумот „Македонско девојче“ во зградата „Железничка“ чии простории се комплетно уредени во стилот од 40-тите години
Секоја песна од новиот албум на поп-ѕвездата Каролина Гочева, „Македонско девојче“ што го направи со Златко Ориѓански, ќе добие своја видеоприказна што ќе ја долови автентичната атмосфера на новиот проект. Каролина заедно со „Томато продукција“ деновиве ги снима кадрите во зградата „Железничка“, чии простории се комплетно уредени во стилот од 40-тите години. За време на снимањето, на кое присуствувавме, владее мошне релаксирана и забавна атмосфера, а Каролина вели дека тоа е така бидејќи добро ја познава екипата со која соработува веќе неколку години.
- Во принцип секогаш сум расположена на снимање. Работам со „Томато“, екипа што многу добро ја познавам. Овој концепт, снимање видеоспотови за цел албум го пробавме со мојот последен поп-албум „Во заборав“. Не планиравме да снимаме посебни спотови за сите песни и се покажа како мошне добар рецепт. Овој албум е многу специфичен, автор е Златко Ориѓански и сите песни се во ист стил. Затоа сметавме дека заслужува да добие и целосно видеоиздание. Мислам дека целиот амбиент тука, заедно со стариот мебел го доловува албумот комплетно. Не ми е тешко да ги покажам емоциите бидејќи се соживеав со песните и ги сакам многу - вели Каролина.
На снимањето присутен беше и бендот на Каролина, за кој вели дека ќе ја следи и за време на сите концертни активности за промоција на „Македонско девојче“ што ќе се случат во иднина. Режисерот на целиот проект, Бане Поповиќ вели дека најтешкиот дел било да се пронајде соодветен простор што ќе ја долови атмосферата на албумот.
- Едно време планиравме да снимаме во Битола, во Офицерскиот дом, но потоа го најдовме овој простор. Оваа зграда која ја викаат „Железничар“ на времето била киносала и собиралиште за забави, манифестации. Кога првпат влегов во просторијата беше премногу руинирана, но ја средивме и заличе на тоа време. Секоја песна од овој албум ќе има посебна сценографија, поинаква приказна.
Поповиќ потенцира дека со Каролина воопшто не му тешко да работи. Има огромен талент во неа и мислам дека ни самата не е свесна за тоа. Кога ја снимаш, го дава тоа што секој режисер сака да го види и тоа го прави на мошне природен начин. Отпуштена е максимално. Еве веќе неколку дена снимаме, вчера чекаше три и пол часа да почнеме со снимање без да каже ниту еден збор.
Гламурозен имиџ
Стилистката Цаци Паковска, која се грижи за имиџот на Каролина, вели дека во овој проект Каролина ќе биде гламурозна, шик и секси. Бидејќи песните на овој албум се мошне специфични, во нив има малку етно, танго, народно, сакавме да дадеме некаков контраст со облеката, но и да останеме верни на имиџот на Каролина кој го гради сите овие години. Каролина изгледа гламурозно, шик и секси, мало навраќање кон 40-тите и 50-тите години - вели Паковска.