Бионика Фармацеутикалс инвестира 6 милиони евра во фармацевсткиот бизнис
Силвана Жежова
Компанијата веќе има склучено договори за пласман на своите производи на пазарите на Србија, Косово и Албанија.
Фармацевтската компанија Бионика Фармацеутикалс ја пушти во функција новата производствена линија за фармацевтски производи. Инвестицијата изнесува 6 милиони евра, а според плановите во втората фаза ќе се инвестираат дополнителни 4 милиони евра.
Во производсвениот објект кој е составен од производствена линија, контролна лабораторија, и магацин за суровини и готови производи ќе се произведуваат висококвалитетни фармацевтски производи кои ќе се пласираат на домашниот и на странскиот пазар.
Компанијата веќе има склучено договори за пласман на своите производи на пазарите на Србија, Косово и Албанија, а се очекува до крајот на годината извозот на овие производи да се прошири на останатите пазари на Југоисточна Европа.
„Ние докажавме дека и во Македонија преку партнерство со реномирани компании со големо искуство во оваа област можат да се произведуваат висококвалитетни фармацевтски производи по највисоки стандарди. Нашата следна цел е над 70% од производството да го пласираме на странските пазари со што ќе ја докажеме нашата висока конкурентност“, изјави Злата Нововиќ основач на Бионика Фармацеутикалс.
Во насока на зајакнување на своите позиции компанијата склучи догвор со италијанската New.Fa.dem од Наполи за производство и продажба на нивните производи за овие пазари.
Пуштањето во употреба на новата производствена линија го означија премиерот Никола Груевски и извршниот директор на германската компанија Мерк, Маркус Рауер.
„Постои голем притисок врз буџетите за здравство насекаде во светот, бидејќи имаме популација која постојано старее.Сите овие околности создаваат нова парадигма за нашиот бизнис, со што Мерк и неговите партнери мора да бидат водачи. Мора постојано да се менуваме и потребни ни се вакви претприемнички партнери како Варус да си ги обезбедиме работните места во светот“, истакна Рауер.
Премиерот Груевски го изрази задоволството што во оваа инвестиција од 6 милиони евра ќе има и втора фаза во која ќе се инвестираат дополнителни 4 милиони евра со што ќе се заокружи целосниот инвестициски циклус од 10 милиони евра што е одличен предизвик за секоја фирма.
„Секоја компанија која се одлучува за инвестиција, за реинвестиција на својот капитал, за проширување на својот производствен капацитет, за зголемување на бројот на своите вработени, за модернизација на производството, за зголемување на извозот во странство претставува пример за почит, за поздрав и посакуван партнер од секоја влада,“ изјави Груевски.
Бионика Фармацеутикалс е основана во 2010 година како заедничка инвестиција на Варус, Скопје, со 49% од основачкиот влог, Новос-Белград со 51%. Согласно со стратешките планови за развој на компаниите и проширување на странските пазари. Двете компании повеќе од 20 години се присутни на пазарите на Југоисточна Европа.
http://www.kapital.mk/mk/makedonija/88227/bionika_farmaceutikals_investira_6_milioni_evra_vo_farmacevstkiot_biznis.aspx