Зидојче цајтунг
Косово и БиХ се легла на џихадисти
Весникот Зидојче цајтунг наведува дека Косово и Босна предводат во регрутацијата на џихадистите од Балканот, а истакнува дека во целиот регион се преземаат мерки кои предвидуваат и затворски казни.
Германскиот весник
пишува дека, „како и во другите сиромашни балкански земји со висока стапка на невработеност, и на Косово расте влијанието на радикалните сили“ и дека, според процената на косовската безбедносна служба и американска ЦИА, во војните на Блискиот Исток има 150 луѓе од Косово.
Весникот пишува и дека покрај Косовците, има и најмалку 140 лица од Албанија, 30 од Црна Гора и 20 од Македонија.
„Балканот, покрај западните земји со голем број муслимански малцинства, како Франција, Белгија и Англија, стана една од главните области за регрутирање на борци за Исламската држава (ИС) и други терористички групи во Европа“, пишува весникот, истакнувајќи ја како пример Босна, во која живеат 40 отсто муслимани.
„Во таа земја во која има 40 отсто муслимани, уште од босанската војна, на почетокот на 90-тите години од минатиот век, постои врска со радикалниот ислам. Тогаш дојдоа муслимани од целиот свет за на своите браќа по вера да им помогнат во борбата против Србите. Во изминатите години исламските фондации, најчесто со саудиски пари, засилено се ангажирани во Босна. Некои села, како што е Горња Маоча, важат за исламски тврдини“, пишува германскиот весник.
Весникот пишува дека босанската полиција пред неколку години го проценувала бројот на радикални исламисти на 3.000 луѓе и дека на почетокот на септември безбедносната служба на БиХ соопштила дека до 340 босански исламисти се приклучиле на ИС или други радикални групи во Сирија и Ирак.
Укажувајќи дека на Блискиот Исток над 40 косовски Албанци ги изгубиле живот во борбите, весникот пишува дека косовските власти во август и септември уапсија десетина наводни ветерани на ИС и агитатори, како и 15 исламисти, осомничени за тероризам, кршење на уставот и подбуцнување религиозна омраза.
„Муслиманите од Европа убиваат и гинат за ИС. Многумина од нив доаѓаат од Босна, Србија и Косово. Владите одговараат со бранови апсења, па дури и на имамите“, пишува Зидојче цајтунг. „Дури и граѓани на Србија, која е претежно населена со православци, одат на Блискиот Исток“.
Весникот додава и дека во речиси сите балкански земји, вклучувајќи ги Македонија, БиХ, Албанија, Косово, Црна Гора и Србија се подготвуваат акти за заострување на кривичните закони, за на исламските групи да им се отежни регрутирањето на борци, со затворски казни и до 10 години.
Кога станува збор за Македонија, весникот пишува дека претседателот Ѓорѓе Иванов кон крајот на септември го искористил својот говор во Обединетите нации за да ги повика Европската Унија и НАТО што побрзо да ја примат нашата земја, бидејќи во спротивно постои опасност радикалните исламисти да го пополнат „вакуумот“ на Балканот.