мал коментар
Ок е, не е лошо... изгледа симпатично (ќе оставиме голем простор за подобрување на целата екипа во спортската редакција на канал 5 и 5+... бидејќи првпат работат на ваков поголем проект). Е сега ваква преодна оценка за една македонска телевизија мислам дека е и повеќе од доволна.
Па после 2 "рунди" од по два дена фудбал, мислам дека е добро време да посочам на добрите страни и нормално да искритизирам тоа (што за мој вкус) може да се менува или треба да се отфрли:
Прво, она што најмногу ми се допаѓа:
- Два натпревари на два канала во живо е навистина прекрасно, тоа допринесува за задоволување на повеќе вкусови (бидејќи обично во еден ден има барем по два натпревари кои заслужуваат да се пренесуваат), плус ни се нуди избор по наша желба (што сакаме да гледаме), што секако е еден од основните принципи во сериозното новинарство.
- Добар графички изглед на "резултатите во живо" кои одат во десниот горен агол кои нудат информација во секој момент без потреба да користиме ништо друго (livescore, телетекс или менување на канал за проверка)
- Солидна емисија за вовед во натпреварите, но уште подобар "импровизиран" завршеток на емисијата кога Сашо Кузмановски и Филе ги коментираат прегледите на останатите натпревари, каде брилијира Сашо со многу коректни информации за секој од останатите натпревари со многу пријатен коментар. (кој верувајте е извонредно напорен за "импровизација во одење", посебно кога играат екипи кои се од помалку познатите фудбалски првенства).
- Многу квалитетни најави на натпреварите, респектабилна употреба на македонски фонт при стрелците на головите во highlight-от и воедно квалитетна техничка организација на целокупната емисија.
Второ, она што е за мала критика и кое може да се подобрува:
- Од мали нозе ги следам италијанските емисии (шоу-а) кои ја забавуваат публиката која фудбалот не го гледа затоа што "мора да го гледа" туку затоа што им е забавно да го гледа. Емисии од типот на Quelli Che Il Calcio na Rai користеа публика во студио, познати личности, аналитичари за секоја екипа и вклучувања во живо од фудбалските стадиони, со забавни водители, хумор, сарказам и "карикатура" на тимовите и фудбалерите. Но тоа е голема ТВ машинерија која можеше да си дозволи да го направи сето тоа, а емисијата да не биде кич и заморна за гледање.
Така што Канал 5 и спортската редакција мора да се одлучат во која насока ќе се движи нивната емисија за Лигата на Шампионите. Дали ќе биде наменета за оние кои сериозно го гледаат фудбалот, дали за оние кои сакаат да се забавуваат или за помлада популација. Бидејќи ако ги измешаат овие три нешта (што мислам дека беше случај) добиваат програма со низок квалитет, која не постигнува сакан ефект.
Не велам дека ова што се прави е многу лошо, но во секој случај не е со висок квалитет, на која би требало да се цели.
како за пример:
*Публика во живо е непотребна ако не учествува директно во сценариото на емисијата. (мене лично ми е непријатно кога гледам 20 момчиња и девојки кои седат 120 + минути облечени во маички со логото на ЛШ и кои немаат никаква улога освен да примат пар дресови и спортска опрема кон крајот на емисијата). Точно е дека тоа дава "мала" атмосфера во студиото, но само мала!
*Гостите во студиото мора да бидат во тек со модерниот фудбал и да бидат прави "соговорници", подобро би било Филе да повика колеги спортски новинари (кои верувам дека многу подобро би анализирале фудбалски меч) отколку поранешни фудбалери, тренери или селектори кои користат едни-те-исти фрази, површни анализи, слабо се информирани и лошо звучат пред камера. Нема да полемизирам со нивната стручност, но по неброено многу нивни појавувања на слични емисии можам слободно да кажам дека премногу лошо анализираат странски фудбалски екипи кои впрочем ќе бидат главни протагонисти на натпреварите од ЛШ.
*Многу повеќе релевантни и стручни анализи од еминентни странски новинари/весници/магазини кои се наоѓаат на интернет како увод во натпреварите и како можна (многу подобра) замена за "соговорници" во студио (кои сваќам дека се тешки за пронаоѓање).
-Коментаторите се ок, емотивно се привржуваат за натпреварот, имаат солидна дикција и не ги "параат" ушите на слушателите, иако мора да се споменат серија забелешки:
*Бидејќи коментираат само двајца, мора да се обидат да ангажираат удвојување. Приметив дека паѓа квалитетот и на коментарот за тенисот и на коментарот на фудбалот поради секојдневна зафатеност на спортските новинари/коментатори. Така што во овие квалификации за ЛШ приметив лошо коментирање за екипите кои се помалку познати (Андерлехт, Селтик, Панатинаикос, Спортинг) поради тоа што коментаторите немаат време сериозно и професионално да ги истражат/анализираат/проучат тимовите, односно квалитетно да се подготват и да извршат коректен пренос кој ќе биде пријатен, забавен но пред се информативен за нас! (За квалитетно покривање на двете екипи со издржан коментар потребни се најмалку 2 дена макотрпна подготовка- не е доволно само начелно да ги познаваат играчите или екипите)
* Можеби ова барање е премногу (со оглед на кадровската политика)- но сведоци сме на многу поквалитетни коментари кога коментираат двајца коментатори, зошто канал 5 да не биде пионер во оваа област во Македонија (и овде не ги вклучувам повремените излети на А1 и МТВ со селектори или играчи ко-коментатори кои изгледаа бедно, во најмала рака вулгарно спрема публиката со својата не-воиграност и непрофесионалност со нискиот стандард). Како ко-коментатори можат да се појават коментатори гости, познавачи на тимска статистика, елоквентни фудбалски професори, судии или спортски работници (и да си ја коментираат својата област со синхронизираност помеѓу нив и коментаторот).
*Бегање од шаблонското коментирање само на "она што се случува на теренот", и повеќе позадински информации, факти, занимливости, прогнози...
Предлози:
-за да не биде дека само критикувам, еве неколку идеи за подобрување на емисијата која ја покрива ЛШ и Еуро лигата на Канал 5 и 5+
*Прилози, кратки ТВ есеи и репортажи за градовите или за стадионите или за историјата на тимовите кои играат може да биде многу интересно.
*Едукативно презентирање на клубовите кое може да изгледа забавно. Историјата на клубот, нивни најдобри играчи, успеси, посебности, историјата на градот, стадионот, навивачките групи, маскоти, потекло на нивните амблеми... и.т.н.
*Познати личности (па и "помалку" познати) кои биле во градот од каде што доаѓа тимот (пример играат Јувентус-Рубин гостин во студио кој бил во Торино или Казан) кои ќе можат да доловат атмосфера од градовите на екипите, нивни обичаи, специфичности...
*Столното фудбалче може да се замени со Фудбалска видео игра каде двајца добри играчи на Плејстејшн (или било што) би играле со екипите кои подоцна би ги пренесувале. (како една забавна прогноза за тоа како би се одвивал натпреварот)
*Спортски квиз во студиото (од типот Милионер) со прашања поврзани за ЛШ може да биде предлог за забавна содржина.
Сево ова се само предлози кои според мене би го подобриле преносот на натпреварите, а би биле оргинални и занимливи за пошироката публика... Има многу што би можело да се направи, но како што велат треба воља и треба "да ти текне".
Би сакал да се направи нешто квалитетно и уникатно, гледам дека се вложува напор па го поздравувам тоа.
На крајот се тоа може да им донесе профит на телевизиите и задоволство на нас- гледачите... а нели тоа е она за кое обете страни се интересираат.
Како и да е, им посакувам на спортската редакција на Канал 5 и 5+ да успеат во се што ќе замислат, и им посакувам успешна реализација на најважната "споредна" работа на светот.